Рецензија: Останува тајна каде Заев летувал во Грција

lkll-0987654-098-crop-resize

Пред нас имаме писание скарано со фактите, а добро спријателено со спинот. На прв поглед текстот го „красат“ неколку нелогични и контрадикторни реченици, испишани едно по друго, поради што уште повеќе се забележува нивната фактичка неконзистентност. Се забележуваат и неколку обиди пристрасно да се претстави одморот на Заев како лукзусирање, а тоа се прави не со факти, туку со спинување и со претпоставки на тој што го пишувал текстот:

Инаку во јавноста е познато дека политичарите кои летуваат во Грција обично ги посетуваат монденските места како Санторини, Родос, Крф каде покрај песочните плажи има хотели со по 5 звезди, базени, аква паркови, сауни и додатни реквизити за забава кои што чинат многу пари.

Хотели со пет ѕвезди има во секое туристичко место, а тврдењето дека „во јавноста е познато нешто“, е клуч за препознавање на спинувањето.

Останува тајна каде Заев летувал во ГрцијаЛинк до оригиналниот напис: Останува тајна каде Заев летувал во Грција

Датум и време на објавување: 14.08.2014, 14:20

Датум на рецензирање:  18.08.2014    

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во текстот се евидентни поголем број субјективни гледишта и коментари, како и селективен пристап во изборот на личности кои ќе бидат предмет на оваа „опсервација“. Оттука е и впечатокот за тенденциозност. Постојано во текстот провејува обидот да се внесе „конспирација“ дека некој нешто крие, иако и Заев и Героски кажале каде летувале.

Исто така, непрофесионално се навлегува во приватноста на новинарот кој нема никаква должност да елаборира каде оди на одмор, колку пари тоа го чини и колку време му трае одморот, од причина што тој не зема плата од државна институција и нема обврска да елаборира како ќе ги потроши парите што ги заработил. Спинот се состои во тоа што одморот на новинарите се „изедначува“ со одморот на функционерите по јавниот интерес што ќе го предизвикаат. За разлика од новинарот, функционерот со самото седнување во фотелјата се откажува од дел од својата приватност. Во цел свет се известува за тоа каде на одмор биле Обама, Путин, Меркел, но никогаш не сме прочитале сторија од типот „Каде летуваше уредникот на Вашингтон пост“. Се прави селекција на користените извори и се претставуваат невистинити факти. На пример, и покрај тоа што Героски одговорил на прашањето кое му го поставиле, сепак, во текстот се тврди дека тој не кажува каде бил на одмор. Прво се тврди дека Героски не се изјаснил каде бил на одмор, па после во следниот пасус се прикажува негова изјава во која кажува дека бил во Грција.

Иако сите уредници на медиумите се изјаснија каде биле на одмор, но не и Бранко Героски, уредник на ПлусИнфо и Слободен печат.

-Мојот летен одмор заврши. Веќе бев на еден остров во Грција. Сега ми остануваа само викендите кои ги поминувам во Охрид. Професијата е таква што не ни дозволува подолго време да одиме на одмор. Но, во текот на летото ги комбинираме обврските и наоѓаме време да отпатуваме, вели Героски. Инаку, како што вчера објави Нетпрес, Геровски, во својата најнова колумна, која го носи насловот „Сургун Фетие“, додава и дека ова лето ја посетил Русија.

Пристрасноста се гледа во тоа што се проблематизираат одморите само на две личности. Оттука, функцијата на овој текст не е да информира туку да се пресметува „ад-хоминем“ со личности во интерес на некои други цели. Во поглед на тајмингот, овој текст е објавен веднаш откако се постави прашањето за летувањето на Груевски.

Се изнесуваат непотврдени коментари кои се прави обид да се претстават како прашања од јавен интерес, но всушност се крајно пристрасни:

Медиумите пишуваа дека Заев веќе го искористил одморот и уживал на плажите кај нашиот јужен сосед. Откако сето ова се дозна, поради молкот на Бихаќка се поставува прашањето – Дали Заев молчи за својот луксузен одмор поради низата афери за милиони суми со кои јавноста е веќе запознаена?

Што треба Заев да прави? Да достави фискални сметки од сите испиени кафиња од одморот и да ја покаже искористената туба крем за сончање? Информацијата дека неговиот одмор е „луксузен“ со ништо не е потврдена, ниту, пак, е направен обид тоа да се потврди. Оттука, тоа е само претпоставка на оној што го изнесува тоа тврдење.

Се користат и нелогични сврзувања на две тези. На пример, едно такво нелогично сврзување може да прочитаме во следниот пасус.

Она што се знае е дека примерот на Заев го следеа челниците на медиумите кои важат за блиски до СДСМ. Иако сите уредници на медиумите се изјаснија каде биле на одмор, но не и Бранко Героски, уредник на ПлусИнфо и Слободен печат.

Каква врска има тоа што Заев летувал во Грција, со тоа што Героски летувал во Грција, па да се прави паралела? Никаква!

Се создава впечаток дека намената на текстот не е ниту да информира ниту да покренува прашање од јавен интерес, туку преку фиктивни „дилеми“ и „скриени информации“ да создава конспирација и впечаток дека опозицискиот лидер се луксузира, а новинарите од медиуми што се критички ориентирани кон власта (по дефиниција ова е улогата на новинарот да биде куче-чувар), одат скришум на патувања. Оружјето што се користи со оваа намера, е спинот. Но, невешто се пласирани контрадикторни информации поради кои паѓаат во вода лажните тврдења што се изнесени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција