Рецензија: Пилотот Митре отишол да ја вери, манекенката Орешкова побегнала со манекенот Кристијан
Целиот овој текст е наратив на непотпишан автор, а всушност е прераскажување на чаршиски муабет за „пилотот Митре, манекенката Цеце и за манекенот Кристијан“. Ваквото „новинарство“ очигледно им пречи и на читателите, па и оваа рецензија е на предлог на читател.
Наслов на анализираниот напис: Пилотот Митре отишол да ја вери, манекенката Орешкова побегнала со манекенот Кристијан
Датум и време на објавување: 30.10.2014, 00:19
Датум на рецензирање: 3.11.2014
Рецензент: Викторио Јаковлески
КАКО МУАБЕТ „НА СЕЛСКА ЧЕШМА“
И покрај тоа што актерите во оваа приказна се живи и здрави, а сигурно и лесно достапни, авторот одбира да си ја раскаже слушнатата приказна, тамам и да не е вистинита. Небаре, така се зборувало „на чешма“ и тоа мора да биде точно. Главните актери во приказната изгледа како да не се толку битни за авторот на текстот, кога веќе избрал да не ги праша што навистина се случило. Сепак, очигледно е спротивното, за случајот на манекенката, авторот е многу заинтересиран, како што и самиот наведува во текстот:
„Таа како што пишувавме извесно време му беше и гостинка во неговиот дом таму и меѓу нив се развила љубов.“
Во овој текст, за жал, потребата за вистинитост е анулирана со потребата за зголемена читаност, забава, сензационализам и за број на „лајкови“.
Приказната е исплетена врз основа на информациите од „нивни заеднички пријатели“, „изворите“, „нејзини пријателки“ или, пак, „нејзини блиски“. Никаде го нема ставот на актерите во приказната, нивната вистина или, пак, образложение дека не сакале да одговорат на прашањата.
Уште во првиот член од Кодексот на новинарите на Македонија е кажано дека новинарот треба да објавува точни, проверени информации, а ако информацијата не може да ја потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да го каже и да го објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Добро, тука се работи за содржина од забавен карактер и, можеби, нема потреба од инсистирање на стриктно детално придржување до Кодексот, но, сепак, основите се задолжителни за сите, а веројатно и личностите за кои се говори во текстот не се толку недопирливи за да бидат прашани.
Како потврда на ова, во истиот медиум следи и демантот од страна на, пилотот Митре Крајовски, кој го негира сето изнесено во написот и во кој тој се заканува со тужба.
Медиумот и авторот се за пофалба што го објавуваат демантот, но повторно се испушта можноста тоа да се направи во интегрална верзија, туку по мал цитат, се продолжува со коментар.
Ако основата на секој новинарски жанр е да има одредена порака, цел и влијание врз јавното мислење, ни од далеку не е јасна потребата да се изнесе на виделина нечија толку приватна работа, тамам и наведеното во написот да е сосема точно. И Кодексот во член 7 вели:
„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.“
Тука не може да се говори за некаков јавен интерес. Напротив, се чепка во приватност, во интима. Оваа афера, доколку е вистинита, па и да не е, би можела да предизвика серија проблеми во животите на тројцата наведени актери од приказната, но и пошироко, на нивните семејства, партнери…
Се наметнуваат прашањата, дали евентуалната штета е пресметана пред да се објави овој напис, дали е проценето дали еден „лајк“ вреди повеќе од, на пример, душевниот мир на еден човек?
Веднаш под насловот се поставени три фотографии, кои изгледаат тенденциозно, а авторот на текстот навистина се потрудил да ги најде за да го илустрира своето „дело“. Манекенката, како неостварена невеста, е во невестински фустан, додека пилотот, според контекстот на написот како „насамарен и нереализиран младоженец“, е прикажан со послободна и разголена фотографија, а не во убава пилотска униформа или, пак, обична секојдневна гардероба. И на крај, повторно манекенката во послободна, провокативна и асоцијативна поза. Фотографиите во текстот ја создаваат приказната сами по себе. Манекенот, новиот свршеник, не е прикажан со фотографија.
Ако биле почитувани неколку сегменти од првиот член од Кодексот, авторот ќе можел да ја објави истата „сензационална вест“, која немало да ја има формата на муабет „на селска чешма“, туку ќе располагала со точни информациии, немало да има потреба да ја чека тужбата од една од засегнатите страни. Вака, штетата е направена…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар