Рецензија: Пендаровски фатен во фалсификат, СДСМ купува лажна поддршка
Веќе самиот наслов „Пендаровски фатен во фалсификат, СДСМ купува лажна поддршка“ укажува на карактерот на написот – дискредитирачки, со силни негативни квалификации. Текстот, имено, тврди дека Фејсбук поддршката за официјалниот профил на претседателскиот кандидат на СДСМ (лајковите) е „збогатена“ со додавање на лајкови од други страници и профили на Фејсбук, кои претходно немале никаква врска со Стево Пендаровски, но, потоа тие страници биле преименувани и „мерџирани“ односно споени со официјалната страница на Пендаровски и лајковите кои таму стоеле, се слеале на контото на кандидатот на социјалдемократите.
„Мерџирање“ на страници, кои првобитно имале сосема друга намена, нивно преименување во страници за поддршка на одреден политичар, според правилата на социјалната мрежа Фејсбук, овозможува собраните „лајкови“ за поддршка на тие првобитни страници кои биле, да речеме за спорт, трговија, поп музика или слично, да се „прелеат“ на официјалната страница на тој политичар, без притоа луѓето кои ги дале „лајковите“ да бидат свесни дека во меѓувреме и несакајќи станале негови поддржувачи. Оваа можност е сосема реална, но написот своето тврдење се обидува да го илустрира со„докази“ во вид на скрин-шотови (“screen-shot”- фотографија на интернет страница), кои „фалсификатот“ не го докажуваат, поради тоа што овие фотографии многу лесно можат да се „штелуваат“ со помош на едноставна процедура на компјутер, за да прикажат непостоечка ситуација! Ваквите непоткрепени тврдења тешко можат да се оквалификуваат поинаку освен како обид за претставување на опозициониот кандидат во негативно светло.
Линк до оригиналниот напис: Пендаровски фатен во фалсификат, СДСМ купува лажна поддршка
Датум и време на објавување: 6.03.2014, 11:17
Датум на рецензирање: 10.03.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Написот се темели на факти, за кои делумно може да се утврди дека се неточни, а делумно не може да се утврди вистинитоста и веродостојноста. На почетокот на текстот стои дека во рамките на кампањата на Стево Пендаровски, бил откупен просторот на воведната страна на социјалната мрежа Фејсбук и дека банерот поставен таму, видлив на секој корисник поединечно, бил скапа кампања која доживеала фијаско. Ова тврдење е без основ, бидејќи нема начин да се дознае дали ваквата кампања доживеала фијаско, пред да се видат резултатите од изборите.
Единствен извор на кој се повикува во овој напис се содржини на социјалната мрежа Фејсбук, но читател кој нема да се задлабочи во анализа на понудениот материјал нема лесно да ги детектира манипулациите со кои овој напис изобилува.
Политичката пристрасност што провејува низ написот е нескриена, нема ниту обид за избалансиран приод, па читателот е барем начисто со мотивите кои стојат зад овој текст.
Насловот е сензационалистички, содржи тешка квалификација дека претседателскиот кандидат на најголемата опозициона партија лично направил фалсификат, па, дури и да не биде прочитан целиот текст ова тврдење се врежува во меморијата на читателот и може да учествува во креирањето на неговиот политички став, што е една од методите на политичката пропаганда. Целиот напис е илустриран со screen-shot од страници на Facebook, со кои лесно се манипулира. Ваквата интервенција може лесно да се изведе, таа е видлива само за оној кој ја прави и не создава промени на вистинската страница, но, затоа, пак, овој трик може да се употребува како „доказ“ дека нешто се појавило на Фејсбук, иако тоа не е вистина.
Заклучок: Социјалните мрежи сѐ почесто се мегдан за биење политички битки, па овие избори во Македонија не ги заобиколија. Освен традиционалното вкрстување на копја на политичките неистомисленици, промоциите и навивањето за една или друга политичка опција, опциите кои ги нуди Фејсбук овозможуваат злоупотреба и нечесни игри. На дел од нив укажува и овој напис. Проблемот е, меѓутоа, што понудените докази „мирисаат на местенка“, па наместо да докажат злоупотреба, тие самите се сомнителни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар