Рецензија – наслов пренесен без поправки: (АНАЛЗА) Пред банкрот се 11 земји во светот
Овде повторно се соочуваме со напис, кој пренесува проценки за ризикот од банкрот на земјите од светот кои се во најтешка финансиска состојба. За разлика од претходниот текст, во кој беа смешани и Македонија и некои земји од регионот и каде што анализата беше проблематична од повеќе аспекти, овде не се отишло толку далеку. Македонија и регионов не се спомнуваат, но текстот сосема незаслужено е наречен „Анализа“ (или „АНАЛЗА“ со печатна грешка во насловот), некои термини не се докрај објаснети и се погрешно преведени, а се стручни и крајно нејасни за обичниот читател и, исто така, станува збор за користење на застарени податоци.
Линк до оригиналниот напис: (АНАЛЗА) Пред банкрот се 11 земји во светот (насловот е пренесен без поправки)
Датум и време на објавување: 11.08.2014, 14:55
Датум на рецензирање: 11.08.2014
Рецензент: Владимир Петрески
Написот има проблем со содржајноста. Сите други елементи како извори на информации, вистинитост, пристрасност, коментирање и слично не претставуваат проблем во овој случај, но содржината има неколку нејаснотии, кои прават текстот да има проблем со читливоста.
Како прво, може ли напис од 20-ина реда, како овој, кој во суштина е проширена вест или скратен извештај, да се нарече „АНАЛИЗА“? Може ли текст од 10 реда да се нарече „АНАЛИЗА“? Можеби и може, но тоа е прилично оптегнување на семантиката на зборот. За нешто да биде анализа потребно е некоја појава да се раздели на основните компоненти, тие да се прокоментираат или протолкуваат, истото да се направи и во однос на поврзаноста на компонентите и потоа да се извлече заклучок. Веројатно тоа е можно да се направи во 20 реда за некои едноставни појави, но сигурно не кога се анализираат комплексни политички и економски појави, врски и односи во 11 земји. Токму и затоа оригиналниот напис е далеку поголем и содржи посебен сегмент за скеоја земја.
Во светот има 11 земји кои се на раб на државен банкрот, објави американскиот сајт МСН, повикувајќи се на нивните кредитни способности кои ги направи агенцијата „Мудиз инвесторс сервисиз“. Сите се со проценка на степен Цаа.
Ова е почетокот на написот. Веднаш во очи паѓа реченицата „Сите се со проценка на степен Цаа.“ Ова е проблематично. „Цаа“ не е никаква „проценка на степен“, туку оценка за кредитниот рејтинг на една земја. За жал ова објаснување е недоволно. Колку читатели знаат што значи „Цаа“? Многу малку. Станува збор за оценка на кредитниот рејтинг на суверени ентитети од страна на „Муди`с“, кој, покрај другото, има и посебен систем на оценување од оној на „Стандард и Пурс“ и „Фич Рејтингс“, другите две големи агенции за кредитен рејтинг. Колку, пак, читатели ја знаат скалата на оценување на овие две агенции за кредитен рејтинг? Исто многу малку. Токму затоа ова вака не може да се каже и да се остави да виси, небаре како да сте кажале дека станува збор за еден килограм јаболка, мерка и количество кои му се познати секому. Но, од друга страна, не е дека не може да се објасни. Ако малку се пребара, лесно може да се најде целата скала од која ќе се види дека кредитниот рејтинг „Цаа“ се однесува на екстремно шпекулативни инвестиции, кои имаат значителни ризици, а се однесуваат и на земји кај кои може да се очекува банкротство.
Следен проблем со овој напис е што тој нуди застарени информации на денот на кој е објавен. Во текстот се вели:
Најризични во групата се земјите со рејтинг Цаа3 како Украина, Јамајка, Грција и Кипар.
Ситуацијата најверојатно нема да се подобри, ниту ќе се влоши во Екватор, Пакистан, Аргентина, Белизе, на Куба и во Грција.
Но, со оглед на тоа што оригиналниот текст, од каде што пренесен написот, е стар 11 дена на денот на пренесување, некои од овие наводи повеќе не важат. Ова се однесува, на пример, на Грција, чиј кредитен рејтинг, токму од „Moody’s“, во меѓувреме беше сменет од „Цаа3“ на „Цаа1“. Исто така, во меѓувреме и Европската унија почна да размислува управувањето со реформите во земјата да го препушти на грчката влада. Така што, горните наводи, барем во случајот со Грција (а, можеби и за некоја од другите земји) сега се неважечки и неточни.
Треба да се внимава со употребата на зборот „Анализа“ и тоа особено во насловите. Кога овој збор ќе се употреби и тоа на вака доминантна позиција, читателите очекуваат пообемно и аналитичко обработено четиво, каде што има контемплација и обработка на податоците и инфомрациите, па дури и вестите и евентуално заклучок. Прашање е дали текст од 20-ина реда може да се нарече „анализа“ (а, пак, „аналза“, како што погрешно стои во насловот, никако). Непознатите мерки и скали на оценување од областа на меѓународните финансии за суверени ентитети со кои се оценува кредитниот ризик или кредитниот рејтинг треба да се објаснат – или описно или компаративно. Исто така, ако веќе се сака да се пренесат постари текстови, податоците во нив мора да се проверат за да се види дале тие сѐ уште се важечки.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар