Рецензија: Падна маската на новинарката од Алсат: Ќе оди ли после се Наташа на кафе во Студеничани?

Пред ужасните навреди, етикетирање, омаловажување и малициозноста кои бликаат од ова четиво, несомнено попроблематични се мотивите за неговото објавување – поставено прашање кон функционер. Се води хајка против новинарката Наташа Стојановска, која освен тоа е што е спротивна на она што го налага етичкиот кодекс на професијата, е и на ниво кое е мизерно ниско, речиси неверојатно стереотипно, полно со предрасуди и навреди. Критиката на сечија работа која не е поткрепена со аргументи, ниту со оправдани вредносни судови, резултира со текст кој е навредлив, клеветнички, тенденциозен и крајно неколегијален.

natasastojanovska1 gbЛинк до оригиналниот напис: Падна маската на новинарката од Алсат: Ќе оди ли после се Наташа на кафе во Студеничани?

 

Датум и време на објавување: 21.11.2014 11:52

 

Датум на рецензирање: 22.11.2014

 

Рецензент: Мирослава Бурнс

За да ги објасниме стартните позиции на професионалното новинарство, кои се погребани во ова четиво, ќе цитираме неколку членови од Кодексот на новинари создаден за да биде водилка на новинарите кога создаваат содржини да го задржат достоинството на својата професија, да не клеветат и да не навредуваат. Експлицитно во Кодексот е наведено дека не е дозволено професионален и етички новинар да го користи медиумот за пресметка со други личности, вклучително и неговите колеги, а доколку му биде доделено од уредникот да напише таков текст, тогаш тој има право (и професионална обврска!) да ја одбие работната задача.

Член 11

 

Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.

 

Член 13

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

 

Член 15

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.

Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

 

Член 16

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

 

Член 17

Новинарот има право да одбие работна задача до колку е во спротивност со принципите на овој Кодекс.

 

Во овој текст нема ништо вистинито. Станува збор за хајка, збирштина напади, навреди и етикетирања. Овој текст е срамно нефактичко, неаргументирано напаѓање на новинар, пристрасно морализирање. Навредата и клеветатата се казниви со закон, а непотпишувањето на текстовите не ги амнестира уредниците од одговорност. Некои делови од текстот се сосема нелогични. На пример, зошто Стојановска се обвинува за пропаганда? Каква „сизифовска работа“ и е наводно доделена?

По вчерашното гостување на првиот човек на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски во емисијата „Економски магазин“ на телевизија „Алсат“ кога кон крајот на интервјуто беше директно испровоциран од новинарката Наташа Стојановска, очигледно е дека обидот на пропагандната машинерија која стои зад новинарката и додели да сработи сизифовска работа.

И повеќе од очигледно е дека Наташа својата плата која ја заработува од албанската редакција ја „заслужува“ работејќи по истиот терк и старата школа која на нејзините претходни работодавачи им донесе само дебакал и затворски казни.

Во погоре цитираниот пасус, тенденциозно се поврзува новинарката со етничка заеднициа со цел да се омаловажи и се остава впечаток дека се осудува и се дискредитира и се доведува во прашање нејзиното право да работи. Секој може да работи за работодавач од било каква етничка заедница, без за тоа да биде повикуван на одговорност. Се остава впечаток дека е проблем ако некој работи во албанска редакција што е особено стереотипно, полно со предрасуди и нефактичко неаргументирано стојалиште кое покажува малициозност. Зошто е во наводници зборот „заслужува“? Но, доаѓаме до еден од најпроблематичните делови, каде Стојановска се обвинува за поддржувач на незаконитости, се етикетира и се стигматизира за дела кои не ги сторила по основа на претходно работно искуство. Ова е скандалозно.

Велат на грешките се учи, но на поранешната новинарка од А1 и сегашната новинарка во Алсат по сѐ изгледа никој не и појаснил дека само „оние кои не ја сфатиле работата“ учат на свои грешки. И покрај „провидниот“ обид да се испровоцира првиот човек на УЈП со поставување на прашања кои се далеку од секој новинарски кодекс директно конфрнотирајќи се со државните интереси и институции, Наташа не сметала дека самата ќе си рипне во „уста“.

Непотпишаниот автор дели лекции за грешки, за принципиелна работа но самиот тоа со пример не го покажува. Крајно цензорски и вон слободата на изразување, членот 16 од Уставот за слобода на изразување на мислата, авторот и ЗАБРАНУВА на Стојановска да ги стави под знак прашање „државните институции“. Коментарите се во речиси секоја реченица.

По нејзиниот пример за жал може да се види дека иако новинарот треба да биде критика на состојбите во државата од друга страна работејќи за туѓите интереси си го продава не само интегриетот туку и ја доведува својата и онака веќе „излитена“ новинарска репутација под голем знак прашалник.

Паѓаат тешки недокажани обвинувања за „работа за туѓи интереси“, „продавање на интегритетот“, и „излитена“ новинарска репутација“. Непотпишаниот автор неосновано го поврзува прашањето на Стојановска кон директорот на УЈП со контрола на УЈП во која биле нападнати инспектори. Ова мешање баби и жаби и хушкање може да го наведе читателот да помисли дека Стојановска е на некој начин „одговорна“ за тие напади.

Со оглед дека полесно е да се седи под клима и да се одработува платата пиејќи кафе и следејќи ги слепо инструкциите на надредените се поставува прашањето, дали по вчерашните случувања во Студеничани и нивната демонстрација на каменување како начин на прифаќање на законот и редот кој треба и е крајно време да се воспостави, Наташа би испила кафенце во кафуле во Студеничани со истата онаа мирна насмевка со која од фотеља си ја заработува платата обидувајќи се со евтини „новинарски“ трикови од старата школа да предизвика искривена слика во огледалото на јавноста?

Епа нека и е наздравје кафето… Ако воопшто може да го испие.

Во горенаведениот пасус, се прави обид да се претстави работата на Стојановска како „лежачка“, а нејзината плата незаслужена. Провокациите кон колешката се малициозни, тенденциозни, прават обид да ја стават на некаков ѕид на срамот, како да е таа одговорна за водењето на политиките на власта и криминалот на улиците. Ваквите текстови мора што поскоро да се осудат, како неприфатлив, неетички, тенденциозен, хушкачки напад без причина, без аргументи. Медиумите иако се приватна сопственост на луѓе, пред се се јавно добро, имаат одговорност кон сите на кои им се обраќаат. Постојаното потенцирање на тоа дека Стојановска работи за албанска редакција е непотребно и не е од важност за приказната, и отвора прашања за чесните намери на непотпишаниот автор да го проблематизира тоа.

.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција