Рецензија: Новинарите кои навредуваат и шират говор на омраза се со нестабилен психолошки профил

03182014-Psihologija-Netpre-crop-resize

Медиумската содржина  што ја рецензираме има три сериозни проблеми: еден се однесува на преголемата лесностија со која еден експерт психолог изведува „дијагноза“, вториот се однесува на крајно сомнителната автентичност на тој експерт психолог, а третиот проблем се однесува на пристрасноста и фокусот на многу прецизна група новинари на кои им се „лепи“ од ракав истресениот психолошки профил на крајно сомнителниот психолог.

03182014-Psihologija-NetpreЛинк до оригиналниот напис: Новинарите кои навредуваат и шират говор на омраза се со нестабилен психолошки профил

Датум и време на објавување: 21.02.2014, 09:0

Датум на рецензирање: 23.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Ајде по ред: Нашата консултација со психолози и психијатри во врска со поставувањето на дијагнози какви што се обидува да направи овој текст нѐ уверуваат дека тоа не е можно само врз основа на напишани новинарски текстови. За да се изведе нешто такво потребне е сериозен пристап со методологија соодветна за психолошко профилирање после низа интервјуа и истражувања поврзани со историјата на однесувањето на профилираниот.

Она што го има во медиумската содржина која ја рецензираме, а што е наведено како мислење на извесниот „психолог“, според мислењето на психолозите што ги консултираше рецензентот на оваа новинарска опсервација, е премногу општа констатација која е невозможно туку-така да се аплицира како стручно мислење за конкретни луѓе и за нивното однесување.

Освен тоа, велат психијатрите и психолозите што ги контактиравме, многу е тешко да се разлачи политичкиот јазик на новинарите како средство за комуникација во одреден период, со карактерните особини на личностите. Тие не мора да имаат директна причинско-последична врска.

 

КОЈ Е СПОМНАТИОТ ПСИХОЛОГ?

Вториот проблем: „психологот“. Нашето пребарување на интернет не даде никакви резултати во врска со ова име и презиме, освен линковите до овој текст и до медиумите што го презеле овој ист текст. Ништо повеќе за психологот со име и презиме од написот. Се разбира, ние не останавме само на гуглањето на интернет. Но, и истражувањето за автентичноста на ова име со психолошка експертиза во двете комори, онаа на психолозите и онаа на психијатрите, не даде резултати. Официјалните извори во овие две комори нѐ известија дека не постои психолог, ниту психијатар со такво име и презиме, регистрирано кај нив или со лиценца за вршење психолошко советување или психијатриска терапија.

Постои можност психолог со такво име и презиме да работи „на диво“, но тоа сериозно ја доведува во прашање неговата експертиза.

Во самиот текст, освен зборот „психолог“ и неговото име и презиме, не постои ништо што поблиску може да ја определи автентичноста на експертот, ниту пак степенот на неговата стручност. Кој е тој? Каде работи? Каква е неговата специјалност? Кои се неговите референци? Макар еден од овие елементи е нешто што мора да биде придружено до името на некој експерт кога се наведува негово мислење.

И третиот проблем е резултат на предавството на совеста кој ја открива перистрасноста во оваа медиумска содржина во реченицата:

„Особено тоа добива алармантна форма кај дел од опозициските новинари кои се познати бранители на ставовите на СДСМ“

Фокусот во овој текст од „стручното мислење“ на „психологот“ се насочува на „бранители(те) на ставовите на СДСМ“. Со тоа приказната за било каква објективност завршува.

Како заклучок во рецензијата за оваа медиумска содржина, ќе го нагласиме огромното количество негативната енергија која се манифестира во оваа непринципиелна и крајно бескруполозна битка во медиумскиот простор кај нас. Изненадува развлекувањето на границите. Тогаш кога ќе помислите дека е допрено дното, откривате ново – дупло.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција