Рецензија: Македонските средношколки за во школо се облекуваат како за во диско (фото +16)
Неприфатлив е обидот преку фотографии преземени од интернет, со речиси никаква новинарска работа да се прави обид да се уверат читателите дека македонските средношколки неприкладно се облекуваат за на училиште.
Линк до оригиналниот напис: Македонските средношколки за во школо се облекуваат како за во диско (фото +16)
Датум и време на објавување: 16.09. 2014
Датум на рецензирање: 18.09.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Основниот проблем е што текстот содржи фотографии кои го поттикнуваат читателот погрешно да претпостави дека тие се однесуваат на Македонија. Всушност, станува збор за отворено ширење невистини до читателите дека македонските средношколки се облекуваат провокативно, со цел преку експлицитни фотографии да се привлечат кликови. Фотографиите се од непознат извор за кој сигурно може да се тврди само дека не е македонски. Во дел од македонските училишта со кодекс е уредено што смее, а што не смее да се носи, а во дел од нив воведени се и училишни униформи.
Ваквиот непрофесионален и крајно манипулаторски начин на „известување“ е уште полесен за изведување кога нема некој да побара правна заштита на својата приватност, зашто најверојатно овие девојки нема да ги забележат овие фотографии објавени токму на овој медиум. Не е познато од каде се, кога се фотографирани, ниту целта за нивното објавување. Се користи стереотипизација и претпоставка или мислење на авторот, кое на ниеден начин не е поткрепено ниту со изјави од извори, ниту со согледувања од терен.
Пораката што се чита меѓу редови е дека девојките се облекуваат провокативно за да ги возбудуваат мажите, што е понижувачко и дискриминаторско однесување. Неодговорниот пристап што се искористил вродил со резултат – непрофесионалално четиво. Далекусежната последица на ова „мачоистичко известување“ е претставувањето на жената како сексуален објект. Всушност, објавата нема идеја и поента, ниту план по кој ќе се сработи. Со еден збор-непрофесионално.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар