Рецензија: Најчевска: Мене ми се допаѓа Горна Македонија

Kurir_mk_makedonija_vesti_136632-Najcevska-Mene-mi-se-dopaga-Gorna-Makedonija-crop-resize

Порталот ја става професорката Мирјана Најчевска на „столбот на срамот“, само поради тоа што на нејзиниот приватен Фејсбук  профил напишала: „Мене ми се допаѓа Горна Македонија“. Притоа, користејќи непримерен речник директно се напаѓа личноста на Најчевска. Станува збор за хибрид од фото-вест и коментар. Коментарот е интегриран во веста и содржи дискредитирачки квалификации за професорката врз база на субјективна перцепција на неименуваниот автор на веста.

FireShot Screen Capture #054 - 'Најчевска_ Мене ми се допаѓа Горна Македонија' - kurir_mk_makedonija_vesti_136632-Najcevska-Mene-mi-se-dopaga-Gorna-MakedonijaЛинк до оригиналниот напис: Најчевска: Мене ми се допаѓа Горна Македонија

Датум и време на објавување: 8.11.2013, 13:25

Датум на рецензирање: 10.11.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Написот се темели на објавата на Најчевска на нејзиниот ѕид на Фејсбук, каде таа изнесува  лично мислење за предлогот „Горна Македонија“. Сите  други наводи во веста се тенденциозни толкувања и претпоставки.

Извори на информации: Единствениот извор на информации е постот што Најчевска го објавила на Фејсбук. Но, порталот не навел дали е контактирана професорката како корисник на профилот, дали ја прашале за нејзиниот став изнесен на оваа социјална мрежа, како и  за можните импликации  од кои стравува сајтот:

„какви реакции во јавноста ќе испровоцира и овој потег“.

Па, гледајќи од тој аспект, текстот темелен само на screenshot од постот на Најчевска, чија содржина  не е проверена од самиот корисник на профилот, има проблеми со релевантноста.

Содржајност:  Објавената фото-вест од четири реченици, е несеопфатна. Според манирот во кој е напишана,  воопшто нема амбиции да информира и да се занимава со целиот контекст на ставот на Најчевска.

Пристрасност: Пристрасноста  е видлива,  во текстот се нижат навредливи зборови и  конструкции со единствена цел да се омаловажи Најчевска.

Коментирање: Во вест од осум реда, четири реда се коментар.

„Мирјана Најчевска на јавностa и е позната и по уште многу други вакви исти или слични испади кои на многу пати досега се докажаа како неприфатливи за поголемиот дел од македонската јавност. Какви реакции во јавноста ќе испровоцира и овој потег, останува да видиме.“

Многу лесно се препознава  намерата коментарот од редакцијата да се протне како факт и да се претстави како вистина, иако се работи за паушално толкување. Овој тенденциозен текст се коси со амандманот 13 од новинарскиот Кодекс:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коменатарот“.

Оригиналност/Плагијат: Авторот на написот,  кој е анонимен, користи копија од ФБ постот  на Најчевска, како поткрепа на изнесените тврдења.

Квалитет на насловот:  Насловот е најкоректниот елемент на овој новинарски производ.

Фотографија: Како илустрација е прикажан screenshot од Фејсбук профилот на професорката, кој добро се вклопува со содржината на текстот.

Говор на омраза: Веста има наредлив тон и зрачи со  анимозитет кон професорката. Со еден приземен, недоличен  говор се прави конструкција дека

„ Најчевска на јавноста и е позната по уште многу други вакви испади“.

Креирајќи вештачка загриженост, веста завршува со едно предупрдување дека „провокацијата“ на Најчевска може да предизвика некакви застрашувачки  реакции во јавноста !?  

Заклучок: Сајтот  на читателите им понудил наменски редакциски текст, кој нема друга поента освен да ја дискредитира и оцрни Најчевска во очите на јавноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција