Рецензија: Пендаровски во старата Скопска чаршија го пречека само „Аман“

I-Република-Online-republika_mk__p214585-crop-resize

Материјалот што го рецензираме е необјективен, пристрасен и крајно тенденциозен од насловот: „Пендаровски во старата  Скопска чаршија го пречека само „Аман“ “, па до последниот ред. Уште во самиот старт со забележлива доза на задоволство с е констатира дека, наводно, пропаднала прошетката на Пендаровски во Старата Чаршија.

Една недела по изборот за кандидат на опозицијата за претседател професорот Стево Пендаровски излезе на јавен настан и веднаш со соочи со проблем. Наместо стотици граѓани како што му било најавено Пендаровски бил пречекан само од претставници на невладината организација Аман .

Во овој спинерски производ, испишан во 12 реда со јасна критизерска интонација кон опозицијата и нејзиниот претседателски кандидат, видлива е идејата да креира мислење дека Пендаровски нема поддршка во јавноста.

FireShot Screen Capture #216 - 'Пендаровски во старата Скопска чаршија го пречека само „Аман“ I Република Online' - republika_mk__p=214585Линк до оригиналниот напис: Пендаровски во старата  Скопска чаршија го пречека само „Аман“

Датум и време на објавување: 9.03.2014, 17:35

Датум на рецензирање: 10.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ФОТОГРАФИЈА КАКО „КРУНСКИ ДОКАЗ“

Неименуваниот автор на написот како „крунски доказ“ за изнесените тврдења нуди фотографија. На неа е претставен Пендаровски во едно кафуле во Чаршијата во друштво на неколку млади луѓе, меѓу кои е и лидерот на граѓанската иницијатива „АМАН“. Оваа илустрација се третира како силен „аргумент“ во прилог на тврдењето дека:

„…лидерот на невладината „Аман“ блиска до СДСМ кој заедно со други  активисти треба да го пополни празниот простор поради отсуство на вистински подржувачи на Пендаровски и опцијата која што ја застапува“

Ваквите наводи се неиздржани. Да се тврди вакво нешто само врз основа на една фотографија е претензиозно.

Медиумите кои го  регистрираа овој настан, објавија вести- прилози со поинаква конотација. Главно информираа дека Пендаровски во неделата го испил првото кафе во Чаршијата  и разговарал со граѓаните кои се нашле таму во тоа време, како и со занаетчиите. Дел од  нив му порачале дека „Македонија заслужува да има лидер како него“ .

Во текстот не се посочуваат извори на информации, па се добива впечаток дека е работен врз основа на фотографијата. Неименуваниот автор, без да наведе прецизни  извори и без конкретен доказ и аргументи, пласира во  јавноста произволни толкувања. Текстот нема намера да информира. Тој е неизбалансиран и политички некоректен. Конструкцијата на приказната и начинот на кој е пласирана даваат јасни насоки на која страна натежнува пристрасноста.

 

ВЕСТ – КОМЕНТАР

Целиот материјал е коментаторски скроен. Тој почнува и завршува со коментар:

Со инволвирањето и злоупотреба на здруженија кои што се претставуваат како граѓански а всушност се приврзоци на политички партии како во случајов СДСМ се врши манипулација со невладиниот сектор.

Коментаториските елементи се во функција на дискредитирање  на Пендаровски и на опозицијата, но и на невладината „АМАН“. Контекстот во кој е употребен терминот „приврзок“ делува прилично навредливо. Впрочем, не е првпат оваа граѓанска иницијатива да се етикетира со цел да се маргинализираат нејзините активности.

Во насловот со кој е озаглавен текстот е пласирана невистина. Тој е наведувачки и има за цел да создаде перцепција дека појавата на Пендаровски во јавноста не привлекува внимание.

Текстот е илустриран со две фотографии. Првата – централна, е клучна за приказната која им се сервира на читателите. Таа треба да го долови впечатокот дека Пендаровски бил осамен во Чаршијата, а ситуацијата колку-толку ја спасила невладината „АМАН“! Втората фотографија е помала, таа е ставена на крајот од написот и треба да послужи како своевиден  доказ дека социјалдемократите стојат зад оваа граѓанска асоцијација.

Во оваа жанровски недефинирана новинарска содржина, што наликува на вест-коментар, се е испомешано. Па, така, имаме информација дека Педаровски не предизвикал никакво внимание (меѓу обичните граѓани) во Чаршијата, потсетување дека „АМАН“ „по налог на СДСМ ги организираше протестите против поскапувањето на струјата“  и заклучок дека „СДСМ врши манипулација со невладиниот сектор“. 

Написот е наменски конструиран и нештата ги прикажува само од еден агол. Тука несомнено затаиле професионалните новинарски стандарди кои налагаат непристрасност и објективност во известувањето за политичките процеси, а посебно за изборите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција