Рецензија: Никој не бега од часовите по сексуално образование
Кратка и површна информација за пилот проект со кој во Србија во средните училишта е воведено сексуално образование. Медиумот со блага иронија зборува дека од овие часови не се бега и нема препишување, а предавачите и учениците имаат другарски однос и слободно разговараат на оваа тема. Во текстот нема подлабоко навлегување во причините за воведување на овој предмет. Во написот се вели дека доколку проектот успее, ќе се применува во цела Србија.
Линк до оригиналниот напис: СРБИЈА: Никој не бега од часовите по сексуално образование
Датум и време на објавување: 6.10.2013 17:29
Датум на рецензирање: 10.10.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Точно е дека во Србија како пилот проект е воведено сексуално образование, тоа го знаеме и од другите медиуми. Но, наводите во конкретниот текст можат да се стават под знак на прашање. Се цитираат изјавите на двајца ученици, на едниот се наведува име и презиме, а на другиот само име, недостасува податокот од кој град се, од кое училиште, во која година се на средно (или основно) образование. Се цитира извесниот Данило Видиќ кој кажува дека „сексуалното воспитување е скокотлива тема и отвореноста зависи од децата“ , но немаме податок кој е тој, од кој град е и од кое училиште, дали е наставник, ученик, училишен педагог, психолог, класен раководител, или родител. Тоа кај читателот може да предизвика сомневање во вистинитост на наводите. Медиумот вели дека проектот ќе трае една година и ако успее ќе се прошири во цела Србија, а немаме информација каде сега се спроведува, во кои делови на Србија, во кои градови и зошто баш тие се одбрани.
Извори на информации: Единствените извори на информации се двајца ученици кои се спомнуваат во текст без податок од каде се и од кое училиште, и извесниот Данило Видиќ за кого немаме информација ни кој е, ни што е, ни од каде е. Текстот е потпишан со „Телеграф.мк/Телеграф.р.с.“ . Тоа наведува на заклучок дека изворот е српскиот „Телеграф“, или комплетниот текст е од таму преземен и само преведен.
Содржајност: Целата содржина на информацијата е сведена на тоа дека од овој час не се бега и никој не се обидува да препишува. Дека „децата и професорите создале круг на доверба“.
Текстот е сведен на пет неповрзани реченици, од кои читателот не може да добие јасна слика за проектот и причините за неговото спроведување. Кажува дека доколку успее, во него ќе учествуваат децата од цела Србија, но немаме информација каде сега се спроведува во кои делови од државата и како се одбрани.
Темата не е сеопфатна. Нема одговор на неколку сериозни прашања: кој и како ја подготвил наставната програма, дали се користени искуства од други земји, колку пати неделно учениците имаат часови по овој предмет, во кои делови на државата и зошто баш таму се спроведува овој пилот проект. Дали часовите се составен дел на редовната настава или се воннаставни активности, каков бенефит се очекува од воведување на овој предмет. Немаме одговор на прашањето каде се едуцирани наставниците за овој предмет, добиваат ли учениците некаков прирачник или учебник и дали во целиот проект се вклучени и невладниот сектор и родителите.
Можеби оваа информација во Србија е доволна и јасна за читателите со оглед на големата кампања која таму претходно се водела на оваа тема, но кај нас сексуалното образование е сè уште табу тема.
Медиумот не се осврнал и не направил аналогија со нашата држава каде од страна на невладината организација Х.Е.Р.А. се направени слични обиди за воведување на сексуалното образование во училиштатa во Македонија, но без успех. Оваа позитивна пракса од Србија медиумот можел да ја искористи и да ја отвори темата и кај нас. Да постави прашање до надлежното министерство зошто упорно одбива да го воведе овој предмет и во нашите училишта, дали и кај нас има потреба од ваква едукација на учениците.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е по се изгледа преземен од Телеграф.рс, но немаме информација дали ова се само фрагменти од некој поголем текст или новинарско истражување, или и таму е објавена истата информација која е само преведена на македонски јазик. Едноставно, немаме линк до текстот од Телеграф.рс.
Квалитет на насловот: Насловот е неадекватен и предизвикува сосема погрешна асоцијација за наставата по еден многу сериозен и преку потребен предмет во системот на образование. Целиот процес го сведува на стереотипното однесување на учениците кон класичните предмети – бегање од часови.
Фотографија: Насловната фотографија е како најава за порно филм и навредува цела една професија. Во конкретниот случај ја омаловажува наставничката. Легендата под ваквата фотографијата: „Српската телевизија „РТС“ присуствуваше на часот по сексуално образование во гимназијата „Исидора Секулиќ“ во Нови Сад“, го асоцира читателот дека телевизијата можеби пренесувала некаква еротска и сексуално провокативна содржина.
Заклучок: Сериозен и многу значаен проект за младата генерација кој се спроведува во средните училишта во Србија, односно во Војводина, нецелосно и карикатурално е претставен на читателите во Македонија. Обилува со недостатоци и не дава одговор на основните новинарски прашања. Во текстот има неколку кратки изјави: „Можеме да разговараме за сите работи – вели ученичката Анџелина Јанчиќ“ , читателот нема информација од каде е таа ученичка, од кој град и од кое училиште. Следниот цитат е сличен кога станува збор за недостатоците во однос на одредување на изворот: „Данило Видиќ кажува дека сексуалното воспитување е скокотлива тема и отвореноста зависи од децата“, не знаеме ни кој е ни што е тој Данило Видиќ, во чие име тој зборува и дава изјава.
Медиумот не ги открива причините зошто е воведено сексуалното образобвание во Србија и зошто пилот проектот се спроведува баш во Војводина. Малку да се пребарало по интернет на оваа тема ќе се добиел одговоро дека во Војводина, според официјалните податоци, годишно има 50.000 прекини на бременоста, а неофицијалната статистика вели дека се 100.000 и дека најчесто се работи за популација помеѓу 16 и 18 години.
Официјалното име на проектот не е „Сексуално образование“, како што тоа го пласира медиумот, туку „Здравствено воспитување за репродуктивното здравје“, што укажува дека авторот сакал во целиот напис да внесе и малку сензација.
Најголем недостаток на овој напис е што не е искористена темата ова прашање да се отвори и во Македонија, да се побараат податоци од НВО Х.Е.Р.А., која упорно и со аргументи веќе подолго време се обидува да ги убеди надлежните во Министерството за образование за потребата од воведување ваков предмет во учлилиштата, но наидува на затворена врата.
Целиот текст наместо да отвори нови видици на оваа тема и да ја разбуди стручната и пошироката јавност за потребата од ваква едукација и кај нас, тој со кратка лајф приказна, која на моменти делува и карикатурално со насловна фотографија како од порно филм, уште повеќе ја маргинализира темата во нашата и онака конзервативна средина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар