Рецензија: Оџачарот му донесе среќа на Тодоров, но донесе и инвестиции, трансплантации, едукација…

Оџачарот му донесе среќа на Тодоров www_vecer_com_mk_default_asp_ItemI-crop-resize

Секоја информација понудена на јавноста во врска со некоја владина политика, а без поткрепа врз соодветни извори, во старт станува сомнителна од аспект на можната манипулација со јавното мислење. Таков е случајот и со текстот што го рецензираме, а ненаведувањето на изворите е само еден од недостатоците, гледано од аспект на исполнување на професионалните стандарди.

Оџачарот му донесе среќа на Тодоров www_vecer_com_mk_default_asp_ItemIЛинк до оригиналниот напис: Оџачарот му донесе среќа на Тодоров, но донесе и инвестиции, трансплантации, едукација… 

Датум и време на објавување: 31.12.2013

Датум на рецензирање: 03.01.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Вистинитоста на фактите изнесени во овој текст е главниот проблем. Причината е едноставна – нема наведено извор, освен на едно место, а за проверка на фактите се потребни повеќечасовни пребарувања.

Извори на информации: Освен на едно место, каде изјава од ресорен министер се става во текстот како илустрација на претходниот пасус, за сите други факти не е наведен ниту еден извор на информација.

Содржајност: Иако на прв поглед личи како сумиран краток извештај за политиките во здравството за период од една година, текстот е далеку од сеопфатен. Оттука неговата содржајност е далеку од посакуваната, бидејќи многу важни информации за јавното здравство не биле опфатени.

Пристрасност: Информацијата е само делумна вистина за активностите на владината политика во јавното здравсто во 2013. Има и спин затоа што без никаква поткрепа, севкупната политика се оценува како успешна. Има и неточни информации, како, на пример, онаа за вкупниот број средства за купена нова опрема или за тоа дека нема ПЕТ центар во регионот, каков што се гради во Скопје .

Коментирање: Коментаторските елементи преовладуваат на почетокот на текстот, но ги и има во другите пасуси.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално дело со потпишан автор. Нема никакви извори, освен еден, а нема ниту линкови до други соодветни содржини.

Квалитет на насловот: Насловот е несоодетен, крајно некреативен и наведува на погрешен заклучок. Ако се анализира само насловот произлегува дека „оџачарот“ му донел и лична среќа на Тодоров, покрај тоа што донел „инвестиции, трансплантации, едукации…“

Фотографија: Има соодветна фотографија, истата не е потпишана и е ставена како илустрација.

Заклучок: Станува збор за текст кој може да се опише како збир на информации, за кои, можеби, постоеле амбиции да стане анализа. Текстот е жанровски непрецизен и во него има коментаторски елементи, нема баланс, нема извори, нема компаративни анализи, нема второ или трето мислење…Читателот е исправен пред дилема дали да верува на прочитаното или да ги проверува наведените тврдења.

Текстот започнува со коментар дека во 2013 година јавните политики во областа на здравството биле многу успешни, а за да биде почитлив влезот, се уфрла некоја суеверна постапка на министерот, кој верувал дека оџачарите носеле среќа, а авторката тоа го потврдува.

Оџачарите навистина носат среќа. Така е во случајот и со министерот за здравство, Никола Тодоров, кој лани пред новогодишните празници, изморен од лекарскиот штрајк, се фати за оџачарско копче за во 2013 година да има повеќе среќа и за него, и за медицинските лица и за пациентите. И навистина, имаше и повеќе среќа, но и повеќе пари, кои главно беа насочени во здравствени инвестиции.

Има многу факти во текстот, но за да се поткрепи нивната вистинитост потребни се часови истражување и барање на извори, бидејќи истите не се наведени.

Покрај тоа, за наведените факти, особено оние кои се изразени со бројки, не е применета компаративна анализа за да може да се види вистинското значење на наведените бројки. Тоа се однесува и на бројките за парите кои ќе се инвестираат во нови згради и за бројката за парите кои биле дадени за нова опрема, која е всушност манипулативна бројка, зашто таа не се однесува само за 2013 година, туку и за изминатите неколку години наназад, но компарација не е правена ниту кај тврдењата за трансплантации, едукации и оперативни зафати.

Што му значи, на пример, на еден просечен читател бројката од 501 едукација во странство, ако притоа не се наведува колку вкупно медицински персонал има во јавното здравство, колку од тие едукации се однесуваат на специјалистичкиот и супспецијалистичкиот кадар, колку на средниот медицински персонал, итн. Слично е и со тврдењето дека сме лидери во трансплантација на бубрези и на операции на бебиња со срцеви мани. Овие бројки се точни, но немаме споредбен показател кој ќе ни покаже, на пример, дека лидер по трансплантација на бубрези не само во регионот е Хрватска, без оглед што во нивниот случај станува збор за вкупниот број трансплантации и од жив донор и кадаверични.

Дел од фактите во текстот и не одговараат на вистината или барем не во целост. Такво е, на пример, тврдењето дека ПЕТ Центарот што почнал да се гради во кругот на болницата „8 Септември“ ќе биде „прв од ваков вид во регионот“ и дека „ќе биде единствен од Атина до Виена“.  Во соседна Србија, на пример, во рамките на Клиничкиот Центар во Белград, ПЕТ Центар постои од 2009 година, а постои и еден регионален Центар во Сремска Каменица при Институтот за онкологија на Војводина, отворен во 2008 година.

Исто така бројката од 100 милиони евра во опрема за 2013 не е точна, зашто таа се однесува на инвестициите во опрема во здравството за неколку години наназад, што беше потврдено и од премиерот лично во предновогодишното интервју за МТВ.

Впечаток е дека со малку повеќе напор овој текст во целост ќе го исполнел минимумот од неопходни професионални стандарди.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција