Рецензија: Пендаровски ги доби гласовите, Црвенковски апсолутен победник на конгресот на СДСМ

21-pendarovski-republika-09876500-crop-resize

Манипулација со факти, извртување на настани од минатото, обид за сериозно спинување на актуелната ситуација. Ова се само некои од карактеристиките со кои се одликува овој текст чија „формална“ задача е да ни каже кој е кандидатот на опозицијата за претседател на државата, а „фактичка“ наредба, (не) се знае од каде, е да „отвори оган“ врз спомената личност. Притоа, не се внимава на употребата на средства за да се исполни целта, а професионалните стандарди се останати „таму некаде“. Намерата да се споменуваат настани од пред десетина години и повеќе е очигледно за да се „забошотат“ вистинските случувања од почетокот на веков. За среќа, не сите имаме толку кусо паметење како што некој мисли, или, пак, сака да нѐ убеди. 

2Линк до оригиналниот напис: Пендаровски ги доби гласовите, Црвенковски апсолутен победник на конгресот на СДСМ

Датум и време на објавување:  04.03.2014, 22:33

Датум на рецензирање:  07.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

КАДЕ Е ВИСТИНИТОСТА?

Колку за илустрација, ќе наведеме само неколку примери во текстов, кои не се докрај прецизни, разјаснети, па дури и неточни.

Прво, трансферот на Пендаровски од МВР во кабинетот на претседателот Трајковски е поради заминувањето на дотогашниот советник за национална безбедност на амбасадорска позиција.

Второ, Пендаровски станува претседател на ДИК во 2004-тата, по загинувањето на шефот на државата, по низа консултации на политичките партии и од власта и од опозицијата и неговиот избор е одобрен од дел од тогашниот опозициски табор – ДПА и Либералната партија.

Трето, Пендаровски, како што се тврди, немал став како треба да се одвива процесот за прашањето за името?! Овие изјави ги демантираат таквите констатации.

Четврто, напишаното дека Пендаровски како прв човек на ДИК кумувал на територијалната поделба е апсолутна небулоза, бидејќи јасно е кои и какви се овластувањата на претседателот на Државната изборна комисија. Територијалната поделба беше изгласана во парламентот, а не во ДИК. Толку за прашањето за вистинитост на овој напис, мислам дека е доволно.

Откако ќе се утврди, што не е многу тешко, дека точноста е на „една нога,“ се наметнува прашањето врз основа на што се темели текстот. Одговорот е: најмногу врз „рекла кажала – ветер и магла“. Зошто? Затоа што на ниту едно место немаме јасно наведен извор, ниту, пак, соговорник кој би ги потврдил или во доволна мерка аргументирал изнесените заклучоци. Вака испаѓа дека имаме осврт за „ликот и делото“ на Пендаровски, ама најмногу врз база на лични перцепции. Ако веќе се сакало некој да се сецира, тогаш требало да се употребат вистински прецизни новинарски „алатки“: фактографија, изјави, документи, податоци, секако извори, а не тапа „партиско-политичка“ секира.

Таквиот пристап се одразува и врз содржајноста на текстот која е тешко оштетена поради отсуството на вистински тек и објаснување на настаните од 90-тите години па досега. Во овој сегмент единствено позитивно би го издвоиле хронолошкото редење на случувањата. Меѓутоа, недоволната јаснотија на самите ситуации од минатото, како и (не)намерното избегнување на тогашниот општествен и политички контекст резултира со пренесување на нецелосна ситуација на читателите, кои, пак, затоа би можеле да извлечат сосема погрешни заклучоци.

 

ХИБРИД МЕЃУ АНАЛИЗА И КОМЕНТАР

Можеби тој ефект и сакал да се постигне, а како аргумент за таквата можна теза е пристрасноста која е на „ептен високо ниво“ за што доволно зборуваат формулациите од типот:

„Покрај своето политичко бледило Пендаровски на совест ќе ја носи и целата матна процедура за негов избор за кандидат на СДСМ за претседател“;

 

„Иако важи за политичар кој има добри врски со голем број новинари ако внимателно се следат неговите јавни настапи ќе се забележи дека Пендаровски речиси никогаш нема дадено прецизна изјава за било кое прашање. Тој секогаш знае што е корисно за него и неговиот имиџ во јавноста но никогаш досега не дал свој цврст став особено за теми кои што се сензибилни. Тоа е причината поради која во јавноста важи за човек без свој став кој повеќе е познат по неговиот изглед отколку поради тоа што го мисли или изјавува“.

Слични „кованици“, со силно коментаторско присуство, доминираат во целиот текст:

„Што и да е вистината за Пендаровски таа на крајот ќе биде откриена, ниту еден лажго а уште помалку марионета не може да ја добие довербата кај народот.

Тоа се потврдило многу пати досега , нема причина оваа практика да запре и по оваа кампања“.

Оттука, се наметнува прашањето што читаме: анализа, коментар или пак некоја хибридна варијанта.

 

„МАШКИ“ ЗАКЛУЧОЦИ БЕЗ „МАШКИ“ ПОТПИС

Овој „мутант“, меѓу другото, се одликува и со „машки“ констатации, ама „немашки“ е непотпишан, иако е неизбежен авторскиот впечаток на текстот кој не ја крие „амбицијата“ по секоја цена да докаже дека „Пендаровски е човек на Црвенковски“ – теза истопорена во насловот. Се прават обиди тоа тврдење да се аргументира преку фактот дека едниот навистина бил советник во кабинетот на другиот. И тоа е тоа. Нема друг доказ дека „Црвенковски го истуркал Пендаровски“. Се изгубивме во лавината „диригирани“ информации пласирани за ситуацијата во опозицијата. Де Бранко и бранковистите се против Заев и Радмила, де Стево е човек на Бранко, ама едвај поминал на Конгресот, де Заев е „сенката“ на Црвенковски“… Ајде решете што е и како е…

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција