Рецензија: Македонците – печалбари во Катар на лезет работа
„Од Македонија не се испраќаат градежници на работа во Катар, а оние ангажирани во другите сектори, работат во добри услови. Ова го тврдат агентите за посредување при вработување во странство, откако во понеделникот Амнести интернешнл (АИ) објави вознемирувачки информации дека странските работници во Катар се третираат како животни. АИ ги обвини властите во Катар дека странските работници кои работат на изградбата на објектите за Светското првенство во фудбал во 2022 година се изложени на разни облици на злоупотреби и на експлоатација, на казнувања и неплаќање за работата што ја вршат, им се даваат обврски кои често се опасни по животот, како и дека живеат во крајно мизерни услови, поради што голем дел од нив завршуваат во болница.“
Текстот се однесува на маките на градежните работници во Катар, една од земјите во Персискиот залив, заради вознемирувачките вести кои ги објави Амнести Интернешнел (АИ) и британскиот весник Гардијан и ја трга настрана можната вознемиреност околу тоа дали таму има и наши државјани. Медиумот потврдува посредно дека во Катар работат Македонци, но на „лезет работи“, со што се отвора извесна двосмисленост во насловот.
Недоволно истражување за тоа каква е реално положбата на македонските гастарбајтери во оваа земја, прави, можеби и без тоа да е цел, реклама на оние агенции кои испраќаат таму наш „кадар“.
Линк до оригиналниот напис: Македонците – печалбари во Катар на лезет работа
Датум и време на објавување: 20.11.2013
Датум на рецензирање: 21/11/2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Дали платата од 500 евра во земјата со едни од најтешките климатски услови во светот со голема социјална изолација, заради драстичните културни разлики и без вообичаената заштита на работното место, може да се смета за примамлива? Според текстот – да! Откако без поголема концентрација се прескокнува можноста дека нашите работници работат во оние професии, кои се сега под лупа на светската јавност, се спуштаат критериумите за тоа колку другите професии се предмет на мобинг или злоупотребување на работниците.
Реакциите, кои ги има под текстот во интернет изданието, јасно укажуваат дека нашите работници таму не можат да дадат отказ, дека им се земаат пасошите, дека мора да плаќаат пенали ако сакаат да си заминат и слично, а дека заработуваат само оние кои под услужни дејности ја препознаваат проституцијата.
Извори на информации: Не се кажува прецизно на кој извештај се мисли во оценката на АИ за вознемирувачка положба на работниците во оваа земја. АИ, според наши проверки, нема извештај за состојбите со работниците во оваа зема и дури повикува да добие информации за ова од било кој релевантен извор. АИ само се повикува на едно истражување спроведено од весникот Гардијан, кој е поврзан со изградбата на спортски стадиони во оваа земја, а кој е објавен во понеделникот (18 ноември), што АИ го проценува како повод и за своја реакција. Таму работат главно работници од Јужна и Југоисточна Азија, се вели во тоа истражување, а не се прецизира од каде се оние другите работници.
Дека нема наши градежници весникот заклучува индиректно – кај нас имало интензивни градежни работи и работа има, а платата во Катар не е толку привлечна! Ова не може да се признае како релевантен „извор“, а ниту Синдикатот, ете, не е од помош, бидејќи чека и него некој да го информира.
Содржајност: Неможноста да се допре до некои релевантни податоци за темата од наднасловот, се покрива со изјава на претставник на агенција која испраќа работници во Катар и негово цитирање на искуство од неименувана келнерка која била задоволна од платата (!) и можноста од заштеда. Без директни искуства на оние одат во Катар – кои секако можат да се добијат со мал напор – текстот делува како да има „набилдана содржајност“.
Пристрасност: Текстот зема здраво за готово два факти – дека кај нас за градежните работници е доволно добро за тие да не мора да одат во Катар, каде секако не е добро. Ама зошто тогаш би било толку добро за оние од услужните дејности? Од кога 500 евра се добра плата за така далечна дестинација и богата држава? Едното тврдење оди „на конто“ на оние „кои барем градат“, односно се дел од економската пропаганда на власта, дури и кога работниците ни паѓаат од скелиња секој ден. Второто тврдење оди во корист на оние кои ангажираат наши работници во другите сектори.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е потпишан и оригинален. Од формална страна гледано тој е навремена реакција на импулс од странските весници.
Квалитет на насловот: Насловот е, како што веќе укажавме, двосмислен. Посебно кон оние припаднички на понежниот пол кои таму даваат разни услуги (па и физиотерапевтски, на пример). Тој во основа служи за тривијализација на напорот на новинарот и веројатно се должи на уредничка интервенција.
Фотографија: Фотографијата е илустративна и покажува собарка во еден катарски хотел. Ако го заборавите насловот, делува дури и неутрално.
Заклучок: По овој текст треба да се очекува дека пријавувањето за работење во Катар кај наведените агенции ќе се зголеми. Само ако читателот не ги прочита реациите на оние со искуство во оваа земја, ставени под текстот во интернет изданието, што како аларм може да ја внесе скепсата во однос на присутните „препораки“ за пат кон Катар и Персискиот залив.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар