Рецензија: Охрид рај за албанските проститутки

Репортажата која е објавена во весник во соседна држава, а чии извадоци се пренесени во македонските медиуми, содржи неколку елементи кои се причина за рецензија на написот. Покрај очигледната намера да се даде сензационален наслов, текстот содржи и дискриминирачки елементи со национална и социјална природа. За одредена социјална категорија е употребен терминот „проститутки“ со намера да се понижи нивната личност, место веќе усвоениот коректен израз „сексуални работнички“. Место да информира, текстот пристрасно и еднострано алармира за затекнатата состојба.

Рецензија: Охрид рај за албанските проститутки Линк до оригиналниот напис: Охрид рај за албанските проститутки

Датум и време на објавување: 20.08.2013, 11:34

Датум на рецензирање: 26.08.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Вистинитоста на фактите главно зависи од гледиштето на новинарот што го спроведува истражувањето. Тоа не значи дека нема вистинитост во неговите наоди, туку наодите се употребени со тенденциозни намери. Веродостојноста на фактите делумно може да се потврди, но не е можно да се утврди вистинитоста на наодите добиени од анонимни извори. Во трагањето по вистината новинарот запрел на првото скалило без намера да ја прошири темата и да трага по причините за затекнатата состојба.

Извори на информации: Основниот текст на репортажата е базиран на изјави од анонимни извори. Новинарот користи податоци и од извештај на македонското МВР, со намера да ја потврди вистинитоста на затекнатата состојба. Бидејќи станува збор за репортажа, со сопствените забелешки и претпоставки новинарот станува извор на информации.

Содржајност: Во содржината на написот истражувањето на новинарот застанува само на една етничка категорија без намера темата да ја опфати од повеќе страни. Дури и со таквиот пристап темата е разработена од аспект на последиците без да се откријат причините за дадената состојба. Во написот воопшто не се земени во предвид истражувачки прашања кои ќе ги откријат причините поради кои девојките работат како сексуални работнички, ниту начинот на кои се нашле во дадената ситуација, туку се пренесуваат само изјави на „разочараните“ клиенти. Девојките со друго етничко потекло воопшто не се во интерес на истражувањето на новинарот.

Пристрасност: Целото внимание во текстот е свртено кон припадници на една етничка припадност. Иако во написот се спомнуваат и други националности, фокусот на истражувањето е насочен само кон припадниците на националноста од која потекнува новинарот. На тој начин е отфрлена можноста за проблемот да се говори во меѓународни рамки.

Оригиналност/Плагијат: Во македонските медиуми текстот е пренесен со извадоци од репортажа направена од странски новинар. Текстот е објавен во весник во соседна држава. Македонската верзија на текстот не упатува на прецизен податок дали репортажата е пренесена во целост или се преземени само делови од целиот напис. Објавено е името на весникот, но не и на новинарот што ја направил репортажата.

Квалитет на насловот: Со употребата на името на познатиот туристички центар, и дејствата кои наводно се случуваат таму, станува јасно дека целта на насловот е да предизвика сензација. Внимателното читање на текстот упатува дека наведените дејства не се случуваат само во Охрид, туку во поширокиот охридски регион. Ако се има предвид дека топонимите што се употребени во написот се многу поблиску до Струга, тогаш станува јасно дека името на Охрид е употребено со цел текстот да привлече поголемо внимание. Во однос на терминолошкиот речник, албанскиот наслов преведен на македонски „Охрид – рај за проституција на албанските девојки“ е покоректен отколку македонската верзија „Охрид рај за албанските проститутки“. Секако, двата наслова ја носат дезинформацијата дека состојбата се однесува само на градот Охрид.

Фотографија: Написот е проследен со една фотографија за која не е наведен авторот. На фотографијата се прикажани две девојки кои на некого би требало да му личат на сексуални работнички. Специфичноста на тематиката што се разработува во написот упатува на одредена дискреција, но во овој случај станува јасно дека е употребена фотографија која би требало да асоцира, но директно не е поврзана со објавениот текст.

Говор на омраза: Во изјавите на соговорниците и во интересот на новинарот се забележуваат два вида дискриминација. Пред се, професијата со која се занимаваат девојки од целиот свет е ставена во тесни етнички рамки. Според изјавите на анонимните очевидци, од една страна се прави дискриминација на сексуалните работнички врз основа на нивното етничко потекло, а од друга страна се потценуваат социјалните причини за занимавање со проституција. Место да се трага по изворите и причините за дадената состојба, во текстот се пренесуваат изјави на „вџашени“ клиенти на сексуални услуги.

Заклучок: Лесно може да се заклучи зашто странски новинар тргнал во потрага по „проститутки“ од сопствената земја „вработени“ во друга држава. Иако не е коректно, но очекувани се и „вџашените“ реакции на клиентите кои ги користеле услугите на сексуалните работнички. Останува не јасно кој е интересот на македонските медиуми да пренесуваат написи од овој вид. Една од улогите на новинарите во општеството е да работат на унапредувањето на човековите права. Кога веќе е донесена одлука да се објавуваат текстови од овој вид, неопходно е да се употребува коректна терминологија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција