Рецензија: Ова се разбојниците, тепачите и ајдуците на полицискиот ден
Насловот: „Ова се разбојниците, тепачите и ајдуците на полицискиот ден“, прозвучува како да се случило своевидно спектакуларно апсење на некаква разбојничко–криминална група и тоа баш на Денот на полицијата! Но, од ваквата драматика најавена во насловната конструкција, нема ниту „д“ во редовите што се исшпишани подолу во написот, поточно препишани од полицискиот билтен. Ниту, пак, станува збор за Денот на македонската полиција, бидејќи тој е на седми мај, а не на 14 јануари.
Линк до оригиналниот напис: Ова се разбојниците, тепачите и ајдуците на полицискиот ден
Датум и време на објавување: 14.01.2015, 13:02
Датум на рецензирање: 15.01.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ПРЕПИШАН ПОЛИЦИСКИ ИЗВЕШТАЈ
Податоците наведени во материјалот се вистинити. Информацијата е проблематична поради начинот на кој е пласирана. Иако не е наведен изворот, видливо е, односно, премногу е очигледно дека се работи за дневен полициски извештај.
Фактички, пред нас имаме комплетно препишан билтен од МВР – објавен на интернет-страницата на Министерството на 14 јануари 2015 година, кој без никаква новинарска доработка на читателите им е подметнат како вест.
Згора на тоа, препишаниот полициски извештај, кој, патем, бележи сосема вообичаени активности на полициските службеници, е озаглавен со целосно промашен наслов:
„Ова се разбојниците, тепачите и ајдуците на полицискиот ден“
А, како илустрација е употребена фотографија на која се прикажани двајца полицајци сликани од зад грб. Тоа изгледа некако неумесно, дури и смешно.
Пропустите што се направени не може да се оправдаат со брзањето да се објави информацијата. Впрочем, и не е во прашање некаква ексклузивна вест.
Па, гледано од професионален аспект, несомнено можело да се вложи барем малку труд, колку да се избегне крутиот полициски речник и да се направи друг избор на насловната конструкција и на илустрацијата. Тоа не бара многу време, но така оваа содржина би заличила на новинарски производ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар