Рецензија: Општина Охрид: Лажната грижа е лицемерие на СДСМ, партија која ја дезинтегрираше општината
Медиумот не направил јасна дистинкција на тоа што го пренесува: дали станува збор за соопштение, авторски текст или компилација од реакции на претходно објавен текст, па од тој аспект објавениов текст е проблематичен по неколку основи. Во насловот се потенцира „Општина Охрид“ од што читателот би требало да заклучи дека станува збор за соопштение на Општината, но во текстот, на ниту едно место не е потенцирано дека станува збор за соопштение, реакција на Општината на некаква изјава, обвинување кон неа или реакцијата е за некаква активност или настан организирана од СДСМ, за да може да се види контекстот и целта на ова писание. Напротив, во текстот на неколку места се наведува „велат од Општина Охрид“ што му дава авторство на текстот, кое е спротивно на новинарскиот кодекс и на етичките правила во новинарството. Дополнително, во текстот се споменува дека „велат и од ВМРО ДПМНЕ“, но деловите меѓу себе се поврзани, нема дистинкција кој и зошто ја предизвикал реакцијата на Општината и на Партијата, па се тоа тоа се нашло во еден текст?
Текстот изобилува со серија дискфалификации, но од ова „велат од Општината“ не може да се добие информација кој е тој што вели, кој го тврди ова: градоначалник, раководител на сектор, прес служба, членови на Советот и на што реагираат?
Накусо, правилата за пренесување на реакција, соопштение се јасни: мора да биде наведено дека станува збор за реакција на одредена институција или поединец на нечија изјава и јасно да се потенцира дека соопштението се пренесува во целост, дека се користат одредени делови од него или, пак, новинарот ги собира сите реакции на одреден текст, но нагласува дали изворот е писмено соопштение, изјава, прес конференција, брифинг. Вака, во конкретниов случај медиумот постапил многу непрофесионално, скратувајќи му ја можноста на читателот за вистинска информација која ќе го детектира изворот на обвинувањата,а на тој начин консументот ќе цени дали тие се оправдани или не и дали ги прифаќа. Во овој случај медиумот станал соучесник во пренесувањето и пласирањето на конкретните обвинувања кои можат да се санкционираат според одредбите на Законот за граѓанска одговорност. Дополнувањето „велат од Општината“ не може да го оправда медиумот, па доколку засегната страна би се одлучуила на судска постапка, со вака напишан текст, медиумот ќе биде тој кој треба да ги докаже обвинувањата напишани во текстот. Законот јасно го дефинира „пренесувањето“ на информациите и одговорноста за нив, па, затоа, овој пример треба да биде аларм и за медиумот кој го објавил овој текст и за сите други што пренесуваат реакции, во иднина јасно да го потенцираат изворот, бидејќи во спротивно ако дојде до судски постапки, докажувањето паѓа на нивен грб.
Линк до оригиналниот напис: Општина Охрид: Лажната грижа е лицемерие на СДСМ, партија која ја дезинтегрираше општината
Датум и време на објавување: 12.01.2014
Датум на рецензирање: 13.01.2014
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Бидејќи „велат од Општината“ не може да се утврди што е вистина во пласираната информација, која, и да има официјален извор тешко би можел да се провери, но, вака, вистинитоста дефинитивно се става под голем знак прашалник.
Извори на информации: Неофицијални, анонимни извори, кои пласирани во ваква форма се многу нерелевантни и ја доведуваат во прашање објективноста и непристрасноста на новинарот и медиумот, кој никаде не се оградува од констатациите, ниту дава можност да се види реакцијата на другата страна која претходела на напишаното.
Содржајност: Не може да се оценува овој елемент, наведен во методологијата, бидејќи не утврдивме дали текстот има автор или е збир на соопштенија, а авторскиот дел се однесува само на додадените: „велат од Општината и од Партијата“.
Пристрасност: Вака пласиран, максимално едностран, текстот е максимално пристрасен и не дава можност да се види на што се однесува реакцијата и дали таа е одоговор на одредено обвинување или се изнесени серија паушални обвинувања. Вака, реакцијиите или авторскиов текст изгледа како новинарот да добил задача да напише состав на слободна тема, па се што знаел внел во него, без ред и правила.
Оригиналност/Плагијат: Според содржината, ако се пренесени соопштенија, тогаш станува збор за препишување, плагијат, но вака како што ни се нуди со модерната форма дека „рекле од Општината“ му дава „оригиналност“ која не ја препорачуваме за понатамошна употреба, бидејќи се коси со професионалните новинарски стандарди.
Квалитет на насловот: Непотребно долг, конфузен и збунувачки.
Фотографија: Илустрација од општинската зграда која не влијае на содржината на текстот во поглед на негово дообјаснување.
Заклучок: Во Македонија стана пракса партиите да имаат реакција на реакцијата, па реакција на дополнителната реакција, па уште една реакција на реакција на реакцијата и се така во недоглед, но затоа медиумите треба да одлучат дали ќе ги пренесат интегрално, ќе потенцираат делови од нив, ќе ги спротивстават во одреден прилог, информација, но секогаш и секаде мора да биде нагласено кој и на што реагирал. Дел од медиумите создадоа и пракса, невидена во светски рамки, прво да ја објават реакцијата на партијата на власт, а дури потоа обвинувањето на опозицијата на кое се однесувала реакцијата и затоа секој пример кој отстапува од професионалните норми мора да се забележи и да се реагира на несоодветната употреба. Медиумите при пренесување на реакциите мора да обезбедат соодветен, подеднаков простор за двете страни, доколку се решиле да ги објават реакциите и да потенцираат кој што кажал и во каква форма. Ваквото „присвојување“ на соопштенија со дополнување „велат во…“ не е дозволено и мора да се напушти како метод во кој новинарите ќе бидат маша за пресметка меѓу политичките субјекти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар