Рецензија: Момче од Штип повредено од заталкана дијабола

FireShot-Screen-Capture-001-КАНАЛ-5-Телевизија-kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID42471-crop-resize

Подобро е веста да биде кратка и јасна, отколку со сила да се развлекува, при што на виделина излегува елементарно непознавање на темата за која се пишува. Веста која ја рецензираме е од јавен интерес и заслужува внимание. Насловот сосема јасно кажува што се случило и на што треба да се внимава кога во раката се држи оружје, во овој случај воздушна пушка. Но, содржината која следува понатаму може да ги вознемири и збуни граѓаните.

FireShot Screen Capture #001 - 'КАНАЛ 5 - Телевизија' - kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID=42471Линк до оригиналниот напис: Момче од Штип повредено од заталкана дијабола

Датум и време на објавување: 22.06.2014, 12:19

Датум на рецензирање: 23.06.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

КВАНТИТЕТ НА СМЕТКА НА КВАЛИТЕТ

Содржајност на една вест или информација не се збогатува со вештачко билдување за, кога ќе се објави, по форма да биде габаритна. Нејзината содржина треба да биде базирана на точни и проверени информации поткрепени со факти.

Во овој случај тоа го немаме, а габаритот е зголемен со непроверена информација која може да предизвика вознемиреност кај граѓаните дека „наместо врапци, штипјанец бил мета на невнималелен ловџија“. Нема сомнеж дека дијаболата од воздушната пушка завршила во раката на штипјанецот, но со ништо не се потврдени две констатации: дека „некој ловел врапци па погодил момче“ и дека како сторител во прашање е  „невнимателен ловџија„.

 

ДЕЖУРНИ ВИНОВНИЦИ

Неправедно е за секој инцидент со оружје веднаш со прстот да се покажува на ловџиите. Така се стигматизира цела една категорија на граѓани-ловџии, „како невнимателни и опасни по околината“.
Паушална е констатацијата „невнимателниот ловџија се уште не е идентификуван“. Ако не е идентификуван, од каде знаеме дека станува збор за ловџија. Веста не се повикува ни на каков извор кој вели дека тој што пукал бил ловџија. Ловџии, според Законот, не ловат со воздушни пушки и оружјето генерално го поседуваат легално. Тоа можело да се провери во Правилникот за видови оружје што можат да набават.

Настанот се користи и да се актуелизира генералниот проблем со чести повреди од оружјето. Тоа може да биде легитимна содржина на веста, но притоа мора да се внимава формулациите да бидат прецизни и во контекст. Убојното дејство на воздушното (пневматско) и огнено оружје не можат да се изедначуваат и да се стават во ист контекст. „Случајот со ранетото момче, повторно, по повеќе години, го актуелизира пробглемот со ракување на огнено оружје во градска средина“.

Ова асоцира и може да ги вознемири читателите дека „со оружјето се ракува во градска средина“. Ако се сакало да се отвори пошироката тема околу ракувањето со оружје, требало да се објасни дека според Законот, освен за службени лица, на сите други им е забрането да носат оружје на јавни места (Закон за оружје). Несреќите и повредите со оружје, пак, најчесто се случуваат од страна на лицата кои оружјето го поседуваат нелегално.

И, на крајот, фотографијата е крајно вознемирувачка, бидејќи е прикажана софистицирана снајперска пушка со голем калибар која не може да се спореди со воздушна пушка со која „при обрабтка на раната лекарите утврдиле дека 28-годишниот пациент се здобил со лесна телесна повреда, предизвикана од дијабола, односно стандардна муниција за воздушни пушки“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција