Рецензија: Од тендерите од Струмица се полнело контото на СДСМ

telegraf_mk_aktuelno_makedonija_50274-od-tenderite-od-strumica-se-polnelo-kontoto-crop-resize 600

Текстот се обидува да направи случај на злоупотреба и криминал со парите од граѓаните од страна на Зоран Заев, претседател на СДСМ и градоначалник на Струмица, но му недостасуваат клучни докази. Некои имиња на лица блиски до Заев, кои добивале тендери во општина Струмица, стојат и на листата на донатори на СДСМ и написот шпекулира со можноста на тој начин да било извршено прелевање на пари од Општината во партијата. Написот никаде не појаснува дека тендерите биле добиени преку легална процедура, која не била оспорена од останатите учесници на тендерот, ниту, пак, дека донациите се легални и податоците за нив достапни до јавноста. Но, во обид да креира случај, авторот направил грешка или превид, па зборува за „донации што ги добивале роднини на Заев“ иако не станува збор за такво нешто:

„Дали донациите што ги добивале роднини на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, завршувале на партиското конто е дилемата што се отвора ако се погледне документот „Регистар на добиени донации“ на жиро-сметката на социјалдемократите за 2011 година“.

Бидејќи не се работи за погрешно употребен збор („донации“), туку за неточно тврдење, се наметнува прашањето – разбира  ли авторот воопшто за што пишува и за што го обвинува претседателот на СДСМ во својот текст. Тој понатаму тврди дека:

Според документите што ги добивме, дел од парите на граѓаните што Зоран Заев ги испумпувал од Општина Струмица преку јавните набавки, завршиле во касата на СДСМ како донации“,

иако од приложениот факсимил не може да се утврди дека некакви пари се испумпувале од граѓаните, па останува нејасно како приватни пари на донаторите некој може да ги смета за пари од граѓаните.

Од тендерите од струмица се полнело контото на СДСМЛинк до оригиналниот напис: Од тендерите од Струмица се полнело контото на СДСМ

Датум и време на објавување: 17.10.2013, 16:26

Датум на рецензирање: 18.10.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Јавно достапните податоци за тоа кои фирми добиле на тендери во Општина Струмица, како и тоа кој сѐ донирал на сметката на Социјалдемократскиот сојуз, во написот се искористени како подлога за пласирање шпекулации за можен криминал поврзан со Зоран Заев.

Извори на информации: Извор на информацијата е јавно достапен документ на СДСМ, во кој се објавени донаторите, кои уплатиле парични средства на жиро-сметката на партијата, во облик на донации. Од него се гледа дека имало уплати на лица и на фирми кои се во роднински врски со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, што не е во спротивност со законот. Листата послужила како основ за шпекулациите пласирани во написот – дека тие донатори, всушност, му плаќале пари на СДСМ откако добивале тендери во Општина Струмица, но тоа никаде во написот не е презентирано како факт поткрепен со доказ, туку исклучиво во форма на сомневање или шпекулација.

Содржајност: Авторот практично не вложил ниту минимален новинарски труд во реализацијата на задачата која му била поставена, а тоа е да го најде криминалот во работењето на градоначалникот на Струмица. Регистерот на донациите, кој е јавно достапен документ, го добил, како што пишува,  но доказ дека тие пари  Зоран Заев „ги испумпувал“  од граѓаните на Струмица во касите на СДСМ, авторот не презентира.

Пристрасност: Делумното прикажување на вистината и спинувањето, кое креира коруптивен случај, но не презентира докази за криминал, има  белези на политичка неизбалансираност. Презентира и очигледна лага – роднините на Заев не добивале никакви донации, а не дава докази и за своето тврдење дека Заев „испумпувал пари“ од општинската каса.

Коментирање: Целиот текст е проткаен со коментари на авторот.

Оригиналност/Плагијат: Како автор е наведен сајтот, иако се работи за преработка на текст кој беше објавен на неколку македонски портали синхронизирано истиот ден. Дел од нив како извор го наведуват Курир.

Квалитет на насловот: Насловот содржи обвинување на сметка на Општина Струмица, каде градоначалник е лидерот на СДСМ , Зоран Заев. Тој е тенденденциозен и дезинформира, бидејќи во текстот никаде не е презентиран доказ за тврдењето од насловот.

Фотографија: Написот е коректно илустриран со соодветни фотографии – факсимил на документот и портрет на Зоран Заев.

Говор на омраза: Освен очигледниот мотив за дискредитација на личноста на претседателот на СДСМ, написот, ставен во контекст на континуираната серија слични написи и содржини објавувани во овој и уште неколку други медиуми, може да се набљудува како инструмент за дискриминирање на конкретна политичка фигура во однос на политичарите од други политички провениенции, кои никогаш немаат ваков третман.

Заклучок: Се работи за текст, кој со мали измени, но со истите елементи, истите тези и шпекулации и на ист ден проциркулира низ поголем број на македонски информтивни портали. Евидентна е јасно изразената тенденција да се креира коруптивен случај, во кој за злоупотреба на положбата би бил обвинет Зоран Заев.

Доколку не беше тенденциозниот наслов, конфузните обвинувања и неизбалансираниот пристап,  текстот би можел да биде воведен текст во серијал написи кои би ја истражиле темата. Сепак, написот не покажува ниту дека постоел капацитет, а ниту намера темата да се обработи професионално.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција