Рецензија: Oд наредниот месец Facebook ќе наплаќа 143 денари за месечно користење
Дезинформација за читателите и голем професионален пропуст за медиумот е објавувањето на „веста“ дека популарната социјална мрежа Фејсбук од 1 ноември 2014 година ќе наплаќа 143 денари за месечно користење. Се работи за пара- или псевдо-вест, која припаѓа на жанрот познат уште и како „кромид“ според американскиот сајт, кој прв почна со објавувањето на ваквите содржини theonion.com. Феноменот „кромид-новинарство“ доби глобални размери со зголемувањето на присуството на овие сатирични или квази-новинарски портали на Интернет и неретко се случува конзументите на интернет-содржините да „паднат“ на нивните штосови, верувајќи дека се работи за вистинита информација. Притоа, тука важна улога играат и социјалните мрежи – Фејсбук, Твитер, преку кои ваквите лажни вести се шират како шумски пожар. Но, најчесто, пред да осамнат на социјалните мрежи, на нив „паднале“ таканаречените „сериозни“ информативни медиуми.
Така беше и во случајот со, за корисниците, многу непопуларната најава дека услугите на Фејсбук ќе почнат да се наплаќаат, поради наводните трошоци за одржување на сајтот, која, како што се покажа, воопшто нема допирна точка со вистината, туку е производ на тимот на американскиот сатиричен сајт National Report. Ваквите лажни вести дека Фејсбук ќе се плаќа воопшто не се нови и тие се актуелизираат во одредени временски интервали. Но, тоа изгледа не било доволна опомена за уредувачите на сајтот, чија што информација е предмет на оваа рецензија, па ја пуштиле без да проверат кој и каков е изворот чијашто вест ја преземаат за објавување.
Рака на срце, National Report може да се смета за поголем предизвик кога е во прашање утврдување на карактерот на неговиот профил, бидејќи, за разлика од останатите сатирични „кромид“ сајтови, тој нема дисклејмер во кој им ја обелоденува вистината на повнимателните свои посетители. Но, затоа во еден минатогодишен случај, со кој беше разбранувана американската јавност околу „најавите“ за чипување на домашното население во САД (вградување на микро-чипови во луѓе), а кој го предизвика токму сајтот National Report, сопственикот Алан Монтгомери изјави дека никој не треба да ги толкува вестите на Нејшенел Рипорт како вистински.
„Според нашето мислење, доколку некој е премногу мрзлив да побара повеќектатни референци или барем уште еден извор, па наоколу ја шири дезинформацијата како да е факт, тогаш тој самиот е виновен за сопствената глупост, а не сме ние“.
Проблемот да биде посложен, веста не е преземена директно од изворот, туку посредно, од друг извор, кој не се наведува. Голема е веројатноста, доколку бил вложен труд веста да се прочита од самиот извор, дека ваква грешка немало да се случи.
Линк до оригиналниот напис: Од наредниот месец Facebook ќе наплаќа 143 денари за месечно користење
Датум и време на објавување: 30.09.2014
Датум на рецензирање: 1.10.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Веста е неточна. Се базира на пишување на сатиричен сајт, кој објавува пара-вести. Не може да се тврди со сигурност од каде директно е преземена, бидејќи тоа очигледно не е од самиот извор National Report. Така може да се заклучи откако ќе се прочита автентичниот текст, каде што е евидентна интенцијата да се направи шега, бидејќи во текстот изјави во врска со темата даваат измислени и комични ликови – непостоечкиот „портпарол на Фејсбук, Пол Хорнер“ (лик кој често се појавува во сториите на National Report, „аналитичарот од Вол стрит“, Пол Секрајдер – презимето би значело, во слободен превод „џепчија“ или „сечикеса“), како и делфинот Фапи, наводната маскота на непостоечкото Христијанско анти-мастурбациско здружение.
Грешката се состои во фактот што изворот на информации е земен здраво за готово. Не само што не е направена проценка колку тој самиот е кредибилен, туку не се гледа напор информацијата, која, доколку беше точна ќе беше вистинска „бомба“ во светките медиуми, да се провери и од други извори. Само површно фрлен поглед врз содржините на вестите на Интернет поврзани со Фејсбук, објавени последните неколку дена, ќе покажаше дека „нешто не е во ред“ со информацијата дека газдата и основачот на Фејбук, Марк Цукерберг најавил користење на оваа социјална мрежа по цена од 2, 99 долари месечно, поради наводно големите трошоци за одржување на сајтот. Таква информација, освен кромидот на National Report едноставно – не постои!
Иако како извор е наведен National Report, очигледно е дека веста е преземена од друго место, но тоа никаде во текстот не се наведува.
Квази-новинарството и псевдо-вестите се постојана опасност за медиумските конзументи, но и за самите медиуми. Невниманието и непрофесионалниот пристап скапо се плаќа – оној кој пренесува „кромид“ со право ќе биде изложен на потсмев, бидејќи не си ја завршил домашната задача, а тоа е проверка на изворите и веродостојноста на информацијата што планира да ја пласира. Но, има и една друга димензија – неодговорното новинарство преку овие поединечни примери влијае на вкупната перцепција на граѓаните кон медиумите, дека „на новинарите не треба да им се верува, бидејќи лажат“, а со тоа се подига и прагот на толеранција кон лагите и невистините кои, често и со намера, се дистрибуираат до крајните корисници.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар