Рецензија: Мехмети: Пендаровски се обидува да им се допадне на ДУИ, но тоа не е тоа

Мехмети Пендаровски се обидува да им се допадне на ДУИ но тоа не е тоа Press24-crop-resize

Во веста насловена „Мехмети: Пендаровски се обидува да им се допадне на ДУИ, но тоа не е тоа“,  со нагласена тенденциозност е пренесена изјавата на пратеничката од ДУИ. Притоа, се манипулира со тоа што Мехмети јавно го кажа во Прес-центарот во Собранието, па во насловот се пласира една конструкција која, фактички, е дезинформација. Тоа се прави  со јасна намера да се дискредитира кандидатот на опозицијата за претстојните претседателски избори.

Мехмети Пендаровски се обидува да им се допадне на ДУИ  но тоа не е тоа Press24Линк до оригиналниот напис: Мехмети: Пендаровски се обидува да им се допадне на ДУИ, но тоа не е тоа

Датум и време на објавување: 5.03.2014, 16:29

Датум на рецензирање: 6.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ПРОИЗВОЛНО ТВРДЕЊЕ – КОМЕНТАТОРСКИ СПИН

Веста е како „пресечена“ со нож. Таа се темели на еден фрагмент од изјавата на Мехмети,  кој што  е точно пренесен:

Номинацијата е друго прашање, а кандидатот како личност е друго прашање. Ние говориме за процеси и концепти, не говориме за конкретни кандидати. Имаме кандидати, и некои се чини како да се обидуваат на некој начин да ја рефлектираат идејата, но тоа не е тоа“ 

Токму овој  дел од нејзиниот исказ го пренесоа речиси сите медиуми.

И тука завршува вистинитоста на овој материјал.

Веќе во следниот пасус  од веста се манипулира со изјавата на пратеничката. Имено, произволно се толкува  дека  „Мехмети мисли на Стево Пендаровски“.  А потоа, на публиката како генерална вистина  и се сервира целосно непоткрепеното  тврдење,   дека тој „уште пред да биде официјализиран како кандадат почна да им се додворува на Албанците  во надеж дека ќе направи нешто повеќе на изборите со нивните гласови“ . Што несомнено е направено намерно, за да се оправда конструкцијата искажана во насловот: „Мехмети: Пендаровски се обидува да им се допадне на ДУИ, но тоа не е тоа“.

Нема поента да се разгледува содржајноста на оваа куса вест,  која на читателите уште во насловот им подметнува  невистинита информација. Со свесното пласирање  невистини за кандидатот на опозицијата, се покажува наклонетост кон другата политичка опција. Вториот дел од веста, всушност, е коментаторски спин.

 

НЕВИСТИНА ВО НАСЛОВОТ

Насловот е најпроблематичен елемент на оваа куса вест. Во него свесно е пласирана невистина. Тој е така интониран што делува прилично омаловажувачки за личноста на Пендаровски. Згора на сѐ,  даден е во форма на цитат од изјавата на Мехмети, како таа експлицитно да го посочува Пендаровски. Што не е точно. Мехмети во изјавата воопшто не споменува поименично ниту еден од кандидатите. Впрочем, дел од медиумите ја пренесоа реакцијата на Мехмети , која на својот фејсбук профил напиша дека не мисли на опозицискиот кандидат: „Стево Пенадаровски НЕ Е консензуален кандидат“ .

Во овој материјал нема говор на омраза, но конструкцијата на крајот од веста дека Пендаровски,  наводно, „им се додворувал на Албаците“ за да ги добие нивните гласови , прозвучува навредливо.

Идејта на веста што ја рецензираме не е да пренесе точна и објективна информација, туку да му наштети на претседателскиот кандидат на опозицијата. Дезинформацијата во насловот и начинот на кој е скроена веста укажуваат на еден лош новинарски производ, кој остава впечаток дека е ставен во функција на политичка пресметка за изборни цели. Ова е во спротивност со професионалните новинарски стандарди, кои подразбираат обезбедување дистанца од политичките субјекти, како и избалансирано и непристрасно известување од изборите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција