Рецензија: ОБСЕ: Европа нема сретнато случај на непризнавање на резултатите

Република-Online-republika_mk__p243262-crop-resize

Текстот насловен: „ОБСЕ: Европа нема сретнато случај на непризнавање на резултатите “ има селективен пристап во прикажувањето на податоците и на читателската публика не ѝ дава објективна информација за прелиминарната оценка на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа  (ПССЕ),  за двојните  избори одржани на 27 април. Написот го акцентира  само ставот на мониторите за одлуката на опозицијата да не ги признае изборните резултати,  а ги премолучува  сериозните критики околу прдизборната кампања и начинот на известување на медиумите. Во него нема ниту збор за:  заплашувањето и притисокот  на гласачите, пристрасното медиумско известување, (не)точноста на избирачки список и злопупотребата на државните ресурси за партиски цели, кои, според набљудувачите, го засениле изборниот ден.

Република Online' - republika_mk__p=243262Линк до оригиналниот напис: ОБСЕ: Европа нема сретнато случај на непризнавање на резултатите

Датум и време на објавување: 28.04.2014, 15:58

Датум на рецензирање: 29.04.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

СЕЛЕКТИВЕН ПРИСТАП

Написот се потпира на прес-конференцијата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и на Парламентарното собрание на Советот на Европа, меѓутоа  пренесува половични информации. Не станува збор за некаков превид , туку наменски е направена таква селеција, при што  се презентираат само  оние моменти од пресот што се во прилог на власта.

Во текстот недостигаат битни делови од изјавите на Шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Аренс, на шефот на набљудувачката мисија на Советот на Европа, Стефан Шенах, на специјалниот координатор на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ, Кристине Мутонен и на шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на  ОБСЕ ,  Изабел Сантос.

„Во предизборниот период не се исполнија важните заложби кои државата ги презема со членството во ОБСЕ. Подготовките потфрлија во обезбедување на заложбите на ОБСЕ за изборна трка, како што е одвојувањето на државата од партијата, неутралноста на медиумите, точноста на избирачкиот список и можноста за ефективни процедури во жалбените постапки. Сето ова, за жал, го засени денот на изборите кои беа уредни и мирни“  (Герт Аренс)

 

„Изборниот процес исто така не придонесе до намалување на тензиите меѓу различните етнички заедници, но и внатре во самите етнички заедници. Иако генерално беа задоволени стандардите, во  општината Шуто Оризари, каде што беа забележани проблеми, не се исполнија демократските избирачки стандарди“ (Стефан Шенах)“

„Мнозинството медиуми работеа во полза на владејачката партија и нивниот претседателски кандидат, а даваа негативна слика за кандидатот на опозициската СДСМ.Во однос на ова, политичките актери, граѓанското општество, и медиумите треба да ги земат во предвид овие наоди и да работат заеднички со цел да создадат подобри услови за послободно и непристрасно медиумско опкружување кое ќе создаде рамномерни услови за натпревар во клучни моменти како што се изборните кампањи“ (Изабел Сантос)

 

НЕВИСТИНИТА ИНФОРМАЦИЈА

Материјалот што го рецензираме на публиката ѝ подметнува и една голема манипулација. Имено, субјективниот коментар на неименуваниот автор на текстот, дека гласањето поминало во „демократска атмосфера“, се презентира како оценка на претставниците на набљудувачката Мисија, и притоа се вели дека:

„им честитаа на граѓаните на Македонија за вчерашните избори, кои се одржале во мирна и демократска атмофера“.

што претставува целосна невистина.  Според извештаите, кои беа објавени во повеќе медиуми, таква формулација воопшто не била употребена на прес-конференцијата на  Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и на Парламентарното собрание на Советот на Европа  (ПССЕ). Арнес, вели дека изборите биле „уредни и мирни“ , а специјалниот координатор на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ, Мутонен,  оценува:

„Вчерашните избори беа ефективно (ефикасно) спроведени и изборниот ден помина непречено, но имаше реални проблеми пред и, за жал, после гласањето“ (Кристин Мутонен).

А, такво нешто нема ниту во Изјавата за првичните заклучоци за изборите  на набљудубачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и ПССЕ.

 

ЈАНКУЛОВСКА НЕ ЈА „ЗАМРЗНАЛА“ ФУНКЦИЈАТА

Исто така, во написот не се споменуваат забелешките наведени  во Изјавата за првичните наоди и заклучоци од изборите, меѓу кои и онаа, во која е посочено дека министерката Гордана Јанкуловска  за време на кампањата не ја ставила во мирување својата функција:

„Гранциите за раздвојување на партијата од државата остануваат недоволни.Не постои законско барање министрите и останатите државни службеници привремено да се повлечат од функцијата додека се кандидати во изборна трка, што доведе до злоупотреба на државните ресурси и конфликт на интереси меѓу службените активности на министрите и нивната улога на кандидати. Како исклучок, членот 9 од Изборниот законик предвидува од моментот кога ќе бидат утврдени како кандидати, на “овластените службени лица” во МВР и Министерството за одбрана владините обврски привремено да им мируваат. Оваа одредба посебно важи за Министерот за внатрешни работи кој има овластувања врз клучни аспекти од изборниот процес. И покрај таквата законска одредба, Министерот за внатрешни работи не се повлече од функцијата и покрај тоа што беше кандидат во изборната трка“

Така што, текстот од една страна, се фокусира на критиките на одлуката на опозицијата да не ги признае изборните резултати  – поената која се извлекува и во претенциозниот наслов. А од друга страна, прикрива важни информации, кои несомнено даваат поинаков тон на првичната оценка на Мониторинг мисијата.  Со што се покажува јасна наклонетост кон владејачката пратија. Гледано од професионален аспект, пак, со ваквиот начин на информирање се направени суштински повреди на новинарскиот Кодекс , при што се прекршени повеќе амандмани, вклучително и преамбулата каде е  наведено дека „основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината “.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција