Рецензија: На Гинекологија се родиле четири бебиња со неодреден пол
Овој новинарски текст ја заслужи оваа рецензија од повеќе причини: изборот на темата говори за креативноста на авторката во изборот и во генерирањето идеи за новинарски стории, бидејќи темата има интересен агол, таа е несекојдневна и интересна, и е обработена сеопфатно со интересни детали.
Линк до оригиналниот напис: На Гинекологија се родиле четири бебиња со неодреден пол
Датум и време на објавување: 07. 11. 2013 – 13:55
Датум на рецензирање: 09. 11. 2013
Рецензент: Зоран Бојаровски
Вистинитост: Начинот на кој е изработена оваа новинарска мини истражувачка сторија не остава простор да се сомневаме во нејзината вистинитост.
Извори на информации: Инспирирачкиот момент на оваа сторија е веста објавена во истиот медиум на 1 ноември оваа година под наслов: „Нема веќе или машко или женско: во Германија создадена категорија ’трет пол’“. Оваа вест на Би-Би-Си говори за тоа како во Германија го решиле парадоксот на запишувањето на двополовите, односно како што политички коректно се афирмира термниот – интерсексуалност во матичните книги. Една во секој случај необична, несекојдневна и занимлива тема, која кај авторката на текстот што го рецензираме тука предизвикал професионален импулс да го испита овој феномен во нашата земја. И љубопитноста еве, како што читаме, дала резултат.
Авторката на текстот консултирала, најверојатно, стручни лица во Клиниката на гинекологија и акушерство, во Детската клиника/Оддел на ендокринологија и генетика. Велиме „најверојатно“ зашто не се наведени име и презиме на изворите и нивната експертиза, но собраните факти и мислењата се доволно уверливи.
Содржајност: Овој новинарски продукт е повеќе од содржаен. Во една релативно куса новинарска форма се собрани сите неопходни информации за да може и лаик да го разбере овој феномен. Има статистика од релевантна институција, стручниот јазик е транформиран во разбирилив, говорен јазик соодветен за широка публика и, на крајот, има „додадена“ вредност со објаснувањето на коренот на термините кои доаѓаат од грчката митологија.
Оригиналност/Плагијат: Оригинален текст кој е добар пример за иновативност во изборот на новинарските теми.
Квалитет на насловот: Добар, провокативен наслов со „јадица“.
Фотографија: За фотографијата нема податоци. Таа е најверојатно од интернет „банките“ со фотографии. Или, можеби, од архивата на медиумот, но тоа не го знаеме.
Заклучок: Да заклучиме со една поента што ги поврзува инспирирачкиот текст за овој што го рецензираме, оној објавен во Би-Би-Си, а пренесен во овој исти медиум. Се работи за новинарскиот инсктикт да се проверат, споредат и анализираат темите што се актуелни на глобално рамниште, или во некоја друга културна средина, како функционираат локално. Во овој случај каква е статистиката на раѓањето на новороденчињата со интерсексуалност во Македонија, каква е праксата на запишување на овие бебиња во матичните книги и какво е мислењето на стручната јавност во однос на овие појави.
Пристапот на авторката на текстот што го рецензираме на овој аспект на новинарската пракса е професионален со истенчено чувство за препознавање на занимлива тема и со соодветно користење на новинарските алатки таа тема да се разработи сеопфатно.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар