Рецензија: Муслимански браќа во скопската чаршија

Муслимански-браќа-во-скопската-чаршија-Република-Online-2013-11-30-08-38-33-crop-resize

Многу е различна новинарската појдовна точка кога се пишува некој текст. Доколку има доволно нови и контроверзни елементи, кои во разработката на текстот ќе бидат поткпрепени со соодветни извори и аргументи, текстот самиот ќе си легне на хартијата, кога веќе зборуваме за новинарски текст објавен во печатен неделен магазин. Но, ако текстот се потпира само на желба и на мотиви без адекватни извори и докажливи аргументи, тогаш добивате текст кој колку и да го ратсегнувате низ хартијата, колку и да се обидувате да го „залепите“ на неа, тој ќе остане предавник на сите слабости. Темата на овој текст е една од оние дежурни теми кога новинарите мислат дека можат да си поигруваат со архистравовите и кога мислат дека таквите текстови „нема да бидат прочитани“ како првооделенски буквар.

Муслимански-браќа-во-скопската-чаршија--Република-Online-2013-11-30-08-38-33Линк до оригиналниот напис: Муслимански браќа во скопската чаршија

Датум и време на објавување: 01.11.2013 во печатеното издание на магазинот, 12.11.2013 во онлајн изданието

Датум на рецензирање: 30.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Прво да видиме што се случува кај нас, а потоа и влијанието што доаѓа од Блискиот исток, северна Африка и Мала Азија…“ вели авторот на текстот. И, ајде да видиме, вели читателот на овој текст. И што гледаме откако ќе го прочитаме: дека „внимателните и сосема обични набљудувачи сѐ уште не го виделе знакот „р4бија“ на ѕидовите во Старата чаршија…“ и дека на потегот Чаир-Јаја Паша-Стара Чаршија „нешто злокобно се случува“ зашто се шетаат момци со долги бради и куси зелени пантолони, посебно забележливи „во делот каде што се продава разновидна техника“ како го читаат Куранот напишан на арапски јазик. И што сега? Дали некому ова му е доволно да стекне реална слика за „египетско лудило“ и за „опасна организација“? Секако, посебно новинарски силни се констатациите дека муслиманските радикали се посебно забележливи „во делот каде што се продава разновидна техника“  и дека го читале Куранот на арапски јазик. Дали е тоа доволно овој текст да заврши со една застрашувачка реченица како што е „Од победникот на таа битка зависат многу работи на Балканот“.

Извори на информации: Ако се исклучат интернет изворите и погрешната идентификација на еден од експертите на кои се повикува авторот (види во делот „Содржајност“), овој текст нема релевантни и идентификувани извори. Има една вообичаена флоскула кога се во прашање текстови од овој тип „нашите соговорници од разузнавачкото милје…“ . Едноставно, ептен  провидни извори. Ако, пак, се работи за навистина реални извори, нивните констатации дека на сцената е битка за превласт меѓу умерените и екстремистите и нивната оценка дека е „дискутабилно со каков успех го прават тоа (екстремистите н.з.). се сѐ уште далеку од тоа да се заклучи дека се соочуваме со „лудило“ и со „опасна организација“.    

Содржајност: Ако ја исклучиме наведената подршка на конзервативната јавност на Турција и нејзиниот премиер  Ердоган на движењето „Муслиманско братство“ што е општо познато место, аргументите за содржајност на текстот се многу лабави. На пример, авторот се повикува на случајот со поранешниот командант на ОНА и книжар Бекир Халими, кој после еден претрес на полицијата во неговиот дом и книжарниџа беше именуван како челник на разгранокот на „Муслимански браќа“ во Македонија. Но, авторот заборава, или не сака да ги обнови тие наводи со тоа што ќе каже дека против Халими не беше покренато обвинение. По ниту еден основ… Во обидот да биде добие на содржајност и со тоа да биде поубедлив, авторот се повикува и на Дон Перлмутер,  „…познат стручњак за симболизам невообичаени обичаи, ритуални убиства и верско насилство…“, од кој вели дека „Р4биа“ симболот не бил симбол на мирот, туку на отпорот… и дека „жолтата позадина на симболот и црната рака биле како знак за опсаност на автопат“. Тука најмал проблем е што Дон Перлмутер не е машко, туку женско (Dawn Perlmutter), туку дека ништо суштествено нема во „стручната“ оценка на овој експерт. Прво, се разбира дека „Р4абиа“ е симбол на отпорот, а не на мирот, зашто на плоштадот Рабиа Ал Адавија во Каиро во август оваа година најжестоко се судрија египетските безбедносни сили и приврзаниците на конзервативниот ислам предводени од движењето „Муслиманско братство“. И, второ, како оценка за симболот „Р4биа“ се цитира дел од изјавата на Перлмутер во која таа коментира, а тоа не е соодветно за некој што претендира на неутрална, експертска позиција.

Пристрасност: Тонот на целиот текст е фобичен во однос на нешто што во светот се препознава како радикален ислам. Тоа ја подоотвора вратата на пристрасност во позицијата на авторот и, за жал, тоа не може да се скрие.

Коментирање: Речиси нема пасус без коментар. Најинтересен е оној дел каде што коментарот преминува во лекција: „…Муслиманските браќа се антипод на западот и секој пописмен Албанец знае што значи неговиот народ да влезе во судир со Европа или САД“.

Оригиналност/Плагијат: Ако се исклучат деловите „преземени“ од интернет, текстот е оригинален – таков каков што е.

2013-11-30 21-51-29
Насловницата на текстот објавен во печатеното издание

Квалитет на насловот: Муслимански браќа во скопската чаршија“ е еден тенденциозен наслов ако се земе предвид дека сугерира оти во скопската Стара чаршија делува движењето „Муслимански браќа“. Тоа со ништо не е поткрепено во текстот. Уште повеќе, дополнителна манипулација има во комплетната насловница на оригиналниот текст објавен во печатеното издание на магазинот. Таа, насловницата, ги вклучува наднасловот (Египетско лудило се шири низ Македонија), и поднасловот („Оваа опасна организација….) каде што има и лудило и опсаност. Така земена, комплетната насловница, воопшто не е пропорционална на содржината на текстот во кој што констатиравме недоволно аргументи за да ги поткрепат тезите во насловот. Освен тоа, во насловницата има коментар.

Фотографија: Илустративни за дел од поентите за кои пишува авторот. Не се потпишани, ниту е наведен изворот од каде што се преземени.

Говор на омраза: Нема директен говор на омраза, но има делови и коментари кои поттикнуваат верска нетрпеливост.

Заклучок: Многу е деликатно впуштањето во пишување новинарски текстови на чувствителни теми како што се односите меѓу верските заедници и другите пршања во мултиетничките заедници каква што е нашата, кога многу од релациите меѓу различните етнички и верски заедници се исполенети со реални и ирационални стравови и закани. Една незрела, нееманципирана средина на етнички заедници, во кои сѐ уште, во поголема мерка, преовладуваат колективните мемории и ставови, предоминантно исполнети со предрасуди. Индивидуалните светли точки се сѐ уште ретки и во дефанзива пред колективните позиции. Неумерените, еднострани, фобични новинарски текстови само ги продлабочуваат разликите и ги оддалечуваат различните етннички или верски заедници. Оттаму посебна е одговорноста на медиумите и новинарите во однос на овие прашања. Всушност, можеби во наши услови денес изгледа невозможно, но еве што препорачува Албер Ками во еден свој есеј за новинарската слобода од 1939 година:

„Пред плимата на глупост што надоаѓа, нужно е да се спротивставите со одбивања. Сите присилувања на овој свет не можат да го натераат чистиот дух да прифати нечесност.“ 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција