Рецензија: Пендаровски бара решавање на името далеку од очите на јавноста

b-pendarovski-imeto-0987-0900-crop-resize

Вон контекст, вон контекст, вон контекст… Тоа е сумарната оценка за овој текст. Земена е изјава од пред неколку месеци и сега е актуелизирана. Зошто? Бидејќи неа ја дал актуелниот кандидат на опозицијата за претседател на државата. Значи, тоа што тој го рекол пред 3 месеци тогаш можеби не било релевантно, но сега е поради неговиот сегашен ангажман. Мириса на политичка „манџа“ нели?  Дополнително, „алармот“ е вжештен, бидејќи човекот зборувал за прашањето за името – тема која, нели, е во доменот исклучиво на власта, која, пак, најмногу „многу милува“ да ја шири својата „борбеност и патриотизам“ во секое предизборие во изминатите 8 години. Кога тоа ќе се збере со фактот дека станува збор за „бајата“ изјава многу лесно се увидува дебелата политичка, а не новинарска мотивираност за пишување на написот.

bЛинк до оригиналниот напис: Пендаровски бара решавање на името далеку од очите на јавноста

Датум и време на објавување:  07.03.2014, 12:21

Датум на рецензирање:  08.04.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ВИСТИНИТОСТА СИ „ЗАМИНАЛА“ ДОМА

За да ја оправдаме оценката „вон контекст,“ изнесена погоре, треба да дадеме објаснување зошто. Изјавата на сега претседателскиот кандидат е дадена во сосема друго својство како универзитетски професор и експерт за прашањето за името. Тоа не е наведено во текстот со што јасно публиката се доведува во заблуда. Друга работа која можеби е уште „покрупна“ во вадењето вон контекст е суштината на тоа што е кажано и како е протолкувано.

„Мислам дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, но, при тоа, да го сочуваме народот затоа што тоа е апсолутен приоритет број еден“.

Дали е ова исто со твредњето дека тој бара името да се реши далеку од очите на јавноста? Не. Тоа некому му било јасно од самиот почеток, но, сепак, се решило да се продолжи со пласирањето на таквата теза која дополнително е зачинета со елементи на конспиративност и обиди за корелација со настаните во 90-тите години и приемот на Македонија под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. (Колку за информација, кратенката ФИРОМ, како што е напишано во текстот, е токму тоа што грчките дипломати сакаат да го слушнат во „секојдневната севкупна употреба“). И веќе е излетена фразата дека „некој сака нешто тајно да направи“, бидејќи чинам од 2009 година наваму јавноста нема ама баш никаков увид во процесот за името, бидејќи некој смета дека тоа е негово екслузивно право. Вистинитоста си „заминала“ дома.

 

НЕКОЈ НЕКОМУ МУ „СТАВА ЗБОРОВИ ВО УСТА“

Целата конструкција се темели на една изјава преземена од интервју од пред 3 месеци која е коректно пренесена, но потоа извртена. На актуелниот кандидат за претседател, позиција која според уставот има ингеренции во надворешната политика, му се „ставаат зборови во уста“. И оттука, ако некој нешто толкува, а всушност погрешно го толкува, не можеме да зборуваме за содржајност, бидејќи таа намерно е спинувана.

Присуството на спин-елементи, пак, става до знаење дека има опасност од неизбалансираност. Така е и во овој случај. Јасно, пристрасноста е од политичка природа во овој текст за кој би било преамбициозно да се нарече „оригинал“, бидејќи не нуди некакви авторски белези. Повеќе е напластување на непоткрепени тези врз основа на една „претумбана“ изјава.

Една од главните улоги во извртувањето на ситуацијата ја има насловната конструкција. Знаеме дека атрактивен наслов е магнет за публика, но тоа на подразбира и мешање на лончињата по секоја цена. Вистината не може и не смее да биде заложник на сензационализмот.

Summa summarum: вон контекст, вон контекст, вон контекст……

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција