Рецензија: Макрадули, Бендевска и Спасовски фатени при пишување графити во општина Центар?
Кога некој свесно ќе објави лага, тоа е како да расфрла пердуви од перница – кога се демантира, тоа е како да се собира пердув по пердув.
Линк до оригиналниот напис: Макрадули, Бендевска и Спасовски фатени при пишување графити во општина Центар?
Датум и време на објавување: 21.04.2013, 13:37
Датум на рецензирање: 23.04.2013
Рецензент: Биљана Илиќ
Вистинитост на факти: Порталот Комуникации, повикувајќи се на Прес 24, пренесува сензационална вест дека пратениците Макрадули, Бендевска и Спасовски биле фатени при пишување графити во општина Центар. Објавени се и детали за настанот. Подоцна Комуникации објавува демант на веста, кој ја изгубил смислата.
Интересно е дека неточноста на основната информација може да се забележи и во првичната вест. Имено, во самиот текст се тврди дека пратениците биле забележани на истата улица каде што било пријавено дека се пишувале графити, но немало доказ дека тие ги пишувале, бидејќи во рацете немале спрејови, ниту пак биле затекнати за време на пишување графити. Ако е така, врз основа на што се тврди дека пратениците била фатени „при пишување графити“?
Се разбира, оставен е простор и за „досетливо“ толкување – во текстот пишува дека пратениците биле фатени „при пишување графити“, а не „како пишуваат графити“. Од формален аспект, тоа можело да биде и точно. Но, ако пратениците само набљудувале како се пишуваат графити, а самите не пишувале, зошто тогаш некој (полицијата, во случајов), би се осмелил да ги „фаќа“? Од кога присуството „при пишување графити“ е кривично дело или прекршок?
Извори на информации: Комуникации пренесува дека информацијата на Прес 24 се повикува на „полицијата“, како официјален извор. Сепак, со оглед на тоа дека во веста се пренесуваат директни обвинувачки наводи за три лица, задолжително било од нив да се побара изјава. Веројатно на инсистирање на засегнатата страна, подоцна е објавен демант.
Содржајност: Веста е половична и еднострана и го прикрива одговорот на засегнатата страна.
Пристрасност: Смислата на пласирањето на очигледно лажната информација е да се оцрнат пратениците на опозицијата и да се прикажат како нарушувачи на изборниот процес. Порталот Комуникации се придружил кон таа политичка манипулација на написот-изворник.
Плагијат: Наведено е дека автор на написот-изворник е Прес 24 и објавен е линк, што е добра практика. Интересно е дека написот во Прес 24 е повлечен и линкот сега е безвреден.
Квалитет на насловот: Како што веќе нагласивме, клучната информација, што ја носи и насловот, е неточна и манипулативна – фразата „при пишување графити“ сака да укаже дека пратениците биле инволвирани во недозволена активност, што е очигледна тенденциозност.
Практика е ваквите спорни наслови на крајот да се украсуваат со прашалник, кој не врши некоја голема работа во случај на судски процес за клевета, туку напротив, укажува на тоа дека авторот бил свесен дека информацијата што ја пласира можеби е неточна.
Уреден за веб: Текстот не е доволно читлив заради самиот фонт кој не е многу ситен, но е многу засилен (дебел, болд), што во комбинација со неуредноста при обработката на параграфите, го прави визуелно непривлечен и поради тоа, средно читлив.
Заклучок: Без оглед кои биле мотивите на авторот на написот-изворник, добра професионална одлука на порталот Комуникации била веднаш да ја сослуша и другата страна. Кога тоа би се направило, би се отстранила потребата од објавување демант.
Засегнатите лица се познати јавни личности и било релативно едноставно да се добие изјава од нив. Вака, непромислено се објавени сериозни обвинувачки факти, при што нивното подоцнежно демантирање не го отстранува впечатокот дека е извршена манипулација со вистината.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар