Рецензија: Македонско-грчки дуел на Собранието на ЕПП во Брисел

Македонско-грчки-дуел-на-Собранието-на-ЕПП-во-Брисел-crop-resize

Едностран текст во кој е застапена само една страна на учесниците во настанот и се базира врз вест на агенцијата МИА. Текстот ни најавува дуел, а од дуелот го дознаваме само монологот.

За време на Собранието на Европската народна партија, во која членуваат најголем дел европски демо-христијански партии, присуствувал и меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Ѓорчев. За време на состанокот тој ги информирал учесниците од другите земји дека Македонија добила препорака за почеток на преговори за членство со ЕУ, но дека оваа препорака нема да донесе преговори поради тоа што се очекува грчко вето на самитот на ЕУ во декември. На ова, претставникот на Грција, кој не е именуван, „жестоко реагирал„, а во „заштита на македонските политики застанале поголемот дел од присутните“, вели текстот.

Во изјава за МИА, Ѓорчев наведува дека тој денеска ги информирал сестринските народни партии за добивањето на нова препорака од Европската комисија Македонија да ги почне пристапните преговори, но дека може да се очекува ново грчко вето на декемврискиот Самит на Советот, по што грчкиот претставник жестоко реагирал изнесувајќи аргументи против македонската држава.

Во понатамошното читање не дознаваме што е речено против Македонија и со кои аргументи останатите учесници ја бранеле нашата држава и покрај тоа што, како учесник во разговорот, кој застанал на македонска страна, се наведува и претседателот на оваа политичка група.

Кога станува збор за политичар и важен политички настан како што се преговорите, новинарските правила наведуваат политичарот да биде точно цитиран за да се избегнат шпекулации за неговите ставови.

Патем, треба да се спомене дека на овој состанок на Европската народна партија е избран новиот претседател на групата, Французот Жозеф Дол. Но, ни за тоа не добиваме информација, освен дека Дол можеби ќе биде идниот претседател на Европскиот парламент што е чиста шпекулација и така и ќе остане сѐ додека кандидатот, кој ќе ја води политичката група на наредните европски избори во мај вгодина, не биде именуван од страна на политичката група на народните партии што треба да се случи во март 2014 година.

Македонско-грчки дуел на Собранието на ЕПП во Брисел - 2013-11-14_19.05.42Линк до оригиналниот напис: Македонско-грчки дуел на Собранието на ЕПП во Брисел

Датум и време на објавување: 13.11.2013

Датум на рецензирање: 13.11.2013

Рецензент: Светлана Јовановска

Вистинитост: Не може да се утврди што е вистина во овој текст, бидејќи тој ни изнесува само една страна на настанот.

Извори на информации: Изворот на информации е агенцијата МИА и изјавите на политичарот Влатко Ѓорчев.

Содржајност: Текстот има проблем со својата содржајност. Дадени се повеќе детали за средбата на која било зборувано за Македонија во Брисел, но веста не е сеопфатна. Таа крие дел од информациите за да остави впечаток дека единствениот став кој на средбата добил на важност е тој што го застапува пратеникот  на владеачката партија. Иако изјавата на грчкиот претставник е негативна за Македонија новинарот требало да ја наведе и да им остави на читателите можност самите за донесат оценка.

Пристрасност: Текстот е пристрасен, бидејќи ни дава само една верзија на политичкиот настан.

Коментирање: Информацијата е направена како вест, но може слободно да се каже дека целиот текст претставува еден вид коментар со оглед на тоа што во него се ставени изјави на само еден човек кој го прераскажува настанот на кој присуствувал и на кој се зборувало за значајна политичка тема.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е делумно пренесен од агенцијата МИА.

Квалитет на насловот: Насловот е тенденциозен и неточен. Ни најавува размена на мислење помеѓу Македонија и Грција, но за грчкиот дел од “дуелот” дознаваме само дека грчкиот претставник ја нападнал нашата земја без да дознаеме што кажал.

ФотографијаФотографијата е само илустрација дека станува збор за Македонија и Грција преку фотографии на нивните знамиња.

Заклучок: Добиваме само една верзија на настанот, онаа на ВМРО-ДПМНЕ. Останатите учесници се тука за да го повтрдат ставот на авторот.

Авторот на текстот тврди дека имало многу учесници во расправата, но нам, како на читатели, ни останува единствено да веруваме на зборовите на секретарот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи  текстот не нé информира за тоа што учесниците точно кажале.

Намерата на текстот е да му прикаже на читателот дека само еден човек не бил во право а тоа е грчкиот претставник на состанокот и со тоа оваа земја да се прикаже како негативна.

Точно е дека Грција го блокира македонското доближување до ЕУ, но улогата на новинарот, во ваков вид информација, не е да каже кој е виновен туку прецизно да ги наведе изјавите.

Уверени сме дека најголемиот број учесници без сомнение застанале на ставот дека Македонија треба да почне преговори во декември, особено по петтата препорака на Европската комисија во таа насока. Но, во политичката групација каде што е членка грчката владеачка партија и каде што сериозно се води сметка за рамнотежа при изјавите за политиката на било која земја, искажаните ставови се од интерес за публиката, без оглед дали се негативни или позитивни. Овој текст не покажува интерес за изјавите на било кој друг освен претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција