Рецензија: Малку поинаков 8-ми март за Сара Николовска

Tera Television on the viwers side Малку поинаков 8 ми март-crop-resize

Основната забелешка за овој материјал насловен : „Малку поинаков 8-ми март за Сара Николовска “, е што не заслужува да биде медиумска вест! Нејасно е врз основа на што е заклучено дека оваа информација е важна за публиката ( гледачите), па како таква има потенцијал да биде вредна медиумот да ја објави? По гледањето на „прилогот“, во кој новинарката со возбуда раскажува како една млада битолчанка за денот на полнолетството од нејзиниот вујко добила подарок автомобил, првото прашање кое само се наметнува е: „а, кому му е гајле за тоа!?“

И можеби би имало некакво разбирање за ваков тип медиумски производ, доколку се работи за повеќе или помалку експонирани личности од естрадата, културниот, јавниот и политичкиот живот во државата, меѓутоа, девојката и нејзиниот вујко, кои се напишани со име и презиме, за пошироката јавност се непознати личности.

Вториот аспект е етичката димензија на материјалот. Станува збор за лична работа. Можеби споменатите личности се слогласиле да бидат медиумски експонирани, но тоа не го знаеме. Од друга страна, пораката што се испраќа со величење на ваквиот гест на вујкото, а ставен во контекстот „додека  сите го прославуваа денот на жените низ рестораните во Битола“ е приземна и многу, многу невкусна!

Tera Television on the viwers side Малку поинаков 8 ми мартЛинк до оригиналниот напис: Малку поинаков 8-ми март за Сара Николовска

Датум и време на објавување: 11.03.2014, 18:15

Датум на рецензирање: 14.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

НОВИНАРСКИ „ПРОБЛЕСОК“

Во конкретниот случај воопшто не станува збор дали „прилогот“ е вистинит. Кога пред нас имаме ваков материјал, едноставно нема поента да се проверува неговата вистинитост, изворите, да се разгледува од содржински аспект или да се приговара на грешки. Во новинарската лекција „Зошто шлицот на Груевски стана вест на денот?“, се наведени критериумите кои ја орпеделуваат една вест како медиумски вредна:

„за информацијата да се „квалификува“ да стане вест, таа треба да содржи новост, да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди), да се однесува на настан или на состојба која е што поблиску до нас (блискост), да се однесува на познати луѓе (проминенција), да се однесува на некоја конфликтна ситуација и да биде атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна. Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите“

Материјалот што го рецензираме не содржи таква новина која засега повеќе луѓе, освен најблиското опкружување на девојката. Случката е локална, но не може да се оквалификува како настан, не се однесува на познати (јавни) личности , ниту, пак, се однесува на некоја конфликтна ситуација која може да биде предмет на интерес за поширокиот аудититориум. Така што, овој новинарски „проблесок“ не задоволува ниту еден од наведените критериуми за да може да се промовира како вест.

 

ОВЕКОВЕЧЕН МОМЕНТОТ!

Овој материјал, освен што сериозно отстапува од тоа што значи стандард во новинарството, покажува и нагласена пристрасност. И тоа со самата интонација и со коментаторскиот манир во кој е срочен. Се добива впечаткот како авторката да е пресреќна, што „случајно“ се нашла на „местото на настанот“ и ја имала таа чест да го „овековечи моментот“! Четирите реченици, со кои, всушност, се коментира „настанот“, се искажани со воодушевување, а тоа уште понагласено се забележува на тонското парче.

Додека сите го прославуваа Денот на жените низ рестораните во Битола, една битолчанка имаше повеќе причини за прославување.На денот кога стана полнолетна, Сара Николовска, си доби на поклон автомобил. Нејзиниот вујко Јован Бошковски се одлучи да и приреди изненадување и и купи опел тигра. Овој 8- ми март за Сара беше поинаков и ќе и остане уште долги години во сеќавање, а ние и посакуваме внимателно да вози низ битолските улици.

 

26  СЕКУНДИ СЛАВА

Овој новинарски производ е оригинален пример какви написи не треба да се прават. Уште кога ќе се погледне насловот паѓа во очи дека личноста која се споменува е непозната во јавноста, па веднаш станува сосема небитно дали го прославила 8 Март на „вообичаен“, на „малку поинаков “ или на целосно „атипичен“  начин! Како што, во принцип, е неважно какви подароци си разменуваме со блиските роднини или пријателите. Тоа е исклучиво приватна  работа. Во таа смисла медиумската промоција на подарокот од вујкото е погрешен и сосема непотребен потег.

Гледано од професионален аспект,оваа медиумска содржина е целосно промашување. Материјалот, што е предмет на оваа рецензија, ја поминува линијата на добриот вкус и во најмала рака претставува навреда за гледачите, но и за она што се нарекува професионално и етички исправно новинарство. Во крајна линија, материјалот е некоректен и кон личностите кои се ставени во „главна улога“, независно дали тие се согласиле да имаат „26 секунди слава“ на локалната телевизија. Бидејќи со ваквиот медиумски видео запис, тие, вројатно, се предмет и на зајадливи коментари кај еден дел од локалното население.  Авторката, особено уредниците во медиумот, несомнено биле свесни дека „прилогот“ нема да ја доведе во состојба на егзалтација целата битолска јавност, туку ќе предизвика и негативни реакции.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција