Рецензија: Малезијци ќе го преплават Скопје годинава
Оваа, по форма проширена вест, е текст кој нема допирни точки со сериозното новинарство. Има изнесено тврдење на два пати и тоа требало да биде веста, но, никаде, со ниту еден аргумент, ниту, пак, со некој извор, е поткрепено тврдењето изнесено во насловот и во воведот. Апсурдноста е уште повеќе потенцирана со тоа што веста, како прилог и како текст, е објавена на платформите на јавниот сервис, каде професионализмот би требало да биде еден од главните адути.
Линк до оригиналниот напис: Малезијци ќе го преплават Скопје годинава
Датум и време на објавување: 16.01.2014,17:26
Датум на рецензирање: 19.01.2014
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Има повеќе факти изнесени во текстот, но за главниот не може да се утврди веродостојноста.
Извори на информации: Во текстот има мешавина од извори, кои се и официјални и анонимни, но, за самата вест – дека Малезијци ќе го преплават Скопје годинава, немаме никаков извор. Оттука не може да се оцени ни дали е релевантен, ниту актуелен. Ако го имало, изворот дефинитивно бил едностран.
Содржајност: Веста е несеопфатна, пред сѐ, бидејќи немаме никакво образложение за неа. Има некаква поткрепа на други тврдења во текстот, но, не и за веста и оттука таа може да се оцени како несодржајна.
Пристрасност: Се покажува пристрасност од непозната побуда. Преку веста се сака да се увери јавноста дека Малезијци ќе го преплават Скопје и тоа годинава, а не е понуден ниту еден аргумент за тоа тврдење.
Коментирање: Има коментирање дека стратегијата за туризам што ја напишала Владата е тешка работа и дека иста таква тешка работа ќе имале и туристичките агенции:
Владата креираше стратегија за привлекување гости, но тешка работа имаат и домашните туристички агенции.
Коментар е и дека „подобруваме нешто што не се купува со пари“:
Додека го подобруваме она што не се купува со пари, Владата инвестира 155 милиони денари за промоција на земјата на 15-тина светски саеми меѓу кои Лондон, Мадрид, Истанбул, Берлин.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално дело, несомнено. Авторот е наведен.
Квалитет на насловот: Насловот е сензационален. Тој со ништо не е поткрепен, можеме да го сметаме за тенденциозен и со шанси да биде дезинформација.
Фотографија: Фотографијата е релативно соодветна. Нејзиното авторство не е наведено.
Заклучок: Ако се напишело дека „Марсовци ќе го преплават Скопје годинава“, тоа во суштина ништо немало да промени за останатиот дел од текстот, кој требало да биде проширена вест.
Пред нас имаме вест која со ништо не е поткрепена. На јавноста ѝ е понуден сензационален наслов – „Малезијци ќе го преплават Скопје годинава“. Истото тврдење е изнесено во почетокот на веста. И потоа – ништо. Потоа читателот или гледачот, кој очекува макар со еден аргумент да биде објаснето тврдењето во насловот и во главата на веста, останува разочаран, бидејќи такво објаснување нема.
Во натамошниот дел од текстот јавноста може да разбере дека тој се однесува на состојбите во туризмот генерално, па некритично се наведуваат статистички показатели и се расправа за некои од сегментите на проблематиката (демек што недостасувало), за да се поентира со тврдењето дека извршната власт максимално се труди туризмот до 2020 година да учествувал со 5 отсто од создадениот БДП.
Станува збор за целосно нестандардно и непрофесионално создаден новинарски производ, од кој јавноста може да биде дезинформирана или во најмала рака збунета.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар