Рецензија: Педофил од кичевско бил осуден на смрт

Треба ли да се врати смртната казна, само за педофили?

Рецензија: Педофил од кичевско бил осуден на смртЛинк до оригиналниот напис: Педофил од кичевско бил осуден на смрт

Датум и време на објавување: 21.05.2013

Датум на рецензирање: 21.05.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост: Написот на сајтот Кичево.мк го посочуваме како пример за начинот на кој наводи за кои претпоставуваме дека се точни (факти), се прекршуваат низ призмата на автор кој има и прифаќа очигледни предрасуди кон темата.

Извори на информации: Написот на локалниот сајт од Кичево се повикува на два извора – на напис во весникот Вечер [рецензија], кој пласира една неактуелна приказна, како и на статија од Википедија на тема „педофилија“.

Ниту Вечер, кој има едностран и ригиден став кон актуелната тема, а ниту Википедија, не можат да се сметаат за официјални и релевантни извори.

Содржајност: Текстот не содржи контекстуални елементи, кои ќе ги поврзат издвоените и неповрзани агли на приказната – пресудата од Кичево од 1987 година, приказната за укинувањето на смртната казна во Македонија, податоците од Википедија за педофилијата и настанот од Кичево од пред две години (пресуда за обљуба врз дете).

Пристрасност: Очигледната наклонетост (пристрасност) кон мислењето за што построго казнување на педофилите (по можност, со смртна казна, како во 1987 година), во написот се брани со сомнителни аргументи, чиј главен извор е Википедија. Всушност, во конкретниот случај, не е спорна Википедија, туку интерпретациите на она што го пишува таму.

Така, авторот пишува:

„Педофилијата не е болест и не може да се излечи. Како еден од начините за превенција, некои земји ја применуваат кастрацијата“.

На Википедија, пак, според наведениот линк, пишува нешто поинаку:

Although pedophilia has yet no cure, various treatments are available that are aimed at reducing or preventing the expression of pedophilic behavior, reducing the prevalence of child sexual abuse. Treatment of pedophilia often requires collaboration between law enforcement and health care professionals. A number of proposed treatment techniques for pedophilia have been developed, though the success rate of these therapies has been very low.“

„Иако за педофилијата сѐ уште нема лек, достапни се неколку третмани кои целат кон намалување или превенирање на изразувањето на педофилско однесување, намалување на распространетоста на сексуалната злоупотреба на деца. Третирањето на педофилијата често изискува соработка меѓу оние кои го спроведуваат законот и здравствените работници. Развиени се неколку предложени техники за третман на педофилијата, но степенот на успех на овие терапии е многу низок“.

Поврзувањето на приказната за смртната пресуда за убиецот и силувачот на својата ќерка од Зајас со темата педофилија е сугестивен спин кој сака да нѐ наведе на тезата дека соодветна казна за педофилија е само капиталната. Без оглед што заговарањето на таков став е легитимно, сетот „аргументи“ со кој се брани тезата е неуверлив и манипулативен.

Плагијат: Со оглед што авторот навел извор (напис во Вечер), но без линк до текстот изворник, тешко е да се определи нивото на оригиналност на овој напис.

Квалитет на насловот: Насловот, кој прво го привлекува вниманието со сензационалната „вест“ во него, со ништо не навестува дека станува збор за настан од 1987 година – неговата функција е веднаш да ја сугерира централната теза, за читателот да реагира: „Така е, пак треба да се воведе смртна казна, за педофилија!“ Или барем кастрација…

Заклучок: Како што веќе рековме, текстот на Кичево.мк, кој се повикува на напис во дневниот весник Вечер, сугерира враќање на смртната казна, конкретно за педофилија. Авторот се повикува на спорната теза дека педофилијата е „неизлечива болест“, при што смртната казна веројатно се сфаќа како чин на специјална превенција (педофилите треба да се елиминираат).

Аболицијата е една од клучните вредности на Уставот на независна Македонија и секое заговарање на идејата за враќање на капиталната казна е удар врз либералниот дух на нашата конституција.

Рецензија: Педофил од кичевско бил осуден на смрт

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција