Рецензија: Новото раководство на СДСМ шири лажна еуфорија
Нема текст, нема потпис, нема извори, нема соговорници. Единствено нешто што укажува на тоа дека станува збор за некаков обид за новинарски производ е само гласот во позадина кој раскажува „колку опозицијата е изгубена, бидејќи ја копирала,“ како што се вели, „губитничката стратегија на претходниот лидер базирана на еуфорични настапи“. Констатација кажана, а со ништо непотврдена. Дали на „гласот во позадина,“ кој очигледно е само позајмен, му е јасно што сѐ изнакажа во 1 минута и 45 секунди, колку што трае овој т.н. телевизиски извештај, и колку во овој кус период недозволиво ги прекрши ама баш сите можни професионални стандарди?
Линк до оригиналниот напис: Новото раководство на СДСМ шири лажна еуфорија
Датум и време на објавување: 25.11.2013 16:33
Датум на рецензирање: 25.11.2013
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Не може да се пронајде, барем не во количество за барем минимално да се потврди тврдењето дека новите луѓе во СДСМ ги преземаат мерките на претходното раководство, кое исто како и нив, преку еуфорични настапи, ја затскривало својата безидејност. Таков доказ не е понуден во овој текст. Единствено нешто што е веродостојно се архивските снимки од говорите на поранешниот лидер на СДСМ. Друго нема.
Извори на информации: Ги нема. На три места се споменуваат ексерти. Кои се тие, никој не знае.
Содржајност: Тотално отсуство на содржајност. Од неа нема ниту „трошки“.
Пристрасност: Е, затоа, пак, овој елемент го има во изобилие.
„Ширењето лажна победничка еуфорија поддржана од опозицискте медиуми повторно станува карактеристика на СДСМ“
– ова е само еден пример за присутната пристрасност.
Оригиналност/Плагијат: Немаме наведен автор, но бездруго понудената „содржина“ не дава основ овој извештај јасно да се стави во категоријата оригинали.
Квалитет на насловот: Неквалитетен наслов, бидејќи повеќе од очигледно е дека е „наведувачки“, а не „информирачки“. Поточно, насловот ја отсликува содржината за која утврдивме дека ја нема.
Заклучок: Тотално промашување од професионален аспект. Не ги задоволува основните новинарски критериуми. Не нуди информативност, ниту содржајност, а за сметка на тоа се забележува тендециозност. Тезата која се пласира во ниту еден момент не е соодветно аргументирана. Уште еден во низата текстови кои наместо „издржано“ да информираат или анализираат, само нешто „одработуваат“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар