Рецензија: Павлевски: Кинеските компании кои сакаат да инвестираат во Европа, треба тоа да го направат преку Македонија

Pavleski Kina investicii-crop-resize

Станува збор за целосно преземена агенциска вест. Целосно, освен насловот, кој е ставен од медиумот чија вест ја рецензираме и е проблематичен. Исто така, иако веста е преземена од агенција, тоа не значи дека таа може некритички да се преобјави и тоа особено во ситуација кога во извештај од меѓународен форум има само една страна и кога соговорникот е донекаде нејасен и се потребни дообјаснувања на неговите изјави.

Pavleski Kina investiciiЛинк до оригиналниот напис: Павлевски: Кинеските компании кои сакаат да инвестираат во Европа, треба тоа да го направат преку Македонија

Датум и време на објавување: 29.08.2014

Датум на рецензирање: 29.08.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Точно е дека веста задоволува минимум содржајност, но тоа не значи дека голиот минимум е во ред. Станува збор за извештај од Кинескиот инвестициски форум во Прага на кој присуствуваше македонска делегација на чело со министерот за странски инвестиции, Бил Павлески. И, за чудо, во овој извештај единствен со кој е разговарано е токму Бил Павлески и никој друг. Тука веднаш се поставува прашањето зошто е постапено така? Со Павлески можеме да разговараме во секое време – тој е во Скопје. Но, со другите учесници од форумот ова била одлична можност за комуникација и директно запознавање со намерите на Кина за инвестирање во регионот. Многу подобро ќе беше да чуеме што тие мислат како, каде и во што би инвестирале во Источна и Југоисточна Европа, отколку да ги слушнеме желбите на нашиот министер за странски инвестиции, кои и онака во голем дел ни се познати.

Најпрвин да појасниме. Горниот пасус е напишан под претпоставка дека новинар на државната агенција МИА бил на лице место. Така и стои на почетокот на оригиналната вест:

„Прага, 29 август (МИА) – Кина е заинтересирана за соработка со цела Централна и Источна Европа, особено со учество во изградба на железници и пристаништа во регионот. Ова го истакна кинескиот вицепремиер Џанг Гаоли на свеченото отворање на Кинескиот инвестициски форум, кој од вчера се одржува во Прага…“

Кога ова ќе се напише на ваков начин, тоа значи дека се известува од Прага и дека она за што Кина е заинтересирана е слушнато и дознаено од лице место. Но, во веста нема ничија друга изјава освен онаа на Павлески и нема извадок од ничие излагање, иако на форумот (и на уште една паралелна конференција на истата тема) имало 1.200 делегати. Од 1.200 делегати и 12 часа панел дискусии, сигурно некој кажал нешто интересно што можело да се пренесе.

Не е непозната пракса на големите информативни агенции (кои на крајот од вестите, покрај имињата на авторот и уредникот, ги објавуваат и нивните телефони за да можат да бидат контактирани од претплатниците за дополнителни информации) да им се побара и дополнување на текстот што го испратиле до клиентите.

Од друга страна, пак, исто е можно МИА и да немала дописник на овој форум и изјавата на Павлески да е добиена по телефон. Но, тогаш проблематични се две работи. Прво, не може да се каже дека се известува од Прага: „Прага, 29 август (МИА)…“ и второ, во појаснувањето за изјавата на Павлески за МИА требало да стои дека таа е добиена по телефон или електронска пошта. Вака, не знаеме дали МИА имала дописник на лице место или не. Но, порталот што ја презел оваа вест требало да се информира и да побара дополнувања за да не мора да објави вест во која има изјава само на едно домашно лице од Скопје, а станува збор за меѓународен настан на кој присуствувале со 1.200 луѓе од десетици земји.

Главната изјава на Павлески од која е преземен и насловот на текстот е донекаде претенциозна:

„- При билатералните средби и моите излагања, особено внимание посветивме на прашањето дека е многу важно кинеските компании кои сакаат да инвестираат во Европа за производство на нивните стоки, тоа да го направат преку Република Македонија, подвлече Павлески додавајќи дека била потенцирана добрата бизнис клима на нашата земја, како и позитивните услови и поволната фискална политика.“

Како прво, иако со Кина имаме соработка на план на патната и железничката инфраструктура (стр. 37 од документот – ПДФ формат, англиски јазик), нема никакви најави за некакво „производство на нивните стоки“ во земјава. Потоа, многу нејасно е за кого е „многу важно“ кинеските компании евентуалното идно и непознато производство да го направат преку Република Македонија. Да, може да се каже дека за нас тоа е „многу важно“, но зошто би било „многу важно“ за Кина. Особено што за некакво кинеско производство во регионов многу тешко станува збор. Кина само во Србија, поточно во Врање ќе изгради фабрика за соларни панели (линк на српски јазик), но тоа е за потребите на тамошната кинеска соларна електрана (срп.), која исто треба да се гради. Во БиХ Кинезите градат хидроцентрала (линк на англиски јазик), а во Србија, пак, се очекува да бидат вложени 2 милијарди долари (анг.), исто во енергетиката. Значи, освен инвестиции во енергетиката и во патната и железничката инфраструктура, не станува збор за некакво кинеско производство. Целта на Кина во регионов е да се засили и зголеми трговската размена (анг.). Имајќи го предвид сето ова, нејасно е за какво идно евентуално кинеско производство говори Павлески и за каква важност станува збор.

Насловот е на слична линија: „Павлевски: Кинеските компании кои сакаат да инвестираат во Европа, треба тоа да го направат преку Македонија“. Ова вака директно кажано не може да стои. Изгледа како министерот Павлески да им попува и како од позиција на надреден да им „соли памет“ на кинеските партнери. Настрана што нејасното „многу важно“ на Павлески овде е претворено во „треба“. „Многу важно“ не е исто што и „треба“. А, ако некаде треба прецизност, тоа сигурно е во насловот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција