Рецензија: Муслимани ќе протестираат поради звучниците на џамиите
Текстот e објавен најпрвин на сајт како реклама за она што може да се прочита во истоимениот неделник во печатена форма. Авторот се обидува од повиците преку разгласот за молитва во џамиите да направи проблем таму каде што го нема, што може негативно да влијае на меѓурелигиските односи. Повеќе е во фунцкија да мобилизира („Ќе има протести“, „Ќе се организираат протести“) отколку што информира. Има вознемирувачки елементи кои се базираат на разговор со претседател на НВО „Илоја“ за која не се даваат никакви податоци во врска со тоа која е нејзината целна група и со што конкретно се занимава.
Линк до оригиналниот напис: Започнуваат протеси поради звучниците на џамиите
Датум и време на објавување: 20. 09. 2013
Датум на рецензирање: 24. 09. 2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Написот не ја дава реалната и вистинската слика за проблемот, при што авторот прави проблем со свои констатации и конструкции. Ја прикрива вистината дека муезинот (верски службеник кој повикува на молитва во исламската религија) лично повикува на молитва, а не преку ЦД, притоа користејки микрофон и засилувач, а „не спие дома за тоа време“ како што сака авторот да прикаже.
Се повикува на делови од Куранот, кои не постојат (…„во Куранот ниту во која било друга исламска книга не пишува дека оџата треба во четири часот наутро да спие“…).
Во написот нема автентично толкување на повикот на муезинот, како ни најважниот податок дека тој повик никогаш не трае повеке од 2-3 минути, а вечерниот уште пократко, така што авторот свесно го предимензионира проблемот.
Изнесува неточен и произволен податок дека силината на звукот од повикот за молитвата е повеќе од 200 децибели (подолу самиот автор констатира дека никој не ја мерел силината на звукот).
Се повикува на анонимни соговорници кои не живеат во делови на градот каде што може да постои реален проблем (Бит Пазар, Чаир, Гази Баба, Бутел. Тафталиџе два, Нерези, каде што е значајна концентрацијата на исламските верски објекти). Написот повикува/упатува на протести, а нема информација ни кога, ни каде, ни во колку часот ќе се одржат.
Изјвата на претседателот на НВО не е рефернтна и нема допирни точки со проблемот, целната група и дејноста на невладината организација. „Илоја“ е организација за хуманитарна помош за ромско население во населбата Тодор Чангов во село Лисиче, каде воопшто не постои ваков проблем – нема џамии. Другите соговорници, пак, се анонимни.
Авторот се занимава со неуко толкување на Куранот, ги меша надлежностите, вмешува полиција без повикување на изворот, дава свои нејасни толкувања на законски прописи и се обидува да едуцира како да се измери звукот.
Извори на информации: Главниот извор на информациите е соговорникот од НВО „Илоја“, анонимна и маргинална хуманитарна организација за помош на хендикепирани лица од ромска националност. („Илоја“ е регистрирана со седиште во населбата „Тодор Чангов“ на истоимената улица број 35. Оваа населба е силна логистика на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Хуманитарната организација е активна воглавно во предизборните активности кога дели „хуманитарна помош“ на локалните Роми).
Вториот извор е порптаролот на ИВЗ кој практично ги демантира тезите на новинарот и дава дијаметрално спротивна изјава од тврдењето на авторот дека муезинот повикот за молитва го пушта од ЦД (… „Според исламските прописи муезинот треба да повикува за молитва и тоа го прави природно, значи со својот глас“…).
Содржајност: Текстот е хаотичен, конфузен, се префрла од една тема на друга, од џамиите на православни камбани и на католичката црква, на методологија на мерење јачина на звук, на современите мобилни телефони, темата е само површно начната и професионално недоработена. Таа создава конфузија и збунетост кај читателот, изобилува со загрижувачки и вознемирувачки тези кои можат да предизвикаат сериозни меѓуконфесионални тензии, мобилизира на протести, подгрева верска омраза.
Пристрасност: Написот стигматизира и сатанизира една конфесија, внесува елементи на омраза (…„оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“…).
Коментирање: Авторот не навлегол подлабоко во суштина на темата, а ја коментира. Не ја познава содржината на Куранот, а со иронија се обидува да ја коментира (…„Ниту во Куранот, ниту во која било друга исламска книга не пишуа дека оџата во четири часот наутро треба слатко да спие“…).
Квалитет на насловот: Мобилизаторски, вознемирувачки, несоодветен за проблемот кој се обработува.
Фотографија: Несодржинска, безживотна, стигматизирачка.
Говор на омраза: Има елементи: (…„Немуслиманското население во светот звучниците ги нарекува „звучно чистење“, метод со кој оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“…).
Заклучок: Целиот текст претставува кодирана комуникација која треба да ја препознаат само истомислениците на тезата која ја пласира авторот на крајот (етничко чистење, муслиманите да ги натераат немуслиманите да се иселат), пласира наводна загрозеност на немуслиманското население од муслиманите и внесува вознемиреност со наводните методи со кои оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се исeлат. Оваа теза внесува вознемиреност кај читателите, неспокој и страв од иднината. Има сериозни елементи на политичка манипулација и етно–конфесионална хомогенизација, скриена под некаква си завеса на наводна заштита на сопствениот колективитет.
Во светот и во времето во кое живееме религијата многу често се злоупотребува во политички (па и војно хушкачки) цели, наместо да ги зближува луѓето. Медиумите при отворање на вакви теми (кои сѐ уште се табу кај нас) треба да бидат внимателни да не ги повредат чувствата на луѓето во мултиконфесионалната средина каква што е Македонија. Ваквите пораки, констатaции, сопствените невешти толкувања на религиозните правила и норми, иако изгледаат бенигно, можат да бидат мултипликатори на сериозни проблеми. Медиумите и новинарот мораат да бидат свесни за одговорноста која ја имаат во хетерогено општество. Тие не смеат да бидат трансмитери на изјави што внесуваат елементи на верска нетолеранција и се движат во рамките на негативните стереотипи. Искуството од некои негативни случувања (палење џамии, демолирање дуќани…) во не така далечни минати времиња ја зголемуваат одговорноста и на верските заедници и на медиумите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар