Рецензија: Ова се тројца најдобри стилисти во Македонија
Во поплава на информации од политика и црна хроника, новинарскиот производ кој го рецензираме претставува право освежување, посебно што станува збор за фотосесија на тројца најпознати стилисти и фризери во Македонија. Тематски ова може да се сврсти во мода, естрада, модни трендови. Проблемот во текстот е што медиумот не ги претставил како најпознати, што е општо прифатено мислење, туку како најдобрите, а тоа со ништо него поткрепил.
„Александар Билјановски-Дадар, Сретен Костиќ од студио „Арт“ и Љупчо Петрушевски-Бубе од студио „Ин“ се најдобрите стилисти кај нас кои со години ја разубавуваат македонската естрада.
Линк до оригиналниот напис: Ова се тројцата најдобри стилисти во Македонија
Датум и време на објавување: 26.08.2014 11:31
Датум на рецензирање: 27.08.2014
Рецензент: Александар Писарев
КАДЕ Е ГРЕШКАТА
Медиумот не се повикува ни на една референтна институција, резултати од натпревар, оценка на жири од некаква ревија, со што би ја поткрепил тезата дека тие се најдобри. Споменатата тројка на стилисти можеби учествувала на некакви домашни и меѓународни смотри и натпревари на овој занает и освоиле дипломи и признанија со кои можат да се пофалат дека се меѓу најдобрите или најдобри, но во информацијата тоа го нема.
Врз основа на што тогаш читателите да веруваат дека: „ Дадар е најдобар во шминкањето, Сретен во фризурите, а Бубе Ин во иновацијата во фризурите“. Не го оспоруваме квалитетот на нивните услуги, но за да добијат епитет „најдобри“ медиумот требало да се повика на некоја некакво референтно рангирање или слично, што тоа би го потврдило. Вака се добиова впечаток дека се работи за промотивен, рекламен текст.
Во светот и во регионот постојат и модни списанија кои организираат ревии и натпревари за оваа категорија на услуги, но во текстот не се гледа дека можеби медиумот кој ги претставува бил организатор на таков натпревар и во конкуренција на други учесници овие тројца ги прогласил за најдобри. Во спротивно, читателите се доведени во заблуда, и изманипулирани уште во насловот „Ова се тројцата најдобри стилисти во Македонија“.
КОЈ ЈА НАПРАВИЛ ФОТО-СЕСИЈАТА ?
Нема дилема дека овој новинарски производ се одликува со еден од основните квалитети во новинарското изразување – содржајност. Содржајноста е дополнета со убава фото-сесија на ликовите за кои станува збор. Меѓутоа, читателите апсолутно не мораат да ги познаваат споменатите ликови, па се пред ребусот: кој е кој на овие фотографии, бидејќи никаде нема легенда, што е основно правило во новинарството кога текстот се илустрира со фотографии. Секоја фотографија мора да има легенда за читателот да знае што гледа пред себе. И, кога веќе зборуваме дека фотографиите се квалитетни и привлечни, редно било да се знае и нивниот автор.
Не е испочитуван член 4 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Член 4.
Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар