Рецензија: Новоизбраните амбасадори во Ватикан и во Србија ги презентираа платформите

FireShot-Screen-Capture-207-Новоименуваните-амбасадори-crop-resize

„Македонија има интерес да ги продолжи добрососедските односи и во таа насока дејствува во практиката. По прославата на 100 години од Кумановската битка, ќе се продолжи со активности за затоплување на односите и за разрешување на проблемите поврзани со одбележувањето на Првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински, рече Јовановска Типко пред Комисијата“.

Ова е вест од настапот на двајца новоименувани амбасадори на Македонија во Ватикан и Србија, но во неа не се допира дискусијата која се разви во Комисијата за надворешна политика на Собранието на РМ, пред сѐ, во однос на промоторката Вера Јовановска Типко, психијатар по професија, која просто е производ на крајно дискутабилна и неселекивна кадровска политика во дипломатијата, како што отворено посочија дел од присутните членови на Комисијата на Собранието. Во веста нема ниту тр.аг од коментарите за личноста и предложената платформа на Јовановска Типко.

Новоименуваните амбасадори во Ватикан и во Србија ги презенираа платформите

Линк до оригиналниот напис: Новоизбраните амбасадори во Ватикан и во Србија ги презентираа платформите

Датум и време на објавување: 27.12.2013, 20:05

Датум на рецензирање: 29.12.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Расправата се сака да се претстави како стандардна и – така да се рече- здодевна, па дури и формална, иако за идната амбасадорка во Србија таа беше жешка, бидејќи не само опозицијата, туку и претставниците на владеачката коалиција (претседателот на Комисијата, на пример, Милошоски) на еден подискретен начин се изначуди на тоа од каде желбата на успешен психијатар среде кариерата да се фокусира на една сосема поинаква и секако сериозна, со многу предзнаења, политика. Да не говориме за претставниците на опозицијата кои просто ја направија, што се вели, „решето“ амбицијата на невропсихијатарот да плива во води кои не само што не ги познава, ами каде лесно може да направи и штета. Во таа насока веста е комплетно невистинита и во голема мерка не ја одразува суштината на соочувањето.

Извори на информации: Текстот е потпишан од порталот, има формат на агенциски структуирана вест и насочува дека претставник на редакцијата бил таму, на расправата. Втор потенцијален извор на сознанија е директиот пренос и неколкуте последователни репризи на Собранискиот канал на расправата од која се можеше да се видат  и чујат многу атрактивни дискусии, но оваа вест како да е правена од некоја друга планета.

Содржајност: Таквиот приод секако ја прави веста несодржајна, па таа се занимава со други формалности (дневниот ред, другите, не многу битни точки) само за да не се задржи на она што би било најчитливо и најинтересно, битот на настанот.

Како и во владините објаснувања и во овој текст посебно се акцентира моментот  на „самоизборот“ на кандидатот со необична професија. Демек, се јавила на конкурс и била избрана, небаре немало други кандидати со искуство во дипломатијата. И небаре кандидатката е избрана во лото извлекување, а не во дискусија на самиот врв на државата. Ова секако се прави смислено, за да се оттргне прстот на обвинението од оној кој нависитна одлучувал кој ќе не застапува идните четири години во Белград како држава.

Пристрасност: Сведувањето на дискусијата во веста само на „дневен ред“ и неколку реченици од излагањето на кандидатот е навистина пристрасност на која тешко дека може да се ѝ се најдат други приближни примери.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е потпишан како редакциски и сопствен. Тоа е сѐ што може да се каже во однос на авторството.

Квалитет на насловот: Насловот е пример на неатрактивната содржина на веста која морала да биде динамична, полна со дијалози и аргументи, како и расправата. Тоа е наслов, како и текстот- како извадок од дневниот ред.

Фотографија: И фотографијата е преформална – го дава претседателот на Комисијата за надворешни односи со кандидатите од неговата лева, односно десна страна. Се сугерира дека ова евентуално нашиот мозок треба да го регистрира и – да заборави!

Заклучок:  И така, една од поинтересните комисиски расправи е претворена во тотално неинтересен и здодевен настан. Среќа што имаше директен пренос на Собранискиот канал, како и извештаи во други медиуми (Утрински, на пример) од кои јасно можеше да се прочита дека Јовановска Типко добила оценки заради кои одговорен и самокритичен професионалец веднаш би се откажал од новата амбиција.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција