Рецензија: Нивес Целзиус – морска сирена со цицки до колена

06232014-Vecer-Nives-crop-resize

Повеќе пати во различни рецензии, анализи и новинарски лекции овде на Сервисот за проверка на фактите од медиумите е констатирано дека добриот вкус и професионално одговорниот говор се веќе заминати од поголем дел на актуелната журналистика. Тие доблести се заменети со вулгарности, па дури и со простачки говор, кој често пати или граничи или ја преминува границата на говор на омраза, или, пак, е говор кој освен што го дискриминира добриот вкус ги дискриминира и луѓето за кој пишуваат новинарите.

На таков еден, простачки и сексистички текст, е посветена и оваа рецензија.

06232014-Vecer-NivesЛинк до оригиналниот напис: Нивес Целзиус – морска сирена со цицки до колена

Датум и време на објавување: 18.06.2014

Датум на рецензирање: 23.06.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Тука веднаш да ги предупредиме оние кои се накострешија после воведот на оваа рецензија заради тоа што мислат дека ќе прочитаат уште една моралистичка лекција за доброто однесување и против слободата на изразувањето, дека медиумите и новинарите (треба да) се раководат од одредени правила и стандарди кои тие самите си ги определиле во своите кодекси, како општи, но задолжителни обврски, како и во стандардите за однесување што секој медиум ги утврдува во рамките на својата уредувачка политика.

Еве што вели членот 11 од Кодексот на новинарите:

„Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

Во име на слободата на изразувањето,  кога станува збор за текстот што го рецензираме, треба да напоменеме дека може да се квалификуваат атрибутите на секој маж или жена, но тоа не мора да биде простачки. Во таа насока, треба да се води сметка за достоинството на личноста што ја опишува новинарската сторија, како и добриот вкус и достоинството на публиката која не мора да се чувствува навредена или засрамена од новинарските записи. И за ова има препорака во Кодексот, во членот 15:

„Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“

Уште нешто можат да ни приговорат оние што сметаат дека не треба до толку да се биде пуританец, особено кога станува збор за вести и личниости од шоу бизнисот кои самите дозволуваат дополнително растегнување на границите на добриот вкус заради нивната популарност и пи-ар: Тоа е секако така, но каде е границата. Ако ја нема, во што ќе се претворат медиумите.

Освен тоа, медиумот што ја објавува оваа вест припаѓа во категоријата „жолт печат“, но тоа не значи дека е весник за возрасни. До неговите содржини лесно стигнуваат и децата. Нели е тоа доволно да се запрашаме: Навистина, каде е границата? Ако не реагираме сега, што ќе видиме и прочитаме утре.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција