Рецензија: Откриена е пирамида на Водно (ФОТО)

Темата за постоење на пирамиди на Водно е пласирана површно, еднострано и без критички однос кон податоците претставени на Фејсбук. Занемарена е основната функција на информацијата – да информира, нудејќи точни и релевантни факти, односно, отсуствува труд тие да се утврдат.

Едноставно, по линија на најмал отпор, со copy-paste приод, пренесено е она што веќе може да се прочита на споменатата социјална мрежа и со тоа е пропуштена шанса да се изработи занаетски коректен и заокружен новинарски производ, како што доликува на вистински информативен медиум, кој претендира да биде сфатен сериозно од страна на читателите.

Најлош впечаток остава тоа што веста не е довршена, туку е оставена на половина реченица, упатувајќи го читателот да се доинформира на сајтот 365.ком.мк.

Рецензија: Откриена е пирамида на Водно (ФОТО) Линк до оригиналниот напис: Откриена е пирамида на Водно (ФОТО)

Датум и време на објавување: 16.06.2013, 12:15

Датум на рецензирање: 26.06.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Фактите во написот се базираат на фотографии со појаснувања, објавени на сајтот 365.ком.мк, кој пак пренесува материјал објавен на страница на Фејсбук наречена „Пирамида-Водно, Скопје, Македонија“, но веродостојноста на наводите може да ги потврди односно отфрли само лице стручно за областа на археологијата (и, евентуално, геологијата). Меѓутоа, авторот ниту се труди да ја утврди веродостојноста, ниту пак поставува професионална дистанца од пласираните факти.

Извори на информации: Иако не е професионално коректно наведен, изворот на информацијата е порталот 365.ком.мк, кој пак пренесува пишување од страница на Фејсбук (погрешно претставена како група), што би се дефинирало како неофицијален и нерелевантен извор.

Содржајност: Веста е несеопфатна бидејќи не се исцрпени ниту основните опции да се дојде до вистината за содржината која се пласира.

Пристрасност: Делумното прикажување на вистината е одраз на неангажираноста на новинарот до неа да дојде по пат на истражување.

Коментирање: Не се гледа обид коментирањето да се издвои од фактите.

Оригиналност/Плагијат: Линкот даден на крајот на текстот покажува дека се работи за нецелосно пренесен текст од порталот 365.ком.мк.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и дезинформира бидејќи новинарот не направил обид да ја постави критичката дистанца со прашалник… ( на пример: „Откриена е пирамида на Водно?!?“)

Фотографија: Понудено е изобилие на фотографии, исто така пренесени од изворот и тие се всушност една од позитивните страни на написот.

Говор на омраза: Нема елементи на говор на омраза во овој текст.

Заклучок: Пропуштена е шансата една интригантна тема да биде обработена според начелата на новинарското пишување и на читателот да му биде дадено интересно и информативно четиво, што е, претпоставуваме, цел на еден релевантен информативен портал. Наместо тоа, понуден е еден несреден и недовршен напис, кој не претендира да остави подлабок впечаток на читателската публика.

Рецензија: Откриена е пирамида на Водно (ФОТО)

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција