Рецензија: Околу 30 отсто од џихадистите на ИДИЛ инфицирани со СИДА

Околу 30 отсто од џихадистите на ИДИЛ инфицирани со СИДА   Бриф-crop-resize

Точно е дека сунитската терористичка организација ИСИС (анг.: Исламска држава на Ирак и Сирија или ИДИЛ – Исламска држава на Ирак и Левантот), која, покрај тоа што држи големи територии во Сирија, како резултат на тамошната граѓанска војна, и која деновиве освои половина од територијата на Ирак, е злосторничка и безмилосна, која практикува сечење на главите на противниците, како и масовни стрелања на затворениците, но точно е и дека оваа вест нема никаква врска со вистината.

Околу 30 отсто од џихадистите на ИДИЛ инфицирани со СИДА   БрифЛинк до оригиналниот напис: Околу 30 отсто од џихадистите на ИДИЛ инфицирани со СИДА 

Датум и време на објавување: 24.06.2014, 15.53

Датум на рецензирање: 26.06.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Не треба многу за веднаш да се сфати оти ова е тешко веројатно. Воена организација која е во војна веќе 2 години не може да има 70 отсто борци болни од сексуално преносливи болести, од кои, пак, 30 отсто болни од една од најсмртоносните болести на денешнината, СИДА-та. Таква организација, во која над две третини од борците се заболени од вакви сериозни болести, во никој случај не би можела ефективно да војува, да држи големи територии, како што тоа го прави во Сирија и Ирак, па дури и да освојува нови. Секој оној што малку од малку знае нешто за сексуално преносливите болести и СИДА-та знае дека таквите заболени лица, се во значителен број врзани за кревет, а ако не се добие лекарски третман може да настапи и смрт и тоа особено кај СИДА-та. Да беше онака како што се вели во оваа вест, ИСИС немаше да привлекува толку многу екстремисти од Северна Африка, Европа и од Блискиот Исток. Особено што, извештаите на респектабилните новински извори кажуваат нешто сосема друго. А, тоа е дека откако организацијата го освои градот Рака во Сирија и провинцијата околу овој град, странските екстремисти од организацијата побрзаа во Рака да ги донесат своите семејства, жените и децата од земји какви што се Алжир, Тунис, Либија и други.

Невистините во написот се потврдуваат ако само малку се прочепка во изворите на информации. Се вели дека веста била од приштински весник, но неа на Интернет ја има само на едно место, овде, од пред една недела. Иако е помината цела недела, ниедна од респектабилните меѓународни новинарски организации не известува за вакво нешто. И тоа се вели дека веста е од турскиот град Газиантеп, што значи дека не треба ни да се испраќаат дописници во воените подрачја. Покрај ова, ниеден ни од локалните турските медиуми нема напишано ништо вакво. Сајтот, каде што првичната вест е објавена, е крајно сомнителен и не може да се открие ни кој го издава, ни каде, ни што е неговата цел. Нема ништо полесно во денешно време да се направи фантомски веб сајт, кој ќе објавува пропаганда.

Обично пребарување на интернет покажува дека ниеден друг веб сајт оваа вест ја нема пренесено. Настрана, пак, фактот што на сајтот на болницата Medical Park во Газиантеп никаде не пишува дека се третираат вакви болести, ниту, пак, тие се спомнати во описот на одделот за инфективни болести. Станува збор за релативно мала болница со само 157 кревети од кои 30 се за интензивна нега, која никако не може да знае каква е здравствената состојба на илјадниците борци на ИСИС, а посебна приказна е што главниот извор, д-р Баран Јилмаз, не постои и тоа ниту како име со докторска титула, ниту како доктор во било која од болниците на Medical Park во Турција.

Во Сервисот за проверка на факти во медиумите многупати сме напишале дека не е оправдување да се каже дека веста е преземена, а да не се провери што е тоа што е преземено и од каде потекнува преземањето. Не е наведено од каде приштинскиот весник Експрес ја презел оваа вест, што веднаш требало да предизвика сомневање, како и фактот што и после 7 дена ниеден друг медиум во светот на оваа тема не објавил ништо.

Во војна прва страда вистината. Тоа се случува и во денешно време и покрај постоењето на интернетот и можноста многу работи да се проверат многу брзо. Погледнете го само овој напис на Радио Слободна Европа од Украина, каде што се демаскираат невистините на руските медиуми, при што сцени и настани од војните во Босна и Херцеговина и во Косово од пред 10 или 20 години, се претставени како да се случуваат сега во Украина и им се припишуваат на украинските безбедносни сили. Затоа, по правило, кога се известува за војни од подалечни локации треба да им се верува, пред сѐ, на големите и докажани извори на информации (како меѓународните новински агенции), кои имаат и свои дописници на теренот и можат да ги проверат информациите. Во никој случај не на анонимни веб сајтови, кои немаат никаков импресум, или весници, кои немаат наведено извор за своите написи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција