Рецензија: Маскирани разбојници го однесоа дневниот промет од обложувалница „Спорт Лајф“, во Ѓ. Петров

КАНАЛ-5-Телевизија1-0987-098-crop-resize

Кој брза – тој и греши. Но, кој не си ги поправа грешките од брзањето, ја дезинформира публиката. Оваа „равенка“ некогаш доведува до комични ситуации, па, така, насловот и поднасловот тврдат едно, а подолу во текстот стојат други информации. А, се работи за текст од „цели“ две реченици.

КАНАЛ 5   ТелевизијаЛинк до оригиналниот напис: Маскирани разбојници го однесоа дневниот промет од обложувалница „Спорт Лајф“, во Ѓ. Петров

Датум и време на објавување: 26.08.2014

Датум на рецензирање: 27.08.2014

Рецензент: Стојан Синадинов

Навистина, што е вистината во овој текст? Најпрвин во насловот и поднасловот текстот категорично тврди дека е ограбен дневниот промет од една обложуалница:

„Две маскирани и вооружени лица од вработениот во спортската обложувалница Спорт Лајф на ул. Ѓорче Петров го одзеле целиот дневен промет.“

Текстот се повикува на извори од МВР, со стандардни информации за местото и времето на настанот. Но, веднаш се забележува дека институцијата посочува дека се работи за пријава за кражба, што не е исто што и оперативно сознание:

„МВР информира дека на 25.08.2014 година во 22,10 часот во Скопје на ул.„Ѓорче Петров“ пријавено е дека во спортската обложувалница „Спорт Лајф“, две лица маскирани и вооружени со огнено оружје-пиштол, извршиле разбојништво над вработениот М.М.(29) од Скопје при што одзеле околу 275.000 денари од дневниот промет.“

Не е јасно дали овој текст е обновен, бидејќи никаде не стои назнака за тоа, но веќе во втората реченица си ги демантира насловот и подналовот:

„По преземени мерки и обавениот разговор со пријавителот, утврдено е дека се работи за лажно пријавување. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.“

Така, дури и при просто преземање на веста од полицискиот билтен, текстот „успеал“ целосно да ја изврти вистината.

Во тоа, секако, предничи тенденциозниот наслов, кој создава забуна кај читателите.

Во тој стил е и фотографијата, која манипулира дека е преземена од евентуалните сигурносни камери во објектот каде што се случил настанот. Ако по преземените истражни мерки е утврдено дека се работи за лажно пријавување, од каде тогаш фотографија со двајца маскирани крадци?

Веќе во првиот став од Кодексот на новинарите на ЗНМ стои:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

Во времето на „брзите“ информации на интернет, читателите и не се задржуваат на веста повеќе од насловот и поднасловот, евентуално лидот на текстот. Уште помалку имаат време – и желба и трпение – да анализираат дали е точна првата или втората реченица, кои го сочинуваат целиот текст.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција