Рецензија: На Балканот дипломи се купуваат со крави, овци, ориз, дрва

polaganje-balkan-0987-09809090-crop-resize

 

Обид написите во некои германски весници да се претворат во „надворешна поддршка“ на војната што премиерот ја води со академската заедница, со студентите и со професорите. Во основа, се работи за трик на изместена перспектива, да не речеме – географија, за проблеми (афери) во две соседни земји да се генерализираат на целиот регион, како да се работи за грип кој неминовно „се шири“. Во текстот е најспорно и прашањето на авторството. Да расчистиме за што се работи.

polaganje-balkan-0987-09809090-finalЛинк до оригиналниот напис: На Балканот дипломи се купуваат со крави, овци, ориз, дрва

Датум и време на објавување: 28.12.2014, 21:06

Датум на рецензирање: 02.01.2015

Рецензент: Љубомир Костовски

„Факултетските дипломи се масовна стока на Балканот а во Албанија некои студнти си ги купуваат титулите плаќајќи со крави,овци, ориз и дрва. Ова се само дел од коментарите во германските весници, по случувањето во Србија, кога неколкумина критичари на претседателот Томислав Николиќ организираа еден вид на протест пред претседателската канцеларија. Намерата беше да му врачат десет фантомски дипломи и на тој начин да демонстрираат револт заради неговата наводно спорна магистерска титула. Германските медиуми, како што пренесува „Дојче веле“, помалку иронично оценуваат дека ’економијата на Балканот го достигна дното, ама затоа трговијата со незаконски стекнатите академски титули цвета’. Баварскиот дневен весник ’Мителбајерише цајтинг’ пишува дека магистерскиот труд на Николиќ е спорен оти бил стекнат на факултет, кој воопшто немал право да доделува такви титули.“

Ова е воведот во текстот кој се обидува да генерализира една вистинска афера .

Најнапред, да се останело на „српска територија“ по ова прашање, постои должност малку попрецизно да се наведе кои се тие текстови што се цитирани: кога се објавени, дали има примери од кај нас и слично. И во продолжението на текстот се цитира нов извор, овојпат со име и презиме (Живадин Јовановиќ, ексминистер за надворешни работи), ама без да каже дека се работи – на пример – за кадар на Милошевиќ, кој беше сменет во 2000 година, беше на лош глас во целата демократска јавност во таа земја, значи бил политичар кој покажувал прешироки критериуми на толеранција кон многу покрупни негативни појави во општеството. Читателите на весниците не се сеќаваат на Јовановиќ за да можат самите да проценат колку е тоа релевантен извор, а овде очевидно не се сакало да се дадат некакви податоци за својот соговорник. Впрочем, ако се сакало да се пишува за дипломата на Николиќ, тоа можело да се стори кога беше актуелно (јуни 2012 година), по што таа дилема беше отфрлена, за што, пак, во текстот нема ниту збор (еве еден извор).

Јасно, како многу чест партнер на нашиот претседател, Николиќ уживаше „имунитет“ по ова прашање во нашите медиуми кога тоа беше актуелно, а сега, наеднаш, оваа „спорна диплома“, по две години, станува корисна за спинување на нашата јавност, која не треба и да го знае и крајот на аферата, а, што, секако е битно, бидејќи станува клевета! Јасно, тој крај, ако се изнесел, не одговара на тезата која е тука поставена! Притоа, не треба да се спори за образовните состојби во една земја, ама давање општа оценка низ аспект на еден пример е недозволиво. За споредба, унгарскиот претседател Пал Шмит поднесе оставка заради плагијат кај докторската дисертација, а во таа иста Германија, која се потсмева на Балканот, докторската дисертација на министерката за образование, Анете Шеван, беше прогласена за фалсификат, како што прочитавме и на „Дојче веле“.

По две третини од текстот, практично, внимателно исцедената содржина за дипломата на Николиќ, се преминува на состојбата во Албанија и во БИХ. Примерот од Албанија се сведува на цитат на Еди Рама (од таа реченица е извлечен насловот и таму нема збор Балкан, туку се однесува на Албанија!). Примерот со БИХ, исто така, е наведен во една реченица за експресни дипломи на режисери кои ги издавал експретседателот Ејуп Ганиќ. И толку. Без повикување на линкови, подетална содржина и слично, за да се определи димензијата на тие афери и од тоа да се извлечат евентуални заклучоци.

Професионално би било, на пример, кога се говори за Албанија, да се поврзе тамошната практика со некои наши функционери кои завршиле во Албанија, а за кои има и свежи афери (да речеме за најинтересниот министер во последно време кај нас – Абдилаќим Адеми, кој не беше обвинет дека купил диплома од премиерот Рама, ама беше обвнинет од угледен журналист од Тирана, за што се пишуваше и во земјава). Актуелни се и некои практики од образовен центар од областа на уметноста и кај нас, ама тој универзитет е очевидно „недопирлив“.

Она што е важно да се каже е дека е направена само внимателна редукција на еден текст кој навистина е излезен на „Дојче веле“, ама во кој нема никаква додатна авторска вредност за истиот да се потпишува. Уште и со цело име и презиме!? Дури, се добива впечаток дека потпишаното лице користи повеќе извори, бидејќи така се сфаќа од целиот контекст (!), при што „Дојче веле“ е само еден од нив, што е секако дозволив метод. Но, овде е само скусен цел текст (кој е избор од германски печат на една тема) без да се наведе дека од целиот занает се употребени само ножички во рацете (!) – тоа се вика редактура (иако и тоа би било спорно во извесна смисла) и јасно се назначува и се остава насловот, по можност. Ова е само додатна непрофесионалност која го краси текстот.

Секако, сите забелешки за текстот остануваат и тие во Германија веројатно се имплицирани од други побуди (дисквалификации на „русофилот“ Николиќ).

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција