Рецензија: Напуштените хангари во Визбегово се шверцерско дувло вредно 10.000.000 евра

svercersko-duvlo-crop-resize

„Петнаесетте хангари кои некогаш биле на АРМ, за потоа да ги користат Лавовите, сега официјално не ги користи никој. Токму на тоа место во скопско Визбегово, ВЕЧЕР и Алфите дојдоа до неверојатно сознание: хангарите се шверцерско дувло вредно десетици милиони евра! Внатре, Алфите и ВЕЧЕР затекнаа купишта кутии полани со патики, хектолитри скапи парфеми, тони текстил, брендирана гардероба и илјадници детски играчки. Засега нема одговор кој е сопственик на стоката, чии се хангарите и како шверцерите токму таму решија да ја сместат својата база“.

Прес конференцијата која во неделата ја одржаа „на отворено“ министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и првиот цариник Ванчо Каргов за откриен хангар во Момин Поток, полн со шверцувани патики, дневниот весник низ една форма која може да се крсти како фоторепортажа, ја „подигнува“ во однос на вредноста на најдената стока за 20 пати, го проширува асортиманот на „дувлото“ и се става улога која како да е еднаква со онаа што во случајот ја има единицата „Алфи“.

Текстот не нѝ открива дали официјалните лица пред новинарите не знаеле да проценат колкава е вредноста на фатената шверцувана стока или, пак, тие сакале да сокријат стока (по асортиман и видови) од некоја причина?! Од сензационална, веста станува конфузна, а од спинувачка таа може да се свати и како обвинувачка за првите лица од царината и полицијата! Постои и трета можност – официјалните лица во интерес на истрагата, а и за да ги намамат шверцерите кај магацините, да не ја кажуваат целата запленета стока? Тогаш весникот ја упропастува таа можност!

 Напуштените хангари во Визбегово се шверцерско дувло вредно 10.000.000 евра

Линк до оригиналниот напис: Напуштените хангари во Визбегово се шверцерско дувло вредно 10.000.000 евра

Датум и време на објавување: 18.11.2013

Датум на рецензирање: 18.11.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Она што весникот го има како свој реален „придонес“ и дозвола за сликање, која ја немаат другите медиуми, е што дошол до магацините во Момин Поток, што тие се сликани со помош на импровизирани светилки, со што на целата таа акција и се дава замаглувачки поглед, во кој може да се ѕида (или претпоставува) вредноста на најдената стока. Проблемот е што на прес конференцијата официјално се тврдеше дека стоката која е најдена вреди половина милион евра а што весникот ја качува на 10 милиони евра. Кој тука ја кажува вистината? Или кој премолчува нешто?

Извори на информации: Низ наднасловот („Екслузивно откритие на Вечер и Алфите“) се сака да се наметне впечаток за заедничко патролирање на новинар (или новинар и фоторепортер) со патрола на Алфите, при што обете екипи наидуваат на сомнителни лица , кои пред некој објект, во темница, препакуваат сомнителна стока. Тие лица се фатени, откриено е „дувлото“ вредно 10 милиони евра, потоа, следниот ден повикани се одговорните функционери, кои ја објаснуваат акцијата, ја проценуват вредноста на стоката (пазарна и како изгубена добивка за царината) . Ако внимателно го читате текстот ќе сфатите дека припадници на „Алфите“ говорат во минато време, значи за нешто што тие веќе го сториле, навистина во детали, ама не и пред очите на фоторепортерите.

Луѓето од Вечер, поверојатно, дошле кај магацините пост фестум да сликаат  и да чујат повеќе детали од полицајците за нивната акција. Не може да се спорат изворите, спорна е улогата на очевидец за медиумот, која можеби ја додал оној кој го опремувал текстот?!

Содржајност: Текстот содржи повеќе детали за акцијата Патики, да ја наречеме така, во однос на конкуренцијата, ама прашање е дали тие детали објаснуваат или додаваат некои дилеми. Оттаму, не може да се спори дека Алфите фатиле на лице место три лица, новинарот ги кажува автомобилите, нивните таблички, иако останува прашањето, на пример, зошто е уапсен само еден од фатените?! Зошто не се споменуваат видените „хектолитри парфеми“(!), скапа и брендирана конфекција…

Пристрасност: Со насловот и со целата спектакуларност со која е опишана акцијата, секако дека весникот им оддава признание на Алфите, иако останува прашањето дали крајниот ефект е спинување или отворање на сомнеж кон МВР, која не ја споменува стоката која е најдена и тоа дека таа е распослана на сите 17, а не само на еден хангар! Може ли Каргов и Јанкуловска да не ѕирнале во другите објекти?! Во овој случај останува впечатокот дека дилемите се несакан ефект на новинарот кој претерал во фалбите, па открил некои работи кои самото МВР (и Царината) од некоја причина не сакале да го откријат веднаш или немале намера да го откријат – воопшто!

Оригиналност/Плагијат: Сигурно и низ формата низ која е изведен текстот тој е оригинален, иако не е потпишан од новинарот, туку само од фоторепортерот?!

Квалитет на насловот: Насловот содржи сензационализам, кажува високи вредности за стоки кои секако никој не ги проценил, ниту стигнал да ги процени.

Фотографија: Написот има осум фотографии снимени на лице место (оттаму и тој, нели, треба да се третира како фоторепортажа), а има и две кои објектите на некогашната ЈНА ги даваат од птичја перспектива, што веројатно е добиено со користење на Google Earth.

Заклучок:  Понекогаш во нашите медиуми постои наклонетост кон рефлексивна еуфорија за она што се нарекува успех на власта или на некој нејзин сегмент. И тука имаме таков пристап, иако тој пристап, преревносен и не многу обмислен, на крајот на краиштата фрла нови, дополнителни сенки врз ефикасноста на орга ните. Впрочем, она што го гледаме во хангарите на Момин Поток е шверцувана стока во објекти кои последни ги поседувала самата МВР, а згора тие, сепак, нели, минале низ невниманието (или нешто друго е во прашање) на царинската управа.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција