Рецензија: Никола Наумовски – Граѓани кои мислат дека се повредни од другите граѓани?

Навредлив текст насочен кон лична дискредитација на граѓански активист кој пријавил недозволено однесување од страна на полицијата.

Рецензија: Никола Наумовски – Граѓани кои мислат дека се повредни од другите граѓани?Линк до оригиналниот напис: Никола Наумовски – Граѓани кои мислат дека се повредни од другите граѓани?

Датум и време на објавување: 03.07. 2013

Датум на рецензирање: 04.07.2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост: Текстот е мешаница од интерпретации, манипулации и информации од анонимни и ненаведени извори. Единствен цврст факт во написот е тоа дека настанот всушност се случил.

Извори на информации: Покрај изјавата на Наумовски, авторот на написот се повикува на „очевидци“ и неименувани „експерти од областа на казненото право“. Во текстот се среќаваат и наводи што се совпаѓаат со верзијата на СВР Скопје во врска со инцидентот, но никаде не се наведува дека тие потекнуваат од полицијата (за локацијата на настанот погрешно е наведен паркот „Жена-борец“, наместо Градскиот парк). Од друга страна, написот содржи и елементи кои ги нема во објаснувањето на СВР. Наспроти објаснувањето на полицијата дека Наумовски е задржан како „дел од рутинската контрола на полициските служби кои секојдневно патролираат низ Скопје“, во текстот е изнесено поинакво тврдење:

„… полициските единици во текот на денот на поширокото подрачје на реонот на централното градско подрачје спроведувале оперативна акција врз основа на информации и дојави за присуство на лица кои тргуваат со недозволени психотропни супстанции…“

Содржајност: Во текстот комплетно посветен на Наумовски, во кој тој се обвинува дека го преувеличил инцидентот, не е побарано дополнително објаснување од него самиот, ниту од полицијата. Постапката на полицијата еднострано се релативизира и се претставува како нормална. Авторот погрешно ја претставува и толкува не само изјавата на Наумовски, туку и законските норми, со што ја прикрива вистината. На пример, во текстот пишува:

„Од самата изјава на Никола Наумовски за медиумите се потврдува дека полицијата коректно си ја извршила својата должност, не му се нарушило никакво право, не го навредила, не применила сила, не го омаловажувала, туку едноставно спровела оперативна мерка согласно сите стандарди и процедури кои се применуваат во случај на претрес или легитимирање.“

Едноставна проверка на Законот за полиција покажува дека ова не е точно. Наумовски во изјавата се жали дека полицајците за време на настанот не сакале да му откријат зошто го легитимираат и претресуваат, што претставува нивна законска обврска од член 38 од законот:

„Оправдано барање од ставот 1 точка 10 на овој член (барање на службено лице од надлежен орган, физичко или правно лице за утврдување на идентитетот, н.з), е барањето од кое е очигледно дека на службеното лице податоците му се неопходни за законско постапување или кога на физичкото лице му е повредено некое право. Полицискиот службеник е должен да го запознае лицето за причините за проверката на неговиот идентитет“.

Полицијата, според Наумовски не се придржувала ниту до член 61 од Законот за полиција, бидејќи тој вели дека бил комплетно претресуван, а му го отвориле и ранецот што го носел.

„Под преглед на лица, превозни средства и багаж се подразбира, надворешни проверки на облеката и други предмети, превозното средство и багажот, но не и дејствија со кои нешто што не е видливо се прави видливо со отворање, отпакување или слично. Полицискиот службеник може да изврши преглед на лице, превозно средство и багаж на место кое што не е видливо, доколку лицето над кое се врши преглед (облека и други предмети), односно неговото превозно средство или багаж, на барање на полицискиот службеник доброволно го отвори, отпакува или слично, местото кое не е видливо.“ – Член 61

Пристрасност: Написот го извртува настанот и го претставува како претерување и преувеличување, користејќи дискредитирачки изрази и конструкции. Со оглед на тоа што во текстот се потенцира припадноста на Наумовски на „Плоштад Слобода“, тој оддава впечаток на политичка наклонетост.

Коментирање: Најголем дел од текстот се состои од коментари, конструкции и инсинуации, кои авторот не ги издвојува од фактите.

Оригиналност/Плагијат: Текстот не е потпишан, односно во потписот стои „Р.Д.“ (редакција Денешен). Тој се повикува на изјавата на Наумовски пренесена во други медиуми, но не го наведува изворот.

Квалитет на насловот: Авторот уште со тенденциозниот наслов искажува обвинување, ја утврдува „вината“ на Наумовски и го поставува тонот на целиот напис. Како и низ целиот текст, и насловот е поставен во прашална форма, со што авторот се обидува да се огради од изнесените тврдења.

Фотографија: Текстот е илустриран со архивска фотографија на Наумовски, на која тој дава изјава на друга тема.

Говор на омраза: Напишани се низа обвинувања и инсинуации кои целат да го дискредитираат Наумовски. Делови од текстот се и експлицитно навредливи:

„Дали ќе му пречи доколку при таква аеродромска проверка, како што често се случува му брцнат и во гаќите? Дали му пречи тоа што нашиве полицајци еве според лично признание на Наумовски не му брцнале?“

Заклучок: Текстовите во кои медиуми ја преземаат улогата на полицијата, а во нив новинарите некритички и еднострано толкуваат настани и ситуации со цел да дискредитираат, изминативе години зачестија во македонските медиуми, особено во интернет-просторот.

Ова е пример за дискриминирачки напис во кој авторот наместо да се обиде објективно да ја пренесе ситуацијата, воден од граѓанските интереси, тргнува во жесток, политички мотивиран напад врз една личност, притоа користејќи неетички методи на манипулација и дискредитација.

Рецензија: Никола Наумовски – Граѓани кои мислат дека се повредни од другите граѓани?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција