Рецензија: НАСИЛСТВО – Стравот од различноста ги прави младите агресивни

Написот е убав пример како треба да се следи и да се известува за темата поврзана со насилството меѓу младите. Верно се пренесени повеќе заклучоци од анализата на истражувањето спроведено во рамки на проектот „Мировно образование (2011-1012)“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. Без намера да дискредитира одредени личности или институции, написот говори и за причините и за  последиците од употребата на насилството кај малолетниците.

Рецензија: НАСИЛСТВO - Стравот од различноста ги прави младите агресивни - Telegraf_mkЛинк до оригиналниот напис: НАСИЛСТВО – Стравот од различноста ги прави младите агресивни

Датум и време на објавување: 04.07.2013, 10:00

Датум на рецензирање: 06.07.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Написот е базиран врз факти од полициските билтени, компаративната анализа на Првата детска амбасада „Меѓаши“ и изјави на стручни лица. Дадена е можност со линк да се пристапи до содржината на целиот извештај.

Извори на информации: Покрај изворите што се користени за реализација на проектот „Мировно образование“, во написот се употребени изјави на психолог, психотерапевт и социолог, кои ги коментираат состојбите и причините за насилството меѓу младите.

Содржајност: Со текстот се прави обид да се утврдат причините за насилното однесување кај младите. Написот сеопфатно го третира проблемот и не прикрива информации.

Пристрасност: Направен е баланс помеѓу причините и последиците. Не може да се идентификува одреден вид пристрасност, освен онаа која  помага да се открие можното решение на проблемот.

Оригиналност/Плагијат: Написот е оригинално дело со наведен автор. Во текстот се наведени и повеќе линкови кои водат до други написи кои се поврзани со темата која се обработува.

Квалитет на насловот: Насловот е јасен, соодветен и информира за суштината на текстот.

Фотографија: Текстот е илустриран со повеќе соодветни фотографии. Нивната функција е да информираат за каков вид насилство станува збор во написот. Фотографиите се со наведено авторство.

Говор на омраза: Текстот не содржи навредлив говор, ниту, пак, е насочен кон дискредитација на личности или субјекти. Напротив, стручните лица со своите изјави даваат патоказ како на мирен начин би можело да се спречи насилството меѓу младите.

Заклучок: Потрагата по вистината е очигледна веќе во насловот. Иако пренесува искуства за насилно и нетолерантно однесување меѓу малолетниците, авторката на текстот балансира помеѓу причините и последиците со голем степен на толеранција. Фактите, информациите и изјавите на стручните лица се пренесени без да биде употребен говорот на омраза, без да се осудуваат директните учесници во чинот на насилството, со што јасно се дава на знаење дека на насилството не смее да се одговори со насилство, туку со разбирање и толеранција. Целта на написот е да се подигне нивото на самосвест и толеранција на различностите во општеството.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција