Рецензија: На Заев на старт му откажаа најблиските!
.
„Социјалдемократскиот сојуз ја стартуваше својата изборна кампања за локалните избори на 24-ти март со митингот на Зоран Заев во Струмица. Она што беше повеќе од очигледно е дека нивниот миленик Заев не беше поддржан од голем дел од раководството на партијата кои не му ја укажаа честа да присуствуваат на митингот во неговата Струмица. Тој на говорницата излезе единствено со поддршка од неговиот шеф Бранко Црвенковски и лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, кои кажаа неколку добри зборови за Заев“.
Агенцијата излегува со вест од митинг во Струмица со спин дека кандидатот за градоначалник на Струмица, кој е апсолутен фаворит на опозицијата е оставен на цедило од сопартијците, што со текстот и фотографиите не може да се докаже и останува на ниво на „кремљологија“.
Линк до оригиналниот напис: На Заев на старт му откажаа најблиските!
Датум и време на објавување: 06.03.2013, 09:36:22
Датум на рецензирање: 07.03.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост на факти: Текстот е опис на првиот ред на митингот на опозицијата во Струмица и се набројува кои членови на ЦО на СДСМ се отсутни, при што се поаѓа од тезата дека таму морале да бидат сите членови на Претседателството на СДСМ. Не се кажува, на пример, фактот дека тоа е втор митинг за еден месец на СДСМ во овој град, што ја релативизира дури и потребата за постојано патување на комплетната опозиција на тој чин, како и фактот дека со изборот на Струмица како прв град во последната кампања на опозицијата, овој пат изборна, му се оддава доволен респект на Заев.
Извори на информации: Не постои напор да се потврди тезата од официјален извор, па дури и од некој неофицијален, кој би бил секако и оспоруван, туку се поаѓа од тезата „кој не е до Заев е против Заев“. Значи, ова е вест која не се базира на ништо, освен на една фотографија која фаќа – се разбира – само дел од бината, што и не е битно за нејзината вредност (вистинитост).
Содржајност: Веста не ги испитува фактите кои би ја потврдиле нејзината точност – потенцијалната дисперзија на членовите на ЦО на различни задачи, на фактот дека опозицијата има многу покус рок за агитација и дека таа секако има минимални средства за патувања, особено на подолги патеки од централата.
Од фотографијата се гледа дека партиските активисти кои се врзани за регионот се присутни (Цветанка Иванова, на пример). Присутни се и пратеници на опозицијата (Ленче Николова и други).
Проверката покажува дека во исто време опозицијата имала собири, без статус на митинзи во Битола, каде секој ден јавно се отвора една тема, Центар – Скопје, Карпош – Скопје и на помали места, што исто така бара присуство на дел од раководството на опозицијата.
Пристрасност: Заев е фаворит на опозицијата во Струмица, а обидот да му се наштети, оди на градење на линија на негови наводни различни позиции со неговото партиско раководство, без оглед на фактот дека не постои никаков податок, изјава или хипотеза изнесена од некого која тоа би го потврдувала.
Во исто време од истиот настан се прави и друг спин во друг медиум, на другата страна на политичкиот спектар – дека митингот во Струмица е опомена до Црвенковски, односно дека првиот ред од митингот во Струмица и неговиот состав треба да покаже дека осаменоста на првиот човек на СДСМ (!) била причина за отсуството, како што се вели, „на скопјани“ (неделник „Фокус“ бр. 923 од 8 март 2013 г.).
Од ова сосема лесно се заклучува дека предизборната кампања уште од стартот ќе биде обременета со влијанието на разни центри за моќ, кои, една иста „слика“ ќе ја користат, а во сосема различни „проекции“, односно за различни спинови.
Коментирање: Веста содржи еден „факт“ – слика од првиот ред односно набројување на тоа кој од функционерите се присутни на митингот, а потоа следуваат само слободни коментари за „очигледноста на партискиот отпор“ кон кандидатот за градоначалник Заев. Ова е форма на вест-коментар, една хибридна форма која кај нас се одомаќинува во времето на ревијализацијата на класичната информативна функција на медиумите, односно кога тие ги добиваат атрибутите на некогашниот жолт печат.
Една реченица е вест, и таа е без образложение или поддршка со факти, а потоа на неа се гради коментар за одредени состојби!
Плагијат: Наведено е дека се работи за текст на Нетпрес.
Квалитет на насловот: Насловот го сублимира коментарот кој се прави врз основа на слободна проценка за состојбите во СДСМ. Значи тој е тенденциозен и дезинформирачки, ама во својот „жанр“ е креативен, бидејќи веднаш го привлекува вниманието на читателот. Потоа е сензационален, во двојство со потребата да е атрактивен (говори за лоша позиција на потпретседател на партија, згора и градоначалник, со големи шанси да победи на изборите) и во таа насока (намера) на анонимниот автор е – соодветен!
Фотографија: Веста има две фотографии. Тие се дел од интригата на содржината – на првата е Заев, а зад него делумно се гледа коалициониот партнер, генералот Стојанче Ангелов, и тоа пресечен, што сугерира на сиромаштво на мизансценот (односно на отсуство на други членови на опозицијата).
Втората слика одново не е панорамска, туку секвенца од првиот ред, на која се гледа лидерот на опозицијата, само со една висока функционерка и неколку помалку познати личности во близината, со што се сугерира дека митингот на Заев нема доволно атрактивна публика.
Двете фотографии од професионален аспект се многу лоши, особено што таму секако постоеле услови за добра работа, но и обете се пост фестум дополнително „кастрирани“ од својата целосна содржина што е дел на спинот!
Не е наведен ниту авторот на веста, ниту на фотографиите. Анонимноста е само дел од општата манипулативност на прилогот.
Уреден за веб: Гледан како четиво кое се нуди на просечниот и вообичаен читател, тој лесно се голта, како класичен и осмислен спин. Разбирливо е дека тој е минималистички во однос на стилот и евентуалното поврзување со други текстови и тоа не е негова цел. Истиот текст е преземен и од други медиуми.
Заклучок: Ова е текст со кој власта преку своите бројни медиуми (Нетпрес важи за агенција, што значи дека во нејзината веродостојност не би требало да се сомневаме, во принцип) се пресметува наменски со фаворитите на своите политички опоненти во изборно доба. Значи, тука гледаме задача – да се оцрни политичкиот противник, шанса (составот на делегацијата која е дојдена од Скопје) и мета за да се оствари тоа, а се користи споменатиот медиумски хибрид (вест-коментар) за врз основа на лична импресија се направи замена за фактографијата.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар