Рецензија: Откако малата Тамара почина, социјалните мрежи бараат оставка од Тодоров

Откако малата Тамара почина социјалните мрежи бараат оставка од Тодоров-crop-resize

 

Ако се изземе прес-конференцијата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, вест на денот во понеделникот, на 9 февруари, секако, беше смртта на Тамара Димовска од Велес, девојчето што боледуваше од сколиоза и кое почина, чекајќи ја седмата операција. Тешко е да се рече кој ја даде првата вест откако девојчето имало контактот со првото медицинско лице (а тоа било во 6 часот наутро), но реакцијата на јавноста беше брза и жестока, пред сѐ, во насока на барање одговорност – таа мала насмеана и секогаш ведра појава практично умираше пред очите на сите нас, нејзината смрт беше најавена, ама имаме катастрофално потфрлање на институции и на поединци на функција. Порталот држeше добар контакт токму со социјалните мрежи и, секако, придонесе да се пренесе таа атмосфера во медиумите. Истовремено, даде и линк кон оние мрежи на кои барањата се собираат и – ако може така да се рече – бројат.

Откако малата Тамара почина социјалните мрежи бараат оставка од ТодоровЛинк до оригиналниот напис: Откако малата Тамара почина, социјалните мрежи бараат оставка од Тодоров

Датум и време на објавување: 09.02.2015, 12:12

Датум на рецензирање: 11.02.2015

Рецензент: Љубомир Костовски

„Дали и сега Македонците од дијаспората ќе протестираат против #ОставкаЗаТодоров, кога луѓе на територија на мкд умираат од дупки во системот? …

#ОставкаЗаТодоров не е доволно. Суштински промени треба….

Трето дете за во случај државата да ти го убие едното #ОставкаЗаТодоров …

Кој има пари за лекување на дете, кога имаме споменици кои чекаат да бидат поставени? #ОставкаЗаТодоров.“

Ова се само мал дел од пораките што преку порталот излегоа од „сенката“ на социјалните мрежи и добија право на јавност и на гласност. Добро е кога дневен портал ќе го почувствува пулсот на народот и ќе го изрази, без оглед што пораките оделе меѓу корисниците на некоја мрежа, во случајот „Твитер“, и биле дел од комуникација на пријатели, познаници, роднини. Сеедно, значењето на овие мрежи е сè посилно и тоа треба да биде канализирано и осмислено.

Имено, без класичните медиуми, веста за смртта на девојчето немаше да биде познат факт. Истовремено, без да се види изливот на гневот во народот, надвор од медиумите, би имало редуциран дострел. Вака тој бес станува и  јавно познат и произведува општествен ефект, а целта на тие реакции и била токму таа – да предизвика одговорност кај сите што се дел од синџирот на одлучување за операцијата во странство на Тамара.

И истиот ден имавме, првин, „многу ми е жал ама јас не сум виновен/виновна“ од директорката на Фондот за здравство, а потоа и од министерот Тодоров, па од потписникот на актот со кој не се дава одобрение за лекување во странство (д-р Софијанова), што, на крајот, доведе до тоа некој да почне да го одмотува клопчето, бранејќи се себе, да ја префрлува вината на другите. Тоа не е предмет на рецензијата, ама говори дека овој напис, како и евентуално слични, го дале својот ефект и веројатно допрва ќе го даваат.

А, една од доблестите на медиумите не е само да информираат, туку и да поттикнуваат социјални интеракции.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција