Рецензија: Нема ништо сомнително во видеото со убиството на полицаецот
Овој текст самиот си ја поткопува аргументацијата за употреба на „извори кои сакале да останат анонимни“, со тоа што во истиот текст, во рамка, е објавено мислење на израелски експерт со име и со презиме. Што е тоа што ја прави разликата меѓу нашите и израелските експерти? Дали редакцијата треба секогаш да им дозволува на таканаречените експерти за бидат анонимни? Што ќе изгубела редакцијата ако му рекла на анонимниот експерт „Не! Твојата експертиза како анонимен е безначајна. Потпиши се за да има релеванциија и твоето мислење и нашиот текст!“
Така требало да изгледа една замислена ситуација, во која новинарите се „натегаат“ со изворот „кој инсистира да остане анонимен“.
Во својата анализа „Професија – експерт“, професорката Најчевска нагласува дека:
„Експертските мислења се важен дел од медиумското известување. Манипулацијата со овие мислења го дезавуира кредибилитетот на вистинските експерти и ја намалува довербата на граѓаните во медиумското известување.“
Токму затоа, релеватноста на една сосема добра новинарска анализа и постапка, каква што е оваа што ја рецензираме, е компромитирана поради тоа што им се попуштило на „експертите“ на нивното барање да бидат анонимни.
Линк до оригиналниот напис: Нема ништо сомнително во видеото со убиството на полицаецот
Датум и време на објавување: 13.01.2015, 11:55
Датум на рецензирање: 14.01.2015
Рецензент: Зоран Бојаровски
Има повеќе причини зошто да се инсистира на идентитетот на експертите, исто како што има и причини кога анонимноста може да биде дозволена.
Во овој случај, не гледаме дека на експертите на кој било начин им е загрозена нивната безбедност, која може да биде една од причините. Не гледаме ниту дека нивните изјави можат да влијаат на развој на некакви настани поврзани со оваа тема. Апсолутно, не! Не гледаме дека нивната експертиза може да влијае на евентуални судски разрешници… Едноставно, нема, ама баш никаква причина за анонимност.
Од друга страна, ова непотребно инситирање на анонимност го доведува во прашање кредибилитетот на експертите.
Најчевкса во својата анализа предупредува:
„Отсуството на конкретна личност која би била носител на експертското мислење оневозможува да се провери податокот.“
Во случајот на израелскиот експерт Алекс Фишман, споменат во рамката на медиумската содржина што ја рецензираме, една брза проверка на „Гугл“, нè уверува дека ние читаме искази од релевантен експерт и аналитичар.
Има уште една постапка што новинарите можат да ја применат доколку експертот останува на тврдата позиција да остане анонимен. Да ја определиме колку што е можно поблиску неговата стручност. Еве како го опишува тоа професорката Најчевска во споменатата анализа:
„Експертите можат да бидат добри или лоши, можат да имаат различни мислења, можат да бидат поспремни или помалку спремни да одговорат на поставените прашања, меѓутоа нивната експертиза не се докажува со титулата експерт, туку со нивната биографија, односно со валоризираните теориски знаења и со соодветното искуство во конкретната област на експертиза.“
Значи, можело да се додаде нешто повеќе за професионалната позиција за експертите, некој детаљ од нивната биографија, некое нивно стручно дело… Ништо од тоа. Штета.
На крајот, секако, да не се стекне впечаток дека не се согласуваме со аргументите изнесени во анализата на експертите. Сето тоа е во ред. Но, останува чувството дека ќе бевме поуверени доколку ја препознаевме експертизата како релевантна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар