Рецензија: Наместо да бараат слепи следбеници, лидерите треба да ги шармираат граѓаните
Наднасловот и насловот на статијата наведуваат на заклучок дека темата е да се одговори на прашањето какви лидери им се потребни на политичките партии во земјава генерално. Текстот почнува со претстојниот избор на претседател во СДСМ, но, натаму од содржината може да се заклучи дека авторот не трага по прашањето какви лидери им се потребни на партиите, туку „нуди“ модели на успешни лидери во ликовите на претседателите на партиите од власта.
Така, за опозициската партија авторот изнесува оценка дека таа „не може да се консолидира“, а веднаш потоа оди со констатација дека партиските позиции на лидерите од власта „се сигурни како никогаш до сега“, без да се дадат аргументи за тоа (на пример, дали многу скоро биле повторно избрани со акламација и добиле нов мандат).
Се добива впечаток дека авторот нуди „готови успешни модели“ чии пример треба да се следи, а како поткрепа на тоа, има само еден соговорник, професорка на Правниот факултет која е релевантна за темата, но нуди еднострано мислење и дава воопштени одговори за генерално успешни модели за лидерство.
Статијата е невешт обид да се претстават како успешни модели лидерите на партиите од власт (авторот на пример поставува прашање „Какви особини имаат овие лидери?“ посочени со „сигурни позиции како никогаш до сега“, а во текстот нема конкретен одговор за нив, туку воопштени констатации за генерално успешни модели на лидер).
За да се затскрие обидот за промоција на лидерите од власта, авторот го вметнува и Мендух Тачи како лидер со сигурна партиска позиција и единствено за него нуди аргументи, дека по локалните избори ја добил довербата од членството.
Линк до оригиналниот напис: Наместо да бараат слепи следбеници, лидерите треба да ги шармираат граѓаните
Датум и време на објавување: 22.05.2013, 18:16
Датум на рецензирање: 27.05.2013
Рецензент: Ида Протугер
Вистинитост: Во текстот има вистинити факти, на пр. дека четворица членови на СДСМ (Зоран Заев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски и Кире Наумов) ќе се обидат да дојдат до позицијата претседател на партијата. Но, има многу изнесени факти за кои не може да се провери веродостојноста.
На пр., во текстот пишува дека „лидерските позиции на Никола Груевски и на Али Ахмети се сигурни како никогаш досега…“, но не се наведува кога овие лидери биле повторно избрани на партиски конгрес, уште колку време им преостанува од мандатот, бидејќи мотивот за оваа статија се избори за претседател на партија, а не локални или какви било други државни избори.
Извори на информации: Користен е само еден извор, Тања Каракамишева – проф. по уставно право и политички систем. Таа е релевантна според нејзината потесна специјалност како експерт, но таа воопшто не зборува во контекст на темата врзана за Македонија, туку дава воопштени формулации и дефиниции, односно теоретизира, што ја прави нерелевантна за наведената тема.
На пример, можела да направи паралела со некои други претседатели на партии од регионот или глобално, како се однесувале, кои им биле грешки, а кои предности, што ги задржале на лидерски позиции. Вака, на читателот не му се нуди ништо, освен гола теорија која тој тешко може да ја стави во контекст на политичката реалност во Македонија.
Исто така, во текстот се поставуваат три прашања:
„Какви челници им се потребни на македонските партии?; Kакви особини имаат овие лидери? (Се мисли на лидерите на партиите на власт кои авторот ги „нуди“ како успешни модели); Дали претседателите на македонските партии ги следат современите концепти за политички лидер?“.
На овие прашања, наместо одговори, пласирани се воопштени констатации и исто така теоретизирање.
Содржајност: Тешко може да се даде оценка за сеопфатност, бидејќи самата содржина создава конфузија околу темата (дали се зборува за тоа какви лидери треба да имаат партиите генерално, каков треба да биде лидерот на СДСМ или какви се успешните примери на лидери во земјава).
Во рамка е издвоено прашањето „Зошто е важно кој ќе биде прв човек на партијата“, текстот почнува со СДСМ, но после првиот дел, не се зборува конкретно за оваа партија.
Пристрасност: Се забележува тенденција кај авторот да ја отвори темата за тоа какви лидери на политички партии се потребни, но да ги истакне како успешни модели тие од партиите на власт. Невешто тоа се маскира со споменување на Мендух Тачи како лидер на албанска опозициска партија кој неодамна добил доверба кај партиското членство (единствено за него се нуди аргумент зошто позицијата во партијата му е „забетонирана“).
Темата е конфузно разработена, се темели на став на еден експерт, кој зборува воопштено. Конфузност има и кај поставените тези. На пример, ако во првиот дел од текстот се посочени лидерите од партиите на власт како успешни, тоа не се докажува со објаснувањето на експертите (иако има наведено само еден), бидејќи се наведуваат особини кои овие личности според пошироката домашна и меѓународна јавност не ги поседуваат, како што е способноста за политички дијалог и одржување на добри релации со политичките противници:
„Експертите велат дека постојат две мерила за тоа колку е квалитетен еден политички лидер. Првото мерило е колку лидерот квалитетно ги има совладано новите трендови во политичката комуникација со граѓаните. Второто мерило е поврзано со професионалната компетентност на лидерот, способноста да одржува добри политички релации со сите, а особено со политичките конкуренти, односно (способноста да води дијалог), личните карактеристики на лидерот и со неговото однесување во јавноста, како и способноста да зрачи со доверба.“
Коментирање: На пример:
„Додека СДСМ по локалните избори во март не може да се консолидира и да се екипира, пред с`, поради лошите резултати на изборите, владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се комотни во своите внатрепартиски кругови. Лидерските позиции на Никола Груевски и на Али Ахмети се сигурни како никогаш досега…”
Плагијат: Авторот е наведен со иницијали.
Квалитет на насловот: Наднасловот во прашална форма наведува на темата („Какви челници им се потребни на македонските партии?“), а насловот сугерира одговор („Наместо да бараат слепи следбеници, лидерите треба да ги шармираат граѓаните“).
Но, текстот кој почнува со изборот за лидер во СДСМ и со рамка каде се наведува „Зошто е важно кој ќе биде лидер“, сугерира дека мотивот е да се посочи „успешен“ модел во ликовите на лидерите на партиите на власт кои наводно не бараат слепи послушници, туку „ги шармираат граѓаните“.
Фотографија: Фотографијата е несоодветна и не зборува ништо за темата. На фотографијата има граѓани кои одат по камениот мост, тројца се свртени со грб, двајца кон фотографот, со наведнати глави, а во позадина се гледа споменикот на Александар.
Ако наведнатите глави се за да се отслика послушност во партиите, сосема е несоодветно, бидејќи граѓаните немаат никакви партиски обележја и не се ставени во контекст на припадност на која било партија. Целосно несоодветна фотографија, без порака.
Заклучок: Може да се заклучи дека темата само звучи актуелно, во однос на претстојниот избор на претседател на СДСМ, но практично наместо да ги информира граѓаните повеќестрано за тоа кои се слабостите на лидерите на партиите во земјава или пак предностите, или кои примери во регионот и светот покажале какви лидери се корисни за граѓаните, а какви не успеале ни во своите партии, ни во промоција на општествените вредности, туку се нуди воопштено теоретизирање кое не информира.
Од друга страна, се наѕира целта да се истакнат како „успешни модели“ лидерите на партиите на власт, а да се обезвреднат оние на опозицијата, со што примарната цел на текстот, повеќе делува дека е додворување на власта, одошто информирање на читателите.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар