Рецензија: Одбележан денот на пролетта во општина Бутел

За потребите на изборната кампања, Денот на пролетта е поместен од март во април, а децата глумат „доказ“ дека „грижата за најмладите продолжува“.

Рецензија: Одбележан денот на пролетта во општина БутелЛинк до оригиналниот напис: Одбележан денот на пролетта во општина Бутел

Датум и време на објавување: 04.04.2013, 13:27

Датум на рецензирање: 04.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот е кус извештај за посета на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Бутел и на министерот за образование, на една детска градинка. Бидејќи очигледно било непријатно да се каже дека поводот за овој настан е изборната кампања, измислено е дека станува збор за одбележување на „денот на пролетта“.

Како што е општо познато, Денот на пролетта се слави во март, а не во април. Но, авторот на текстот се приклонува кон оваа очигледно неточна информација.

Извори на информации: Во текстот се спомнуваат две лица – кандидатот за градоначалник Петре Латиновски (чија изјава е парафразирана) и министерот Кралев. Двајцата се присутни на еден очигледен пропагандно-промотивен настан, при што кандидатот тоа и не го крие, бидејќи неговата изјава е во контекст на кампањата.

Авторот на написот не го поставува прашањето зошто министерот Кралев е присутен на настан од ваков карактер.

Пристрасност: Написот е куса вест за еден банален настан, која не претендира аналитички да ги третира проблемите на образованието или на општината. Во него има еден очигледен спин – на крајот од текстот, каде што се вели дека кандидатот „во својот трет мандат“ најавува дека:

„грижата за најмладите продолжува, а како доказ е изградбата на две нови училишта, детски градинки, спортски терени и спортска сала“.

Изјавата е контрадикторна сама по себе – ако во една општина се најавува изградба на две нови училишта, градинки (значи, најмалку две) и слично, тоа попрво би значело дека грижата досега не била за пофалба и дека дури сега, „во третиот мандат“, таа вистински почнува.

Плагијат: Авторот не е наведен.

Квалитет на насловот: По вина на организаторот на настанот, а поради отсуство на љубопитство на авторот, насловот ја носи основната, банална и по малку комична дезинформација – за априлската прослава на „денот на пролетта“.

Фотографија: Краткиот текст е придружен дури со две фотографии и тие се основната причина поради која овој напис го подложивме на анализа. Нема дилеми дека станува збор за настан од пропагандно-промотивна природа, во функција на кампањата за локалните избори, за што е злоупотребено и присуството на министерот за образование Панче Кралев.

Ликот на Кралев ѝ е добро познат на јавноста и тој доминира на двете фотографии. На нив, меѓутоа, се прикажани и дечиња. Сметаме дека нивното прикажување, како и прикажувањето на други лица (наставнички и воспитувачки, претпоставуваме) е недозволено инволвирање на деца и на наставен кадар во изборната кампања.

Организаторот на настанот, но и новинарот, како да заборавиле дека министерот раководи со целото образование во земјата, кое не е само вмровско, дека наставниците им предаваат и на деца чии родители не се само симпатизери на таа партија и дека децата во никој случај не смеат да бидат злоупотребувани во изборната кампања.

Заклучок: Регистриравме уште еден кус напис, во кој некритички се известува за настани кои претставуваат очигледна злоупотреба на државни функционери, на јавни фондови и во случајов на деца, во кампањата за локалните избори. Во оваа кампања, наместо исклучоци, ваквите настани станаа правило и медиумите речиси целосно одбиваат критички да ги опсервираат.

Рецензија: Одбележан денот на пролетта во општина Бутел

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција