Рецензија: Незадоволните граѓани на Жерновски идентични со паркобраните и со тие од тимот на Пендаровски (фото)

fr-09876-098-crop-resize

Загрижува фактот што се објавува „досие“ на претходно учество во протести на еден човек, и што тоа „досие“ се користи како аргумент за дисквалификација на неговото политичко и уставно загарантирано право на слобода на изразување. Сето тоа се прави со јазик што треба да го претстави овој граѓанин како „користен од опозицијата“, наспроти неговото јасно политичко и активистичко изразување на граѓанска волја. Со други зборови, се жигосува личноста и се дискредитира она на кое таа како единка на општеството укажува, само затоа што таа единка „се осмелила“ и претходно да го прави истото (да учествува на протести), конзистентно изразувајќи незадоволство од политиките кои ја засегаат, а не ѝ се допаѓаат. Тоа е нејзино граѓанско право и и обврска. Ваквиот начин на известување е непрофесионален, спинерски и минимум – нечесен.

frЛинк до оригиналниот напис: Незадоволните граѓани на Жерновски идентични со паркобраните и со тие од тимот на Пендаровски (фото)

Датум и време на објавување: 06.10.2014, 16:09

Датум на рецензирање: 12.10.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Се соочуваме со проблематична теза, според која политичкото и граѓанско право на протест и здружување е сосема ставено во сенка, а оној кој протестира е претставен како „искористен од партија или политичар“. Тоа е спин, односно пренасочување на вниманието од суштината кон нешто спорадично, (честопати попривлечно и сензационалистичко тврдење) не со цел вистинито да се информира, туку со цел да се прикрие или дефокусира. Оттука за категоријата вистинитост не може да се дискутира.

Загрижувачки е што граѓанското право на протест на поединец и граѓанин е следено во континуитет. Ова може многу негативно да влијае врз граѓаните кои гледаат дека „сѐ се гледа“, „се снима“ и „еден ден ќе биде искористено против нив“. Сепак, не може да се пренебрегне впечатокот дека се користи плитка и неаргументирана теза од која треба да се заклучи дека „ако некој се појавува постојано на протести со различна кауза, тој е искористуван“. За демократските принципи ова е навредливо. Извори на информации нема, но се прави обид да изгледа дека фотографиите се „доволен доказ“, дека граѓанинот е искористен од страна на опозицијата. Меѓутоа, од изнесеното не може да се заклучи дека некој му се јавил на човекот за изјава. Наспроти тоа, на полесниот, но погрешен начин, се констатира дека тој не користи граѓанско право, туку дека е самиот предмет на манипулација. Се остава впечаток дека целта за ваквиот пристап е да се дискредитираат настани во цел на една политичка струја.

Од аспект на содржајноста, текстот е сиромашен. Врз збир од фотографии се конструираат неколку параграфи полни со претпоставки и коментари. Пристрасноста е клучна карактеристика:

Очигледно новата улога на Владимир Вангелов е да се претставува како незадоволен граѓанин од општина Центар, кој треба да се противи на новите фасади кои ги најави Град Скопје на улица „Македонија“.

Насловот содржи манипулативна теза дека „се само едни те исти се жалат“ на општествено-политичките процеси. Дури и со така погрешно поставена теза, насловот не е  покажан како вистинит, зашто е пронајден само еден граѓанин што се појавува на протестите што се наведуваат.

Граѓанското право на протест и на здружување не смее да се користи за лична дисквалификација. Тоа ги обесхрабрува граѓание и креира клима на поларизација. Минимумот професионален стандард налага ако за некого се пишува, тој да се консултира. Во секој случај, овде не е покажана ниту таква намера. Прекршени се новинарските стандарди во Кодексот кои налагаат новинарот да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот, и да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти, како и тоа да ја негува етиката.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција