Рецензија: На кој начин смартфоните влијаат штетно врз организамот?

Kajganasmatrfoni

Текстот припаѓа во жанрот вести и тоа за тема која опфаќа многу широка категорија луѓе. Но и покрај таквото значење веста нема извор, со што може да се направи поголема штета, наместо да се исполни една од главните функции на медиумите во општеството – одговорно и вистинито информирање.

'На кој начин смартфоните влијаат штетно врз организмот_ I Кајгана'Линк до оригиналниот напис: На кој начин смартфоните влијаат штетно врз организамот?

Датум и време на објавување:23.07.2013

Датум на рецензирање: 26.07.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Текстот е преполн со наводи. За жал точноста и веродостојноста на ниту еден од наводите не може да се утврди без темелно истражување за секој од нив, што секако не е работа на читателот.

Извори на информации: Нема наведено ниту еден извор на информација. Очигледно е дека текстот е преземен од некој друг медиум, но и тоа не е наведено. Според тоа, не може да се анализира квалитетот на изворот/изворите за предметот на пишување на овој текст.

Содржајност: Веста не е сеопфатна зашто не се наведени детaли за две од задолжителните новинарски прашања што мора да ги содржи веста – времето и изворот. Оттука може да се претпостави дека со веста можеби се сака да се прикријат некои информации.

Заклучок:

Станува збор за вест – информација, на која и недостасува клучен елемент за да биде кредибилна – изворот. Текстот е објавен на еден од најпосетуваните македонски портали. Темата е исклучително интересна и таа засега огромна популација на луѓе, практично најголемиот дел од сопствениците на мобилните телефони. Сместена е во рубриката здравје, бидејќи се однесува на последици врз здравјето од користење на современ уред за комуникација. Постојат сите предуслови да зборуваме за добар медиумски продукт. Но, за жал, авторот на веста го испуштил основното, да го наведе изворот. Тука станува збор за целосно испуштени одговори околу изворот/изворите на веста. Во неа се наведуваат констатации, а не се атрибуираат ниту кон друг извор на информирање (зашто претпоставуваме дека веста е преведена од друг странски медиум), ниту, пак, фактите се поврзуваат со некое конкретно истражување на релевентен медицински или друг научен проект.

Оттука, наместо со пласирањето на целосната вест, да се добие медиумски продукт кој ќе биде сообразен со една од главните улоги на медиумите во општеството – да информираат правовремено и точно, ние пред себе имаме медиусмки продукт кој дури и штетно би можел да повлије врз читателите. Зашто ако некое тврдење од наведенити е погрешно, би можело да предизвика поинакво, несоодветно однесување од страна на популацијата при употребата на мобилните телефони, кое можеби е поштетно од примерите што се наведуваат во текстот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција