Рецензија: Паника во струшкиот огранок на СДСМ
Да се пронајде жанрот на ова писание е навистина тешко, но со сигурност може да се каже дека не се работи за информативен жанр, поради тоа што не се одговара на петте новинарски прашања.
Линк до оригиналниот напис: Паника во струшкиот огранок на СДСМ
Датум и време на објавување: 30.03.2014, 18:30
Датум на рецензирање: 31.03.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитоста на фактите е неможно да се утврди бидејќи фактите ги нема. Тонот на пристрасност шto го следи овој медиумски производ, остава впечаток дека неговата основна функција не е да информира туку да шпекулира:
Откако ВМРО-ДПМНЕ ги објави листите за пратеници во 5 изборна единица и каде што јасно стои дека Струга добива три пратеници во добитна комбинација, паника во СДСМ Струга, пишува Струга Прес.
Формулацијата „паника во СДСМ“ е толку општа и аморфна, апстрактна и недефинирана, што воопшто не е можно да се утврдува нејзината вистинитост. Кој бил во паника? Каква паника? Оваа формулација остава впечаток на паушалност и нема поблиско лоцирање, така што на читателот најверојатно нема да му биде јасно кој паничел, за што во текстот не се дава оправдана причина за верување.
Само една од непознатите категории во овој текст се изворите на информации. Ниту има изјави, ниту обиди да се стапи во контакт со некој од оние на кои се мислело кога се пишувал текстот. Како неуспешен обид за оградување е поставен линк до друг медиум.
Освен ставови, впечатоци и нафрлени неаргументирани тврдења, овој текст не содржи никаква новост. Неговата неуверливост ја засилуваат и конфузните реченични конструкции. На пример:
Иако СДСМ Струга доби само едно пратеничко место на листата за пратеници во петта изборна единица и тоа на дискутабилното 5 место, денеска во Струга доаѓа Заев и Шеќеринска во мисија на смирување на членството. СДСМ Струга биле буквално изненадени од ваквиот потег на владејачката партија, која дефинитивно ја става Струга на врвот на својата агенда.
Од ова е сосема нејасно како тоа огранок на политичка партија „добива пратенички места на листа на пратеници“. Во низата нелогичности се приклучува и формулацијата дека „СДСМ Струга биле изненадени“. Поради тоа што СДСМ Струга не се претставува како субјект што има членови и раководство, туку како апстрактно нешто, дополнително станува неуверлива информацијата за наводната паника.
Од секој параграф во медиумскиот производ блеска пристрасноста засилена и од реторика што меша религиска припадност со политика и поставува една партија во наводно подобра позиција од друга партија поради религиозната припадност на кандидатите на листата.
Со поставувањето на кандидат за пратеник од македонците муслимани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ Струга добива уште еден удар, ако се знае дека СДСМ не ни помислилe на својата листа во петта изборна единица да ги подржат македонците муслимани.
Ова е недозволиво според новинарскиот кодекс каде што пишува:
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
Кога во ист кош се ставаат и баби и жаби, па се прават аналогии кои реално не соодветствуваат на контекстот и оставаат впечаток на провокации се добива следната реченица:
Заев и Шеќеринска денеска ќе мораат на некои „прашања“ да им одговараат на Стружани иако пред 10 години беа главни протaгонисти за бојкот на референдумот за Струга со девизата ”Некои прашања не заслужуваат одговор”.
Насловот како најава на она што следува по кликнувањето, не е оправдан. Не е јасно кој бил во паника, зошто бил во паника и нема ниту една изјава што би го обелила образот на напишаното.
Веќе во првиот параграф па до крајот на текстот, станува јасно дека тој сериозно отстапува од нормативите на новинарската професија од аспект на објавување точни и проверени факти и праксата во модерниот журнализам, да се одвојуваат фактите од мислењата и веста од коментарот.
На крајот останува да завршиме со членот 14 од Кодексот на новинарите:
Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.
Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар